Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-05-19, 1:14 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Философија [12]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Философија » Философија

    Николај Берѓаев - Личноста и заедницата (комунитарноста) во руската свест - 2 дел

    Николај Берѓаев - ЛИЧНОСТА И ЗАЕДНИЦАTA (комунитарноста) во руската свест - 2 дел
     
       Токму во руската мисла и литература од XIX век било поставено прашањето за личноста и нејзиниот конфликт со светот и историјата, и тоа со најголема острина. Во своето прочуено писмо до Боткин, Белински објавува бунт против светскиот дух на Хегел, против сите светски истории, во име на личноста и нејзиното страдање. Од тој бунт почнува последниот период од животот на Белински, кога тој ги поставува темелите на својот револуционерен социјализам. Тоа, пред се, добило форма на борба против антиперсонализмот на Хегел. Белински не се согласува да ја жртвува живата личност во име на светската хармонија која треба да настапи. Тој ја антиципира дијалектиката на Иван Карамазов за солзата на детето, тој, исто така, ја враќа картата за влез во светската хармонија, која се плаќа со безбројни страдања на живи човечки личности. Противречноста на Белински била во тоа што тој, ослободувајќи ја личноста од робувањето на светскиот дух, општ и универзален во смисла на идеализмот на Хегел, ја потчинил оваа социјалност која, исто така, се покажала општа и универзална. Кај него веќе биле дефинирани многу работи што подоцна се разоткриле во руската социјална мисла од втората половина на XIX век. Ништо помалку не е интересен ни Херцен, кој во свое време изградил извонредна философија на историјата, но која, всушност, никогаш не ја изложил во систематска форма. Херцен бил решителен персоналист, иако овој збор не го користи и не умее да направи разлика помеѓу персонализмот и индивидуализмот. Тој не ја споделува за неговото време вообичаената оптимистичка теорија за прогресот. Него го мачело тоа што живата човечка личност паѓа како жртва на историскиот прогрес: тој не сака постоечкото поколение на луѓето да го жртвува во име на среќата на идните поколенија. Човечката личност не е само средство за иднината, таа е и цел по себе. Херцен бил основач на рускиот народен социјализам, тој, како и многу Руси од XIX век, е непријател на буржоаскиот свет. Тој ја разобличил малограѓанштината на Западот, тој ја видел таа малограѓанштина и во социјализмот и верувал дека рускиот народ, пред се, рускиот селанец, ќе го соедини принципот на личноста, кој се повеќе исчезнува на обезличувачкиот Запад, со принципот на заедништво, комунитарност, која лежи во основата на рускиот селски свет. Покрај тоа, Херцен потполно бил имун на илузијата за оптимистичка вера во прогресот. Законот на прогресот не постои. Прогресот е работа на човечката активност. Погледот на свет на Херцен не бил религиозен, но тој ги поставил истите оние проблеми кои кај нас се поставени на основа на религиозниот поглед на свет. Како Михајловски и Лавров во тие години, и Херцен исповедал изразито руски индивидуалистички социјализам. Тоа, што се однесува до западните социјални мислители, е најблиску до Прудон, кого многу го ценеле. Меѓутоа, темата за личноста и нејзиниот судир со светскиот поредок, ја достигнува најголемата острина кај Достоевски. Што се однесува до тоа, со него на Запад може да се спореди само Керкегор кого во Русија никој не го знаел. Веќе во "Записите од подземјето" е објавен бунтот на човекот од подземјето против светскиот поредок, против власта на општоста, против нужноста, против "два по два се четири", против претворањето на единствената неповторлива личност во штраф, во средство за остварување на туѓи цели за неа. Достоевски и самиот истапува како заговорник на живата личност, и подготвен е својот бунт да го изрази и во најпарадоксална форма. Најголемата острина и извонредност, егзистенцијалната дијалектика на личноста и поредокот, Достоевски ја достигнува во разговорот на Иван Карамазов со Аљоша. Тоа е она прочуено место кога Иван Карамазов го поставува прашањето: може ли човек да се согласи на изградба на светот, ако таа се заснова на солза на макар едно единствено измачено дете? Може ли да се прифати светскиот поредок заснован на страдањата на живите личности? И Иван Карамазов му ја враќа на Бога картата за влез во светската хармонија. Тоа е изразито руска тема, тема за Теодицејата, таа се изострила низ темата за судбината на живата личност, за нејзиниот судир со светскиот процес. Во "Легендата за Големиот Инквизитор" се продолжува истата таа дијалектика, но главно се поврзува со централната тема на Достоевски - темата за човекот. Проблемот на личноста ја возбудувал целокупната наша мисла од почетокот на XX век. Меѓутоа, индивидуализмот секогаш ни бил туѓ, и ние со него не сме го поврзувале нашиот патос на личноста. Достоевски помалку од се бил индивидуалист, тој тврдел дека сите се одговорни за се.
       
    Rating: 0.0/0
    Views: 358 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024