Празнина КОЈА сјае: Македонија Saturday, 2024-05-18, 10:09 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Blog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
музика [1]
текстови [2]
фотографии [2]
филмови [5]
разно [12]
теми [4]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  October 2013  »
SuMoTuWeThFrSa
  12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728293031
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2013 » October » 27 » Николај Сергеевич Трубецки За вистинскиот и лажниот национализам
    6:23 AM
    Николај Сергеевич Трубецки За вистинскиот и лажниот национализам

    Николај Сергеевич Трубецки

     

    За вистинскиот и лажниот национализам

     

    Статијата била издадена во зборникот "Излез кон Исток", Софија 1921 г., с. 71-85

     

    1921

     

                    Односот на човекот кон културата на својот народ може да биде доста различен. Кај романогерманците овој однос се определува со посебна психологија, која може да се нарече егоцентрична. "Човек со силно изразена егоцентрична психологија несвесно се смета себе за центар на Вселената, венец на созданието, најдобар, најсовршен од сите суштества. Од две различни суштества, она кое му е поблиско, кое повеќе личи на него - е подобро, а она кое стои подалеку од него - е полошо. Затоа, секоја природна група на сушстества, во која овој човек припаѓа, тој ја признава за совршена. Неговото семејство, неговиот сталeж, неговото племе, неговата раса - се подобри од сите останати, слични на неговите". Романогерманците, бидејќи сосем нахранети со оваа психологија, цела својата оценка на културите на земјината топка ја градат на истата. Затоа за нив се возможнi два вида на односи кон културата: или признавање, дека повисока и посовршена култура во светот е културата на оној народ на кого припаѓа определениот субјект "кој дава оценка" (Германец, Французин, итн.), или признавање, дека венец на совршенство не е таа поодделна разновидност, но цела општа сума на блиските по образ со неа сродни култури, создадени во заедничката работа на сите романогермански народи. Првиот облик во Европа го носи името на тесен шовинизам (германски, француски, итн.). Вториот облик најточно може да се означи како "општогермански шовинизам". Меѓутоа, романогерманците секогаш биле толку наивно уверени во тоа дека само тие се - луѓе, што се нарекувале себе "човештво", својата култура "општочовечка цивилизација" и најпосле, својот шовинизам - "космополитизам". Што се однесува до нероманогерманските народи, кои ја примиле "европската култура", тие обично заедно со културата од романогерманците ја примаат и оценката за оваа култура, лажејќи се со неправилните термини "општочовечка цивилизација" и "космополитизам", кои ја маскираат тесноетнографската содржина на соодветните поими (сфаќања). Благодарение на тоа, кај таквите народи оценката на културата веќе не се создава на егоцентризмот, а на некој своеобразен "ексцентризам", поточно - на "европоцентризмот". За тоа, кон какви гибелни последици неизбежно треба да доведе овој европоцентризам на сите европеизирани нероманогерманци, ние зборувавме на друго место. Да се избави од тие последици интелегенцијата на европеизираните нероманогермански народи може само преку радикален пресврт во своето сознание, во своите методи на оценка на културата, јасно осознавајќи, дека европската цивилизација не е општочовечка култура, а само култура на определено етнографско лице, романогерманците, за кои таа и е задолжителна. Како резултат на овој пресврт треба на радикален начин да се измени односот на европеизираните нероманогермански народи кон сите проблеми на културата, и старата европоцентрична оценка треба да се замени со нова, која се темели на потполно други основи.

                    Долгот на секој нероманогермански народ се состои во тоа, како прво, да го надвладее сопствениот егоцентризам, а како второ, да се огради од лагата за "општочовечка цивилизација", од стремежот, по секоја цена, да биде "вистински европеец". Овој долг може да се формулира со два афоризми: "спознај се самиот себе" и "биди самиот себе".

                    Борбата со сопствениот егоцентризам е возможна само при самопознание. Вистинското самопознание ќе му го укаже на човека (или на народот) неговото вистинско место во светот, ќе му покаже, дека тој - не е центар на Вселената, не е папокот на земјата. Но истото самопознание ќе го приведе и кон сфаќање (разбирање) на природата на луѓето (или народите) воопшто, кон појаснување на тоа, дека не само субјектот кој се самоспознава, туку и ниеден друг од нему сличните не е центар или врв. Од сфаќање (разбирање) на својата природа човекот или народот преку задлабочување на самопознанието доаѓа до сознание за еднаквата вредност на сите луѓе и народи. А заклучок од овие сфаќања е утврдувањето на својата самобитност, стремежот да се биде самиот себе. И не само стремежот, но и умешноста. Зашто оној кој самиот себе не се спознал, не може, не умее да биде самиот себе.

                    Само сфаќајќи ја својата природа, својата суштина со потполна јасност и полнота, човекот е способен да остане самобитен, ни миг не противречејќи си себе, не лажејќи се ни себе, ни другите. И само во ова воспоставување на хармонијата и целосноста на личноста на основа на јасното и потполно знаење на природата на оваа личност и се состои повозвишената среќа која може да се достигне на земјата. Заедно со тоа, во ова се состои и суштината на нравственоста, бидејќи при вистинското самопознание, пред се, со необична јасност се познава гласот на совеста, и човекот кој живее така, кој никогаш не ќе падне во противречност со самиот себе и секогаш ќе биде пред себе искрен, задолжително ќе биде нравствен.  Во тоа е и повозвишената духовна убавина која дадениот човек може да ја достигне, зашто самоизмамата и внатрешната противречност, неизбежни при отсуство на вистинско самопознание, секогаш го прават човека духовно безобразен. Во истото тоа самопознание се содржи и повозвишената мудроста достапна за човекот, како практичната, житејската, така и теориската, бидејќи секое друго знаење е призрачно и суетно. Најпосле, само достигнувајќи ја самобитноста, заснована на самопознанието, човекот (и народот) може да биде уверен во тоа, дека навистина го остварува своето назначение на земјата, дека навистина станува оној за што бил создаден. Со еден збор, самопознанието е единствената и највозвишена цел на човекот на земјата. Тоа е цел, но во исто време, и средство.

                    Оваа мисла не е нова, а е многу стара. Неа ја искажал уште Сократ пред дваесет и три века, да и Сократ своето "спознај се себе" не го измислил сам, а го прочитал од натписот на храмот во Делфи. Но Сократ прв јасно ја формулирал оваа мисла, прв сфатил дека самопознанието е проблем и етика и логика, дека тоа колку што е дело на правилното мислење, толку е и дело на нравствениот живот. Животното правило "познај се себе", давајќи му ја на секој човек истата, но по суштина на секого различна задача, имено, поради оваа синтеза меѓу релативното, субјективното и апсолутното, сеопштото, најдобро е приспособено кон тоа, да стане принцип надвремен и надпросторен, еднакво прифатлив за сите луѓе без разлика на националноста и историските епохи. Овој принцип останува во сила и до ден денешен, притоа за сите народи. Не е тешко да се докаже, дека ни една од религиите кои постојат на земајта не го отфрла и не го исклучува животното правило на Сократ, а некои религии дури го потврдуваат и го продлабочуваат; може да се покаже дека и повеќето арелигиозни концепции потполно се приспособуваат на овој принцип[i].  Меѓутоа, тоа би не однело премногу далеку и би не оттргнало од непосредната цел на нашето расудување.

                    Важно е да се забележи, дека резултатите на самопознанието може да бидат различни не само во зависност од индивидуалностите кои се спознават себе, но и од степенот и формата на самото познание. Работата на христијанскиот подвижник, која се состои во надвладување на соблазнувањето од гревот и во стремежот да се биде таков каков што Бог го создал човекот, по суштина е самопознание, кое се создава при раководство на Благодатта и при непрекината молитва. Тоа го приведува подвижникот не само кон високо нравствено совршенство, но и кон мистичко проникнување во смислата на битието и светот. Самопознанието на Сократ, кое е лишено од конкретна метафизичка содржина, довело кон хармонија на психолошката личност, кон мудрост на поведението, дури и кон извесна прозорливост во житејските прашања, меѓутоа, до потполн агностицизам во метафизичките прашања. Кај едни самопознанието протекува при силно преовладување на логичката рефлексија, кај други - при решавачкото учество на ирационалната интуиција. Формите на самопознание се премногу разнообразни. Важно е само, како разултат да се добие јасна и повеќе или помалку потполна претстава за самиот себе, јасно знаење на својата природа и рамнотежа на уделот на секој елемент, секоја пројава на оваа природа во нивната взаемна врска меѓу себе.

                    Се што е до сега кажано не се однесува само на индивидуалното, но и на колективното самопознание. Ако народот го разгледуваме како психички цело, како извесна колективна личност - треба за него да се признае некоја возможна и задолжителна форма на самопознание. Самопознанието логички е поврзано со сфаќањето на личноста; каде постои личност, таму може и треба да има самопознание. И ако во сферата на поединечниот човечки живот самопознанието е сеопфатна цел, која со себе ја исцрпува цела среќа достапна за поединечниот човек, цела нравственост, духовна убавина и мудрост кои може да ги постигне, тогаш исто таков универзален принцип тоа е и за колективната личност на народот. Посебноста на оваа личност се содржи во тоа, што народот живее со векови и во текот на тие  векови постојано се менува, така што резултатите на народното самопознание од една епоха не се веќе вистински за следната епоха, иако секогаш ја сочинуваат извесната база (основа), излезниот пункт на секоја нова самоспознавачка дејност.

                    "Спознај се самиот себе" и "биди самиот себе" - тоа се два аспекта на една и иста состојба. На надворешен начин вистинското самопознание се изразува во хармоничниот самобитен живот и дејност на дадената личност. За народот тоа е - самобитната национална култура. Народот се спознал самиот себе, ако неговата духовна природа, неговиот индивидуален карактер, си го наоѓаат најпотполниот и најсилниот израз во неговата самобитна национална култура и ако таа култура е потполно хармонична, т.е. одделните неговите делови не си противречат една на друга. Создавањето на таква култура и е вистинската цел на секој народ, исто како што цел на поединечниот човек, кој припаѓа на дадениот народ, е достигнување на таков начин на живот, во кој потполно, силно и хармонично би се воплотувала неговата самобитна духовна природа. Овие две задачи, задачата на народот и задачата на секој поединечен индивидуум, кој влегува во составот на народот, на најтесен начин се поврзани една со друга, взаемно се дополнуваат и се условуваат една со друга.

                    Работејќи на своето, индивидуално самопознание, секој човек се спознава себе, меѓу останатото, и како претставник на дадениот народ. Душевниот живот на секој човек содржи во себе секогаш извесни елементи од националната психа, и духовниот облик на секој поединечен претставник на дадениот народ задолжително во себе ги има цртите на националниот карактер во разнообразноста, зависно од индивидуумот, соединети еден со друг и со цртите повеќе поединечни (индивидуални, семејни, сталежни). При самопознанието сите овие национални црти во нивната општа сврзка со дадениот индивидуален карактер се потврдуваат, и истовремено се облагородуваат. И онолку колку што дадениот човек, спознавајќи се самиот себе, започнува "да биде самиот себе", тој задолжително станува и изразит претставник на својот народ. Неговиот живот, бидејќи потполн и хармоничен израз на неговата спознаена самобитна индивидуалност, неизбежно ги воплотува во себе и националните црти. Ако таквиот човек се занимава со творечка културна работа, неговото творештво, носејќи на себе отпечаток на неговата личност, неизбежно ќе биде обоено во тон на националниот карактер, во секој случај, нема да му противречи на овој карактер. Но дури ако човекот, за кого станува збор, не учествува во културното творештво активно, а само пасивно ги усвојува резултатите на ова творештво или учествува како исполнител во извесна област на културниот живот на својот народ - дури и во овој случај фактот на потполно и изразито воплотување во неговиот живот и дејност на извесни црти на националниот карактер (главно вкусови и предиспозиции) задолжително ќе помогнат на истакнување и засилување на општиот национален тон на битот на дадениот народ. А битот е она што го вдаховува творецот на културните вредности, што му ги дава задачите и материјалот за творештво. На тој начин, индивидуалното самопознание и помага на самобитноста на националната култура, самобитноста која, како што кажавме, е корелат на националното самопознание.

                    Но и обратно, самата самобитна национална култура му помага на индивидуалното самопознание на поединечни претставници на дадениот народ. Таа им го олеснува сфаќањето и познанието на оние црти на нивната индивидуална психичка природа, кои служат како пројави на општиот национален карактер. Бидејќи во вистинската национална култура сите такви црти си наоѓаат изразито и пластично воплотување, што му дозволува на секој индивидуум со поголема леснотија да ги наоѓа во самиот себе, да ги препознава (низ културата) во нивниот вистински облик и да им дава правилна оценка во општата битова перспектива. Хармоничната самобитна национална култура му дозволува на секој член на даденото национално цело да биде и да си остане самиот себе, во исто време престојувајќи во постојано општење со своите соплеменици. При такви услови човек може да учествува во културниот живот на својот народ потполно искрено, нелицемерно, не преправајќи се пред другите или пред самиот себе тоа што вистински никогаш не бил и нема да биде.

                    Како што се гледа од се ова, меѓу индивидуалното и националното самопознание постои најтесна внатрешна врска и постојано взаемно дејство. Колку повеќе во еден даден народ постојат луѓе "кои се спознале себе" и "кои станале самите себе" - толку поуспешно во него тече работата по национално самопознание и по создавање на самобитна национална култура, која, од своја страна, е залог на успешноста и интензивноста на самопознание на индивидуумот. Само при присуство на такво взаемно дејство меѓу индивидуалното и националното самопознание возможна е правилна еволуција на националната култура. Инаку последната може да застане на извесна точка, тогаш кога националниот карактер, составен од поединечни индивидуални карактери, ќе се измени. Во овој случај сета смисла на самобитната национална култура пропаѓа. Културата ќе го загуби живиот одзив во психата на своите носители, ќе престане да биде воплотување на националната душа и ќе се обрати во традиционална лага и лицемерие, кои можат само да го отежнат, а не да го олеснат индивидуалното самопознание и индивидуалната самобитност.

                    Ако се признае, дека возвишен земен идеал за човекот е потполно и совршено самопознание, тогаш треба да се признае, дека само онаа култура, која може да му помага на таквото самопознание, и е вистинска. За да му помага на индивидуалното самопознание, културата треба во себе да ги воплотува оние елементи на психологијата, кои се општи за сите или за повеќето личности, причесни кон една дадена култура, т.е. совкупноста на елементите на националната психологија. При тоа, културата треба да ги воплотува таквите елементи изразито, пластично, бидејќи колку поизразито тие ќе бидат воплотени, толку полесно ќе му е на секој индивидуум да ги познае низ културата во себе самиот. Поинаку кажано, само потполно самобитната национална култура е вистинска, само таа одговара на етичките, естетските и дури утилитарни потреби, од кои зависи секоја култура. Ако човек само тогаш може да биде признаен за вистински мудар, добродетелен, прекрасен и среќен, кога тој се спознал самиот себе и "станал сам себе" - тогаш истото е применливо и на народот. А "да се биде самиот себе" применливо на народот -значи "да се има самобитна национална култура". Ако од културата се бара, таа да им дава "максимална среќа на повеќето луѓе", работата поради тоа не се менува. Зашто вистинската среќа не се содржи во комфортот, не во задоволување на овие или оние поединечни потреби, а во рамнотежата, во хармонијата на сите елементи на душевниот живот (меѓу нив и на "потребите") меѓу себе. Сама по себе никаква култура таква среќа не може да му даде на човекот. Бидејќи среќата не лежи надвор од човекот, а во него самиот, и единствениот пат кон нејзино достигнување е самопознанието. Културата може само да му помогне на човекот да стане среќен, да му ја олесни работата околу самопознанието. А да го направи тоа може само во тој случај, ако биде таква каква што ја определивме погоре: потполно и изразито самобитна.

                    Значи, културата треба за секоја народ да биде друга. Во својата национална култура секој народ треба изразито да ја покаже цела своја индивидуалност, при тоа така, што сите елементи на таа култура да бидат во хармонија едни со други, бидејќи обоени во еден општ национален тон. Разликите на различните национални култури треба да се толку посилни, колку што се посилни разликите на националните психологии на нивните носители, поединечните народи. Кај народите кои се блиски еден на друг по својот национален карактер, и културите ќе бидат слични. Но општочовечка култура, еднаква за сите народи - е невозможна. При шарената разнообразност на националните карактери и психичките типови таквата "општочовечка култура" би се свела или на задоволување на чисто материјалните потреби при потполно игнорирање на духовните потреби, или на сите народи би им наметнала форми на живеење, кои произлегуваат од националниот карактер на некое едно етнографско наличие (лице). И во едниот и во другиот случај таа "општочовечка" култура не би одговарала на потребите, поставени на секоја вистинска култура. Вистинска среќа таа никому не би дала.

                    На тој начин, стремежот кон општочовечка култура треба да биде отфрлен. Обратно, стремежот на секој народ да создаде своја посебна национална култура има потполно морално оправдување. Секој културен космополитизам или интернационализам заслужува решително осудување. Меѓутоа, оттука не секој национализам логички и морално е оправдан. Постојат разни видови на национализам, од кои едни се лажни, други вистински, и само вистинскиот национализам е безусловно позитивен принцип на поведението на еден народ.

                    Од претходното станува јасно, дека вистински, морално и логично оправдан, може да биде признаен само оној национализам, кој произлегува од самобитната национална култура или е устремен кон таквата култура. Мислата за оваа култура треба да ги раководи сите дејствувања на вистинскиот националист. Неа тој ја брани, за неа се бори. Се што може да и помогне на самобитната национална култура, тој треба да го подржува, се што може да и попречи, тој треба да го отстранува.

                    Меѓутоа, ако со слична мера се приближиме на постоечките форми на национализам, лесно ќе се убедиме, дека во повеќето случаеви национализмот не е вистински, а лажен.

                    Многу почесто гледаме такви националисти за кои самобитноста на националната култура на нивниот народ е потполно неважна. Тие се стремат само кон тоа, нивниот народ, по секоја цена, да добие државна самостојност, да биде признаен од "поголемите" народи, "поголемите" држави, како полноправен член на "семејството на државнички народи" и во својата бит во се да наликува на тие "поголеми народи". Овој тип се сретнува кај разни народи, но особено често се појавува кај "мали" народи, при тоа нероманогермански, кај кои тој прима посебно грди, речиси карикатурни форми. Во таквиот национализам самопознанието не игра никаква улога, бидејќи неговите приврзаници воопшто не сакаат да бидат "самите себе", а обратно, сакаат да бидат "како другите", "како поголемите", "како господа", не бивајќи понекогаш ни големи, ни господа. Кога историските услови се подредуваат така што дадениот народ паѓа под власт или економско владеење на друг народ, кој му е потполно туѓ по дух, и не може да создаде самобитна национална култура без да се ослободи од политичкото иго или економската превласт на иноплемениците - стремежот кон еманципација, кон државна самостојност е потполно заснован, логички и морално оправдан. Сепак, секогаш треба да се помни, дека таквиот стремеж е законит само во оној случај, кога се појавува во име на самобитната национална култура, зашто државната самостојност како самоцел - е бесмислена. Меѓутоа, кај националистите за кои станува збор, државната самостојност и великодржавност се претвораат во самоцел. Уште повеќе, заради оваа самоцел се принесува како жртва самобитната национална култура. Бидејќи националистите од овој тип, за нивниот народ да биде сличен на "вистинските европејци", се грижат да му наметнат на народот не само и многу често потполно туѓи за него по дух форми на романогерманската држава, право и стопански живот, но и романо-германски идеологии, уметност и материјална бит. Европеизацијата, стремежот кон точна репродукција во сите области на животот на општороманскиот-германски шаблон, на крајот на краиштата, доведува до потполна загуба на секоја национална самобитност кај народот, раководен од такви националисти, многу брзо останува самобитен само фамозниот "роден јазик". Па и овој последниот, станувајќи "државен" јазик и приспособувајќи се кон нови, туѓи сфаќања и форми на битот, силно се искривува, прифаќајќи големо количество на романо-германизми и несмасни неологизми. На крајот на краиштата, официјалните "државни" јазици на многу "малите" држави, кои застанале на таквиот пат на национализмот, се речиси неразбирливи за вистинските народни маси, кои се уште не успеале да се денационализираат и да се обезличат до степенот на "демократија воопшто".

                    Јасно е дека таквиот облик на национализам, кој не се стреми кон национална самобитност, кон тоа народот да стане самиот себе, а само кон сличност со постоечките "големи држави", и не може да биде признаен за вистински. Во неговата основа не лежи самопознанието, а ситната суета, која е антипод на вистинското самопознание. Терминот "национално самоопределување", со кој многу сакаат да се користат претставниците на овој вид на национализам, особено кога припаѓаат на еден од "малите народи", е способен само да води во заблуда. Всушност, ништо "национално" и никакво "самоопределување" во тоа настроение на умот нема, и затоа воопшто не е зачудувачки што "самостојната инаквост" толку често се соединува со социјализмот, кој секогаш во себе ги содржи елементите на космополитизам, интернационализам.

                    Друг вид на лажен национализам се пројавува во воинствениот шовинизам. Овде работата се сведува на стремежот да се распространи јазикот и културата на својот народ на колку што е возможно поголем број на иноплеменици, искоренувајќи ја кај последните секоја национална самобитност. Лажноста на овој вид на национализам е јасна без посебни објаснувања. Затоа што самобитноста на една дадена национална култура вреди само дотолку доколку таа е во хармонија со психичкиот облик на нејзините создатели и носители. Кога културата се пренесува на народ со туѓо психичко уредување, целата нејзина смисла за самобитност пропаѓа и самата оценка на културата се менува. Во игнорирањето на овој сооднос на секоја дадена форма на култура со нејзиниот определен етнички субјект се содржи основната заблуда на агресивниот шовинизам. Овој шовинизам, заснован на суета и на одрекување на еднаквата вредност на народите и културите, со еден збор на егоцентричното самовеличање, е невозможен при вистинско национално самопознание и затоа, исто така, е спротивен на вистинскиот национализам.

                    Како посебна форма на лажен национализам треба да се признае и оној облик на културен конзервативизам, кој вештачки ја изедначува националната самобитност со некои веќе создадени во минатото културни вредности или форми на битот и не дозволува нивно менување дури и тогаш, кога тие јавно престанале задоволително во себе да ја воплотуваат националната психа. Во овој случај, потполно како и при агресивниот шовинизам, се игнорира живата сврзка на културата со психата на нејзините носители во секој даден момент и на културата и се придава апсолутно значење, независно од нејзиниот однос кон народот: "не е културата за народот, а народот за културата". Со ова пак се укинува моралната и логичка смисла на самобитноста како корелат на непрекинатото и постојано национално самопознание.

                    Не е тешко да се види дека сите разгледани облици на лажен национализам доведуваат до практични последици, гибелни за националната култура: првиот облик доведува до национално обезличување, кон денационализација на културата; вториот - кон губење на чистотата на носителите на дадената култура, третиот - кон застој, предвесник на смртта.

                    По себе се подразбира, дека поединечните облици на лажен национализам, кои беа разгледани од нас, се способни да се соединат еден со друг во разни помешани облици. Сите тие меѓу себе ја имаат таа општа црта, да принципиелно не се базираат на националното самопознание во погореопределената смисла на овој збор. Но дури и тие разновиднсоти на национализам, кои божем произлегуваат од националното самопознание и на него сакаат да ја засноваат самобитната национална култура, не секогаш се вистински. Се работи за тоа дека многу често самото самопознание се сфаќа премногу тесно и изведува неправилно. Често на вистинското самопознание му попречува некоја етикета, која дадениот народ поради нешто си ја залепил на себе и од која поради нешто не сака да се откаже. Така, на пример, правецот на културната работа на Романците во значителен степен е условена од тоа што тие се сметаат себе за "романски народ" на таа основа, што среде елементите, од кои се создала романската националност, во многу древни времиња постоел и мал одред на римски војници. Исто така и современиот грчки национализам, бидејќи по суштина помешан облик на лажен национализам, ја зголемува својата лажност уште и со едностраниот поглед на Грците за своето потекло: бидејќи, всушност, смеса на неколку етнички елементи, кои заедно со другите "балкански" народи направиле цел ред на општи етапи на културна еволуција, тие себе се сметаат за исклучителни потомци на древните Грци. Такви аберации зависат исклучително од тоа, што самопознанието во сите овие случаеви не се изведува органично, што не е извор на дадениот национализам, а само обид на историско засновање на самостојно инакви и шовинистички тенденции на овој национализам.

                    Набљудувањето на различните видови на лажен национализам контрастно истакнува каков треба да биде вистинскиот национализам. Произлегувајќи од националното самопознание, тој целиот е заснован на признавањето на неопходноста за самобитна национална култура, поставување на оваа култура како возвишена и единствена своја задача, оценувајќи ја секоја појава во областа на внатрешната и надворешната политика, секој историски момент од животот на дадениот народ од точка на гледање на оваа главна задача. Самопознанието му придава карактер на извесна самодостатност, попречувајќи му насилно да ја наметнува дадената самобитна национална култура на другите народи или раболепно да подражава друг народ, туѓ по дух, но таков кој поради нешто има престиж во определена антропогеографска зона. Во своите односи кон другите народи вистинскиот националист е лишен од секаква национална суета или честољубивост. Градејќи го својот поглед на свет на самодостатното самопознание, тој секогаш ќе биде принципиелно мирољубив и трпелив во однос кон секоја туѓа самобитност. Тој ќе биде туѓ и на вештачкото национално издвојување. Постигнувајќи ја со поголема јасност и полнота самобитната психа на својот народ, тој со посебна чувствителност ќе ги влева и во секој друг народ сите црти, слични на своите сопствени. А ако друг народ успеал среќно да воплоти една од овие црти во облик на оваа или онаа културна вредност, тогаш вистинскиот националист нема да се мисли да ја позајми оваа вредност, приспособувајќи ја кон општиот инвентар на својата самобитна култура. Два блиски по својот национален карактер народи, кои живеат во општење еден со друг, и двата раководени од вистински националисти, задолжително ќе имаат слични култури, благодарение на таквата слободна размена на културни вредности прифатлива за обете страни. Но ова културно единство сепак, принципелно ќе се разликвуа од она вештачко единство, кое е резултат на поробувачките стремежи на еден од народите кои соживеат заедно.

                    Ако во светлината на сите овие општи расудувања почнеме да ги разгледуваме оние облици на руски национализам, кои постоеле досега, ќе бидеме принудени да признаеме, дека вистински национализам во постпетровската Русија се уште немало. Повеќето образовани Руси потполно не сакале да бидат "самите себе", а сакале да бидат "вистински европејци", и поради тоа што Русија, без разлика на сета своја желба, никако не можела да стане вистински европска држава, многумина од нив ја презирале својата "заостаната" татковина. Затоа поголемиот дел од руската интелегенција до многу неодамна одбегнувала секаков национализам. Други се именувале себе како националисти, но всушност, под национализам го подразбирале само стремежот кон великодржавност, кон надворешна воена и економска моќ, кон блескава меѓународна положба на Русија, и поради тие цели сметале дека е неопходно најголемо можно приближување на руската култура кон западноевропскиот образец. На истиот тој раболепен однос кон западниот образци, кај некои руски "националисти", била засновата потребата за "русификација", која се сведувала кон поттикнување на премин во православие, кон принудно воведување на руски јазик и кон замена на иноплемените географски називи со повеќе или помалку несмасни руски: се тоа се правело само затоа што така постапуваат Германците, "а Германците се - културен народ". Некогаш таквиот стремеж да се биде националист затоа што и Германците се националисти, добивало многу длабоки и ситематично обмислени форми. Бидејќи Германците својата националистичка надменост ја засновале на заслугите на германската раса во создавањето на културата, нашите националисти исто така, се грижеле да говорат за некаква самобитна руска култура на 19-от век, преувеличувајќи го до полукосмички размери значењето на секој кој до некаде се отргнал од западноевропскиот шаблон на создавање на руското или макар творец со руско државјанство и ја објавувале таа творба за "вредносен влог на рускиот гениј во ризницата на светската цивилизација". За ваша паралела, како пандан на пангерманизмот бил создаден и "панславизмот", и на Русија и припишувале мисија да ги обедини сите словенски народи (т.е. кои ја промениле својата самобитност на романо-германски шаблон) кои "одат по патот на светскиот прогрес", за словенството (како лингвистичко сфаќање) да може да заземе "слично" или дури "првенствено" место во "семејството на цивилизираните народи". Овој правец на прозападното словенофилство во последно време во Русија станало мода дури и во такви кругови, каде порано зборот "национализам" се сметал за недоличен.

                    Меѓутоа, и постарото словенофилство никако не може да се смета за чиста форма на вистински национализам. Во него не е тешко да се забележат сите три облици на лажен национализам, за кои зборувавме погоре, при што на почетокот надвладеал третиот облик, подоцна - првиот и вториот. Секогаш се забележувала и тенденција рускиот национализам да се устрои по образецот и подобието на романо-германскиот. Благодарение на сите овие својства старото словенофилство и било неизбежно да се роди, без разлика на тоа што негова појдовна точка била чувствувањето на самобитноста и почетокот на националното самопознание. Овие елементи, очигледно, биле недоволно јасно осознаени и оформени.

                    На тој начин, вистинскиот национализам, сецело заснован на самопознанието и кој, во име на самопознанието, има потреба  од преуредување на руската култура во духот на самобитноста, до ден денешен во Русија бил удел само на поединечни личности, (на пример, некои од "раните" словенофили). Како општествено движење тој се уште не постоел. Во иднина претстои да биде создаден. И поради тоа и е неопходен тој потполн пресврт во сознанието на руската интелегенција, за кој зборувавме на почетокот на оваа статија.     

     


    [i] По суштина "спознај се самиот себе" како животно правило е основано на извесен философски оптимизам, на признанието, дека вистинската природа на човекот (како и на целиот свет) - е добра, разумна и прекрасна и дека се лошо во животот (злото, безобразието, бесмисленоста и страдањето) е плод на отклонување од природата, недоволно сознавање на својата вистинска суштина од страна на човекот. Затоа, правилото на Сократ, безусловно, не е прифатливо само за приврзаниците на крајниот философски песимизам. На пример, доследен будист, кој секое постоење во корен го признава како зло, бесмислено, безобразно и поврзано со страдањето, а приори треба да го отфрли барањето на Сократ. За таквиот будист единствен излез е самоубиството, но не физичкото самоубиство, не целесообразната последица на учењето за преселбата на душите, а самоубиство духовно, уништување на својата духовна индивидуалност (намарупа), т.е. - "нирвана", или "наполно превладување на раѓањето и смртта", според будистичката терминологија. Меѓутоа, повеќето будисти не се толку доследни и се ограничуваат само на теориското признавање на некои основни поставки на Буда. Практично тие се адепти на морално-индиферентниот политеизам и како такви можат да го примат правилото на Сократ до извесна граница.

    Category: теми | Views: 395 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024