Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-05-19, 3:06 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Философија [12]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Философија » Философија

    Николај Берѓаев: Личноста и заедништвото (комунитарноста) во руската свест - 1 дел

    Николај Берѓаев: ЛИЧНОСТА И ЗАЕДНИШТВОТО (комунитарноста) во руската свест - 1 дел

       Постојат шаблони кои непрекинато се повторуваат и кои изгледаат убедливи. Таков е шаблонот на западните луѓе за Русија како земја во која или не постои личност, или пак таа слабо е изразена. Русија изгледа како безличниот Исток. Тоа на западните луѓе, задоволни со сопствената цивилизација, им пружа можност рускиот народ да го сметаат за народ кој се уште е варварски, бидејќи јакнењето на личната свест го сметаат за обележје на поразвиена цивилизација. За слабоста на личноста во Русија, уште неодамна, говореше и толку талентиран писател каков што е Зигфрид. Но сите заедно би требало да постанат свесни за тоа дека Русија многу лошо ја знаат и разбираат. Откако се разоткри огромната сила на Русија во светската војна, почнуваат да чувствуваат потреба за подобро запознавање на таа земја. Но при тоа, ликот на советска Русија почнува да го засолнува ликот на вечна Русија. Со што е во врска недоразбирањето по прашање на личноста во Русија? Мислам дека тоа, пред се, е поврзано со фактот дека рускиот народ е - најкомунитарен народ на светот. На Французите им е многу тешко да ја разберат таа комунитарност, зашто тие за такво нешто се премногу големи индивидуалисти. Комунитарноста се изедначува со безличноста. Но тоа е огромна заблуда. Јас дури сакам да ја поставам тезата која е потполно спротивна на општоприфатената. Во Русија личноста секогаш била поизразена отколку во нивелираната, обезличена, механизирана цивилизација на современиот Запад, отколку во буржоаските демократии. Со тоа јас воопшто не сакам да го негирам огромното значење кое го имале вековите на западната хуманистичка историја за темата на личноста. Но индивидуализмот воопшто не го означува блескавото изразување на личноста, тој може дури да доведе до безличност, до губење на оригиналната индивидуалност. Западната цивилизација на XIX-от и XX-от век напоредно ја карактеризираат и крајната социјализираност на човекот, неговата превасходна, исклучителна одреденост од општеството во размислувањата и карактерите, и крајната индивидуалистичка изолираност на човекот, губиток на секоја стварна комунитарност, бидејќи социјализираноста и комунитарноста се различни работи. Руската комунитарност не е само природно својство на рускиот народ, туку исто така, е и последица на православното христијанско воспитување. Таа комунитарност секогаш се покажувала во руските карактери и обичаји, во отвореноста на руските домови, во гостопримството, во потребата на Русите за општење, во одбојноста спрема условностите и формалностите во општењето, во сомилоста и чудесната способност за жртва на рускиот народ. Во руската револуција и во војната се открива таа способност за жртва, која постанува основен мотив на советската литература. Без христијански темел во формирањето на руската душа таква пожртвуваност не би била можна. Комунитарноста претпоставува постоење на личност и нејзина способност да ги пречекори границите на својата затворена граница. Комунитарноста, која потполно ја негира личноста и човекот, постои во германскиот натуралистички пантеизам, таа својата крајна форма ја здобила во расизмот, во теоријата и праксата на националсоцијализмот.
       Религиозната основа на соединувањето на принципот на личноста и слободата со принципот на комунитарноста е содржана во идејата за соборноста, која ја изразил основачот на словенофилската школа и нејзиниот најзначаен богослов, Хомјаков. Самиот збор соборност тешко може да се преведе на странски јазици, и западните христијани, католиците и протестантите, многу лошо ја сфаќаат оваа идеја. Западната христијанска мисла премногу се вртела во круг создаден од спротиставувањето на слободата и авторитетот. Ако вие го афирмирате принципот на слобода наспроти принципот на суверенитет, тоа тогаш значи дека вие влегувате во протестантски индивидуализам. Ако пак, го афирмирате принципот на комунитарноста на Црквата, тогаш влегувате во католичката авторитарност. Меѓутоа, соборноста не значи ни едно ни друго, ни индивидуализам ни авторитарност. Соборноста не се наоѓа надвор од човечката личност, како однадвор поставен авторитет, туку во неа како нејзин квалитет на комунитарност, како живот во Светиот Дух. ВО суштина, учењето за авторитетот го претпоставува индивидуализмот, некомунитарниот карактер на индивидуализмот, кој однадвор се принудува на комунитарност. Соборноста е третиот принцип, кој е апсолутно различен и од религиозниот индивидуализам, и од религиозниот авторитет. Црквата не е надворешна институција, која бара гаранции и критериум, не е институција како државните и правните институции, туку е живот во Светиот Дух, и само Светиот Дух е гаранција и критериум. Тоа го претпоставува метафизичкиот принцип на комунитарност, кој има еден свој израз во религиозниот живот на народот, а друг - во социјалниот живот на народот. Тоа може да се третира како негација на личноста само ако личноста се изедначи со индивидуумот и ако не се разбира што е тоа комунитарност. Соборноста и комунитарноста не се колективизам, иако можат да се изродат во колективизам. Колективизмот е задушување на личноста, задушување на човекот со помош на колективниот, масовен принцип. Соборноста, комунитарноста, е внатрешно, квалитативно начело во човекот, во самата негова личност. Денес непрекинато ни се укажува на фактот дека во соборната православна Црква премногу долго немало собори, дека црквата и робувала на државата. Фактички, тоа е точно. Но соборноста воопшто не е идентична со соборите, чиј надворешен авторитет Хомјаков го негирал. Тој сметал дека Светиот Дух не дејствува таму каде е соборот, повикан според формалните обележја, туку соборот е таму каде дејствува Светиот Дух. Тоа и е целиот проблем на постоење на духовната комунитарност како највозвишена реалност.

         
    Rating: 0.0/0
    Views: 299 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024