Празнина КОЈА сјае: Македонија Saturday, 2024-05-18, 8:24 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Publisher | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My articles [58]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Articles » My articles

    Текст преземен од блогот Digital Areopagus посветен на преподобен Кирил Пејчиновиќ - 1 дел

    Преподобен Кирил Пејчиновиќ

    kiril.jpgТемава ја посветувам на отец Кирил Пејчиновиќ – Тетоец, големиот лешочки архимандрит и богомилслител од почетокот на деветнаесеттиот век. Процесот за негова канонизација за светител на Црквата е во тек, при што се надевам дека содржините и коментарите кои следуваат ќе најдат свој удел во него. Објавените текстови кои следуваат претставуваат извадоци од мојата дипломска работа, одбранета во јуни 2005 на православниот богословски факултет „Свети Климент Охрисдки" во Скопје, со наслов „Македонија помеѓу агиоритското просветителство на преподобен Кирил Пејчиновиќ и волтеријанското нововековно просветителство". Содржината и формата на текстовите ќе претрпат минимални корекции со цел подобро да се вклопат во концептот на блогот. 

    *

    Основната цел на овој труд е систематски и концизно да ги изложи фундаменталните принципи на македонско-агиоритското просветителско предание и да ја потенцира важноста на неговата улога во изградувањето и развојот на современата македонска просвета. Причина за прифаќањето на оваа, ни малку лесна задача, беше согледувањето на кризата[1] во која македонската просвета се наоѓа денес. Станува збор за нејзината „схизофренична" противпоставеност во однос на Црквата, состојба сосема непозната и туѓа на милениумската културна и просветна историја на македонскиот литургиски воспитуван етнос.

    Главен предуслов за правилното разбирање на оваа криза и изнаоѓањето на соответен начин за нејзино надминување, претставува проширувањето на историските, просторните и идејните граници на нејзиното поимање. На тој начин, станува очигледна нејзината суштинска втемеленост во Адамовиот пад и распарчувањето на првобитно зададениот богочовечки егзистенцијален идеал. Црквата, со самото свое постоење во светот, како жив богочовечки организам, претставува одговор на оваа глобална криза – спасителна мисија на Црквата се состои токму во нејзиното надминување и во враќањето на човекокт во теандричниот начин на постоење во светот.

    Преподобен Кирил Пејчиновиќ е карактеристичен претставник на ова предание. Запознавањето со основните начела и со суштиниските поенти на неговото просветителско дело, за современиот македонски човек претставува најсоответен вовед во богочовечката философија на живеење на христијанската православна Црква и патоказ во процесот на враќањето на македонската просвета на нејзините историски темели.


    [1] Во овој контекст, од особено значење е подвлекувањето на семантичката содржина на грчиот збор κρίσις, кој, пред сè, подразбира стоење пред избор од пресудно значење, или суд.

    Куса биографија и библиографија

    kiril1.jpg1. Преподобен Кирил Пејчиновиќ е роден во православно христијанско семејство, во Теарце, Тетовско, околу 1770 година. Љубовта кон монашкиот подвиг и образованието ја стекнува често посетувајќи ги македонските манастири, од кои најзначајно влијание врз неговата понатамошна животна определба имал манастирот „Света Пречиста Кичевска". Заедно со татко му Пејчин, по кого го добил презимето, и со чичко му заминува за Света гора атонска. Во манастирот Хиландар прима монашки потстриг, при што го добива името Кирил и бива ракоположен за јеромонах.

    Оттаму доаѓа во Марковиот манастир, Скопско, каде игуменствувал осумнаесет години. Во 1818 година, откако повторно ќе го посети Хиландар и ќе земе благослов од отците, заминува во родното Теарце и набргу станува игумен на Лешочкиот манастир. Го обновува запустениот манастир, ги гради црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица, конаците и други придружни објекти. По дваесет и седум годишното игуменствување во лешочкиот манастир, во 1845 година, отец Кирил се упокојува во Господа.

    Автор е на: Огледало (печатено во Будим, 1816), Житие на кнезот Лазара со паметник за обновата на лешочкиот манастир (1818), Утешение грешним (напишано во 1831, печатено во Солун, 1840); три писма до српскиот кнез Милош Обреновиќ (1832-1833) и стихуваниот епитаф (1835). Од големо значење за неговата биографија е и „дневникот", кој го водел запишувајќи куси записи на ѕидовите и книгите во храмовите и манастирите кои ги посетувал.


    Коливарите

    kiril2.jpg

    2. Кириловото израснување во семејство, на кое подвигот му бил есенцијален животен импулс, било овенчано со примањето на монашки потстриг и свештеномонашки чин на Света гора атонска во знаменитиот Хиландарски манастир. Таму тој се сретнува со најавтентичниот и најдлабокиот православен подвижнички живот, но и со многубројните искушенија, со кои неговите носители се соочувале низ целата времена историја на Црквата. Ваквата духовна атмосфера имала пресудно значење во формирањето на неговата личност.

    Во времето кога Кирил Пејчиновиќ за првпат доаѓа во Хиландар[1], целиот монашки живот на Света гора атонска бил разбрануван од спорот поврзан со движењето на светогорското филокалиско (коливарско) движење.

    Коливарството, како чисто агиоритско движење, по својот дух аналогно на исихазмот од 14. век[2], се застапувало за враќање кон фундаменталните принципи на православното подвижничко искуство. Негова општа карактеристика е „тежбата на неговите носители да му останат докрај верни на светоотечкото предание и на патристичкиот пристап кон тајната на откровението. Без да се занемари знаењето повеќе се подвлекувало значењето на внатрешниот духовен и морален препород"[3]. На тој начин, коливарството се јавува како „противтежа на рационалистичко-просветителското движење од XVIII век и првата половина на XIX век"[4], кое за основен критериум на познанието ги зема природата и умот, а со таквиот вид на познание го мери и откровението.

    Спротивставувајќи се на актуелните отклонувања од православното црковно предание, тие имале за цел да му го доближат на народот Божји автентичното богословие на светите отци. При толкувањето и преведувањето светоотечката литература тие се користеле со говорниот народен јазик. Нивната доследност и втемеленост во Светата литургија се проектирала во сите сфери на нивното дејствување, при што особено „се труделе да ја инкорпорираат библиската порака во човечкото катадневие"[5].

    Тие категорично се спротивставиле на неправилните практики распространети меѓу христијаните како нередовното причестување, суеверието и погрешното извршување на богослуженијата. Своето име „коливари" го добиле токму поради нивното застапување благословувањето на пченицата (коливото) да се извршува во сабота, како што е пропишано од каноните, а не во Недела, како што се практикувало[6]. Оттука, може да се забележи дека тие „се одликувале со верност од старозаветен тип кон црковните обреди и литургиското правило, но верност што сепак била богословски и духовно осмислена"[7].

    Борејќи се против идеите на свиоте идејни „Варлаами", кои ригидно го отфрлале нивното учење, филокалистите се соочувале со многубројни искушенија. На помесниот собор во Цариград, одржан 1819 година, учењето за редовното причестување на бележитиот претставник на движењето Никодим Агиорит било потврдено, а со тоа и самото коливарство било општо и официјално препознаено од Црквата.

    Во овој контекст, мора да се нагласи исклучителното значење на Света гора како интелектуален центар на православието во иноверната турска империја. Образованието, кое монасите го добивале на овој, не без причина наречен „пустински универзитет"[8], во никој случај не е за потценување, особено ако се земат за примери поедини негови „студенти" и „професори" од овој период, а особено знаменитите претставници на филокалиското движење, како Неофит Капсокаливитски, Атанасиј Пароски, Никодим Агиорит, Макариј Коринтски, Пајсиј Величковски, Пајсиј Хиландарски и Кирил Пејчиновиќ. Библиотеките на светогорските манастири претставувале неисцрпни сокровишта на божествената, но и човечката философија и наука[9]. Непобитно е дека синергизмот помеѓу молитвата и работата, како едно од основните начела на светогорскиот подвижнички живот, секогаш ја опфаќал и интелектуалната работа.

    Ваквата средина, втемелена врз принципите на филокалиското движење, а во која младиот монах Кирил духовно и интелектуално се изградувал, извршила пресудно влијание врз оформувањето на неговата личност и во потполност го осмислила неговиот понатамошен животен подвиг. Севкупното негово дејствување е во потполност проникнато со идеите на филокалиското движење, со што игуменот Кирил се вбројува меѓу најзначајните негови претставници во Македонија, заедно со јермонахот Јоаким Крчовски и презвитерот Саво Калишки. Во потполност посветувајќи се на подвижничкиот монашки живот и препознавајќи го од Бога даруваниот учителски дар, јеромонахот Кирил добива благослов од хиландарските отци да се врати во Македонија и да започне со својата просветителска дејност.


    [1] Точното време на Кириловото заминување на Света гора и времетраењето на неговото тамошно подвизување не е познато, но во секој случај, тој период на неговиот живот му припаѓа на крајот на XVIII век.

    [2] И покрај далеку пооскудното богословско образование на коливарите, во споредба со она на големите претставници на исихазмот, помеѓу нив постои изразита сингенијалност, содржана во заедничката вкоренетост во истото духовно-егзегетско предание.

    [3] Стефан Санџакоски, Историјата како иконостас, Скопје 2003, стр. 142

    [4] Исто, стр. 142

    [5] Исто, стр. 142

    [6] Кратко житие на свети Никодим АгиоритУспение бр. 5, Јуни 2003, стр. 77

    [7] Стефан Санџакоски, Историјата како иконостас, Скопје 2003, стр. 142

    [8] Кратко житие на свети Никодим АгиоритУспение бр. 5, Јуни 2003, стр. 77

    [9] Образованието стекнато на „пустинскиот универзитет" не може да се вреднува само од аспект на формата, на квантитетот на информациите кои тој ги нуди на своите „студенти". Ваквиот пристап кон образованието е својствен за секуларниот образовен систем. Од таквата еднострана перспектива произлегува и потценувачкиот однос кон неговите претставници кон реалните образовни капацитети на „манастирските училишта". Нивната предност е, пред сè, во суштината, а не во формата. Во нив процесот на образованието е органски поврзан со воспитниот процес, што не е случај со секуларниот образовен концепт. Според христијанското теолошко предание, образованието секогаш подразбира уподобување на Првообразот, а воспитувањто (=хранење) секогаш во себе носи длабока евхаристиска поента и претставува незаобиколен дел од процесот на образованието.

    Значењето на „пустинскиот универзитет" се состои првенствено во суштината на неговото образование и воспитание, а не толку во формалниот степен на едуцираност кој може да се стекне во него – Богочовекот останува негова крајна смисла и критериум. Во христоцентричното образование ништо не претставува причина само за себе – Христос е причина за сè и цел на сè е да се стигне до Христа. Просветување за да се спознае Светлината, изучување на словото за да се спознае Словото, барање на вистината за да се пронајде Вистината – токму во тоа се состои и суштината на Кириловото просветителство.

    Според ваквиот образовен концепт, сите интелектуални модификации и надградувања се пожелни, но не надвор од оваа основа, не надвор од Христа, бидејќи, во спротивано, секое образование (без Образот како конечна цел), останува до смрт обесмислено, суетно и апсурдно. Тоа е патот на нововековното просветителство и цивилизацијата која произлезе од него – светот на апсурдот, бесмислата и бавната, но сигурна смрт. Длабоката егзистенцијална поента на христоцентричниот просветителски и образовен модел ја надминува по својата важност надворешната интелектуална орнаментика. Во тоа и се состои предноста и возвишеноста на „пустинскиот универзитет" над граѓанскиот.


    Игуменот Кирил

    kiril22.jpg3. Кириловиот живот во Македонија, по враќањето од Света гора, може грубо да се подели, според местото на неговото подвизување, на два периоди – времето на неговото игуменствување во Марковиот манастир и игуменствувањето во Лешочкиот манастир. Но, на есенцијален план, пред сè на план на неговото дејствување, забележителен е еден непрекинат континуитет. Тој од почетокот, па сè до крај, останува литургиски човек, во најдлабоката смисла на зборот – без драстични скокови и падови, без вратоломни апостазии и потресни обраќања, без идејни превирања во неговата проповед – неговата мисла е една и единствена, сосредоточена во подвигот на животот во и за Светата литургија.

    Таков карактер има севкупното негово животно дело – обновителните потфати на манастирските комплекси во кои игуменствувал, живата постојана проповед со збор и со дело, а пред сè неговите малкубројни, но извонредно значајни писмени творенија. Од генијалното „Огледало" па сè до знаменитиот лешочки епитаф, кој со свои раце го издлабил во камен, тој останува светогорец, до крај верен на филокалиското просветителско движење.

    Category: My articles | Added by: Вељанко (2013-08-15)
    Views: 365 | Comments: 1 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024