Празнина КОЈА сјае: Македонија Saturday, 2024-05-18, 9:23 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Publisher | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My articles [58]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Articles » My articles

    Текст преземен од блогот Digital Areopagus

    Верска VS граѓанска просвета (Прилог кон разрешувањето на еден научен парадокс)

    Текстот е објавен во „Православна Светлина", бр. 12 (јануари 2010)

    Хроничниот спор околу прашањето за воведување и одвивање на веронауката во македонските училишта во изминативе месеци одново се интензивира. Повторното укинување на веронауката од страна на уставниот суд, во време кога учебната година сѐ уште беше во тек, предизвика остра дискусија во јавноста. Она што во самата дискусија особено е загрижувачко е превосходството на идеолошката сфера над фактичката. Премногу реторика за едно многу конкретно прашање: на што се темели ставот за неусогласивоста на веронауката со граѓанскиот образовен систем во Македонија?

    Овој краток труд ќе претставува обид за разјаснување на едно историско недоразбирање, како и за демистифицирање на ставовите изградени врз основа на истото. Тоа ќе биде изведено преку преиспитување на односот на поновата македонска наука кон македонското просветителско движење од крајот на 18. и почетокот на 19. век, а особено кон неговиот клучен претставник игуменот на Марковиот и Лешочкиот манастир отец Кирил Пејчиновиќ. (…)Непобитната важност на просветителското дејствување на отец Кирил Пејчиновиќ е признаена, потврдена и често истакнувана од страна на најименитите претставници на секуларната македонска просвета и наука од втората половина на XX век. Како пример за тоа може да послужи ставот на д-р Харалампие Поленаковиќ, според кого Кирил Пејчиновиќ е „првиот позначаен утемелувач на новата македонска книжевност"1 и заслужува „највидно… челно место"2 меѓу своите современици. Во неговиот текст, напишан по повод 150-годишнината од печатењето на Кириловото „Огледало" тој возгласува: „Ние, ,о љубочитатели’, можеме, заедно со првиот македонски печатар Теодосија Синаитски, да речеме дека ,Блажен ест овој человек, преподобниј јеромонах Кирил…’, и со должниот пиетет да се поклониме пред споменот на просветителското творење (…) на првиот позначаен писател од новата македонска книжевност"3.

    Но, тука се соочуваме со парадокс – ако погоре изложените ставови на д-р. Поленаковиќ се прифатени од македонската научна јавност како исправни, тогаш која е причината што современата просвета во Македонија е поставена на дијаметрално различни темели од оние на „преподобниот јероминах Кирил – утемелувачот на новата македонска книжевност"? Поточно, што се има случено за Кириловото христоцентрично просветителство да се отфрли и на негово место речиси незабележано да се трансплантира натуралистичкото просветителство на природниот разум, насилно автономизиран во однос на духовното – како основа на современата македонска просвета и култура?

    Просветителскиот модел на отец Кирил Пејчиновиќ во самата своја суштина е неусогласлив со редуцираниот концепт за просвештението, застапуван од страна на европското волтеријанско просветителство. Пејчиновиќ припаѓа на една друга просветителска традиција, за која тенденцијата кон симфонизирање на материјалното и нематеријалното, тварното и нетварното, човечкото и божественото, не само што не се гледа како бесмислено и штетно, туку претставува апсолутен императив на просветителското дејствување. Центарот на секое човечко дејствие е светотаинскиот живот на Црквата, разбрана како жива богочовечка заедница. Синергичниот динамизам помеѓу Бога и човекот е незаобиколен предуслов за секое човечко дејствие, вклучително и интелектуалното. Богопознанието не само што не го ограничува или укинува човечкото творештво, туку напротив, го поттикнува, го осмислува и оживотворува.

    Отец Кирил Пејчиновиќ на долго и широко расправа за егзистенцијалната важност на причестувањето, за љубовта кон луѓето и Бога, за почитувањето на мајката Божја и светителите и т.н. Сите негови кажувања се основно насочени кон усогласувањето на световната и духовната сфера на човечкото живеење, а формулирани согласно на тогашниот животен контекст4.

    Според православната богочовечка философија на живеење просветувањето секогаш имплицира преобразување. Од состојба на паганство – во кое централното место го има саможивиот и самобендисан човек, кој по мерката на сопствената несовршеност ги ракотвори своите матерјални и идејни идоли-божества – човекот, преку христијанското просветителство, се преобразува во целовито битие. Како што ваквиот тип просветителство преку светите рамноапостолни Кирил и Методиј го преобразил паганското битие на македонскиот човек во богочовечко, така истиот тип просветителство ја проникнува целата негова крстоносна историја, култивирајќи го, цивилизирајќи го, просветувајќи го и возведувајќи го кон светоста, како крајна цел и смисла на неговото историско битисување. Во оваа смисла, просветителството на игуменот Кирил Пејчиновиќ претставува составен дел од еден континуиран процес на повторно и повторно будење и возведување на човештвото кон целовитоста на животот.

    Поради тоа отец Кирил не може да се смета за „основоположник" на македонското просветителство, особено не разбрано и протолкувано во категориите и духот на западноевропскиот илуминизам. Тоа го потврдува фактот, потенциран од академикот Петар Илиевски, дека „дејноста на нашите народни просветители од почетокот на XIX век не била инспирирана од западноевропските рационалистички идеи како кај нивните современици од други словенски земји (…), (туку) е произлезена од една друга културна традиција (…) (Таа) се состои во настојувањето да се воздејствува на простиот народ со црковно-поучна проповед на жив говорен јазик"5. Станува збор за таканареченото дамаскинарство, кое претставува еден од историските стадиуми во непрекинатото просветителско дејствување на Црквата.

    Преподобен Кирил Пејчиновиќ е полноправен продолжувач на ова предание. Тој може да се нарече „прв просветител", во контекст на неговото време и во смисла на значењето на неговото дело, кое, за нас, не е ништо помалку значајно од делото на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј. Тој е зачетник на една нова епоха во културниот и цивилизацискиот развој на македонскиот народ, која истовремено длабоко е втемелена во византиско-словенската културна и цивилизациска традиција.

    Но, во средината на четириесеттите години на изминатиот век во Македонија се случи радикален пресврт на план на севкупното битисување на македонскиот човек. Крајниот секулристички систем се обиде да ги подреди и да ги стави под контрола сите сфери на човековото живеење. Едно од главните средства за воспоставување на неговата потполна власт беше создавањето на состојба на колективна амнезија преку деградирање на сите дотогашни духовни вредности и нивно заменување со еден и единствен систем на мислење. Овој процес на систематско расцрковување на умот на православниот Македонец претставуваше обид за прогонување на вековната просветителска традиција од неговата колективна свест и нејзино заменување со нешто нему сосема страно и до тогаш непознато. Македонскиот човек за првпат се соочи со систематски организирано и осмислено воведување на илуминистичкиот пристап во просветата, објективизиран во крајно секуларизираниот образовен систем.

    Сепак, црковното народно минатото не можело едноставно да биде избришано, од проста причина што токму тоа го имало клучното место во формирањето на духовниот и историски идентитет на македонскиот народ. Ограниченоста на идеолошката предубеденост не оставала простор за било какво контекстуално исчитување на историјата. Имајќи ја соодветната идеолошка матрица за „непогрешлив" интерпретатор и критериум на историската вистина, се прибегнало кон редуцирање и парцијализирање на затекнатото и негово набивање во претесните рамки на идеолошки допуштеното. На тој начин, при изложувањето на историјата на македонското просветителство, се прибегнало кон хиперпотенцирање на поедини негови формални сегменти, како што се јазикот, моралот, борбата против суеверието и сл. При тоа се изоставувала и прогласувала за ним сосема протовположна самата нивна суштина.

    Како резултат на ваквиот метод, години наназад кај многубројни македонски истражувачи се јавуваат сериозни нејснотии во однос на прашањето за формата и суштината на просветителското дејствување на отец Кирил Пејчиновиќ. Тие не успеваат да ја поврзат формалната страна на севкупната негова дејност со христијанскиот монашки подвижнички живот, кому тој му бил наполно предаден. И самите без поговор стојат пред фактот дека тој бил „религиозен не само по својот монашки чин, туку и по своето длабоко и безрезервно убедување"6.

    Карактеристичен пример за ваквиот пристап дава основачот на катедрата по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, Проф.Ристо Ѓорѓески. Тој тврди дека Кирил Пејчиновиќ „сам" дошол до едно од најголемите „откритија" на современата психологија, многу порано од неговото „научно откривање". Станува збор за „факторот на личната активност, а со тоа и личната одговорност на секој човек за сопствениот развиток и сопственото поведение"7. Основното начело на богообразноста на човекот – слободата – за него е „спротивно на основните религиски учења" на христијанстовто. Затоа тој е зачуден како е можно „вакви концепти за слободата на човекот да изнесува еден калуѓер, и тоа игумен, и притоа, како и за другите свои ставови, да се повикува на цитати од црковни книги"8. Православието се гледа исклучиво преку митовите за „средновековниот црковен мрак" и „инквизицијата која ги палела научниците на клади". Не само што ваквите претстави во значителна мерка ги преминуваат границите на фактичноста, туку исто така, ако сакаме да бидеме до крај објективни, историски и просторно немаат ништо заедничко со православната Црква.

    Поради сето тоа, на отец Кирил Пејчиновиќ му се припишува своевидна автономност, па дури и апостатичност во однос на „автентичното" црковно предание. Тој е претставен како „необичен калуѓер што се разликувал многу од своите собраќа…, (а) неговите етички концепти… излегуваат од рамките на религиските сфаќања и претставуваат (негови) лични сфаќања и лични ставови"9.

    Очигледна е содржинската недоследност и противречност на таквите концепти, поставени во корелација со ним пралелните тврдења дека: „Пејчиновиќ бил и си останал човек на црквата и со душа и со тело и со мисла… до фанатизам запоен со христијанска самосвест"10. На тој начин, пред нив останува неразрешливата енигма – како е можно „тој од таква средина и со такви стремежи и замисли да прераснал во она што е" (Исто, стр. 85). Сите обиди да се објаснат овие прашања без желба за сериозно, научно и опитно разбирање на автентичниот дух на православното просветителско предание, остануваат очајни обиди да се напише нешто налик на критика за никогаш непрочитана книга.

    Ваквите примери се многубројни, но ова кратко истражување нема за цел да ја искритикува дејноста на македонските научници од втората половина на минатиот век, туку, избегнувајќи ја едностранчивоста во пристапот, сознанијата и резултатите од нивната научна работа да ги постави во нивниот природен контекст, од чија перспектива би биле понатаму опсервирани.

    Токму недостатокот на ваквата интегрална перспектива кон проблемот за образованието и религијата во Македонија е основниот камен на сопнување при секое негово ново актуализирање. Наместо вистинско надминување на проблемот, т.е. надминување на неприродната напнатост помеѓу граѓанското образование и религиозниот живот на граѓаните, повторно и повторно се дејствува единствено во насока на нивно уште поголемо разделување и противпоставување. Токму просветителскиот модел карактеристичен за игуменот Кирил Пејчиновиќ, како и за севкупната македонска и православна просветителска традиција – разбрана во сета нејзина културно-историска активност и креативност – го поседува и го нуди клучот кон единственото можно конструктивно разрешување на поставениот проблем.

    Преоткривањето, безпредрасудното истражување и разбирањето на ваквиот просветителски став денес претставува насушна потреба. На тој начин се разрешуваат противречностите и нејаснотиите, генерирани во изминатите повеќе од половина век и се надминуваат крајностите карактеристични за идеолошки ограничените образовни системи. Неотповикливото воведување на веронауката во училишатата во Македонија ќе претставува конечно превозмогнување на идеолошките ограничувања во образованието. Таквиот чекор особено ќе придонесе за унапредувањето на македонската демократија и за категоричното и недвосмислено самоопределување на македонското општество како целовито и отворено.

    Предавањето на веронауката во училиштата нема и не може да има за цел „потчинување на школскиот систем на религијата", туку нивно конечно усогласување. Спротивниот став, покрај својата нeумерена идеолошка оптовареност, демонстрира загрижувачка ревност во упорствувањето против изнаоѓањето на конструктивно решение за проблемот11. Проектот „веронаука" е средниот пат, кој наместо за едностранчивост и парцијалност, се застапува за воспоставување на целовитоста на образовниот систем во Република Македонија.

    1 Харалампие Поленаковиќ, Никулците на новата македонска книжевност, Скопје 1973, стр. 218.

    2 Исто, стр. 151.

    3 Исто, стр. 195.

    4 За просветителскиот модел на отец Кирил Пејчиновиќ поопширно во публикацијата: Милан Ѓорѓевиќ, Евхаристиското просветителство на преподобен Кирил Пејчиновиќ, во „Премин", бр. 41/42, и „Премин", бр. 43/44.

    5 Петар Илиевски, „Претходниците на Кирил Пејчиновиќ", Кирил Пејчиновиќ и неговото време, Симпозиум, Тетово 1973, стр. 55

    6 Воислав Јаќоски, „Воспитните погледи на Пејчиновиќ во духот на христијаснтвото",Кирил Пејчиновиќ и неговото време, Симпозиум, Тетово 1973, стр. 87

    7 Ристо Ѓорѓевски, „Психолошките и етичките концепции на Кирил Пејчиновиќ", Кирил Пејчиновиќ и неговото време, Симпозиум, Тетово 1973, стр. 50

    8 Исто, стр. 49

    9 Исто, стр. 47-51

    10 Воислав Јаќоски, „Воспитните погледи на Пејчиновиќ во духот на христијаснтвото",Кирил Пејчиновиќ и неговото време, Симпозиум, Тетово 1973, стр. 85

    11 Со оглед на тоа, стравот од „теократијата" и „талибанизацијата" (да останеме верни на сликовитата реторика на тековниот спор), нема никаква објективна основаност. Религиозниот, општествениот и културниот плурализам не подразбираат општествена безличност, туку напротив — општествена множественост. Секој обид за игнорирање (до степен на укинување) на оваа множественост води кон спротивниот пол, реторски изразен преку категориите на „севернокореанизацијата" и „кубанизацијата" (Види: Митрополит повардарски, Агатангел (Станковски), Уставниот суд и веронауката, Утрински весник, број 2980, 08. мај 2009; сп. Билјана Јовановска,Кога добрите пастири ги водат добрите овчички (интервју со Проф. Љубомир Цуцуловски), Утрински весник, број 2970, 25. април 2009).

    Category: My articles | Added by: Вељанко (2013-08-15)
    Views: 330 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024