Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-05-19, 1:14 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Философија [12]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Философија » Философија

    Николај Берѓаев - Личноста и заедништвото (комунитарноста) во руската свест - 5 дел

    Николај Берѓаев - Личноста и заедништвото (комунитарноста) во руската свест - 5 дел

       Највлијателните текови на руската мисла од XIX-от век биле социјалистички обоени, дури и кога не биле јасно и децидно социјалистички, во секој случај биле силно антикапиталистички и антибуржоаски. Русија во ликот на својата мисловна интелегенција, во ликот на своите највлијателни мислители и писатели, себе се одредила како свет кој е непријателски кон буржоаскиот свет. Тоа е традиционален руски мотив, заеднички и за такви антиподи какви што се револуционерот Херцен и реакционерот Константин Леонтјев, словенофилите и западните, луѓето со религиозна и антирелигиозна мисла, народните и анархистите, Достоевски и Л. Толстој. Кога кај нас се пројавило непријателство кон Западна Европа, тоа тогаш не било непријателско кон Западот воопшто, туку кон западниот буржоаско-капиталистички свет. И тоа непријателство било одредено со тоа што тој свет е античовечен, свет кој ја дави живата човечка личност. Таткото на левата руска интелегенција и претходникот на рускиот социјализам од XVIII век, Радишчев говорел: "Душата моја со страдањата човечки е ранета". Фуријеристот Петрашевски, главата на кружокот во чија работа учествувал и Достоевски (поради што бил упатен на робија) говорел дека тој, бидејќи меѓу мажите и жените не нашол ниеден достоен за љубов, се посветува себе на служење на човештвото. Може да се утврдат четири периода во историјата на рускиот социјализам. Првиот период е утопискиот социјализам во духот на Сен-Симон и Фурије. Вториот период е - народниот социјализам, близок на Прудон, но во најголема мера специфично руски. Тој тип на социјализам може да се нарече индивидуалистички социјализам. Таков е социјализмот на Херцен и Михајловски. Но напоредно со принципот на највозвишената вредност на човечката личност како цел, тој го афирмира комунитарниот карактер на рускиот народ, се потпира на селаните, се поврзува со традиционалните форми на селската општина и работничките здруженија и не сака да го дозволи развојот на капитализмот во Русија. Човекот се поставува над државата, националното богатство, на кое наспроти се става народната благосостојба, човекот се поставува над цивилизацијата, која може да биде антихумана. Во врска со тоа е и рускиот однос кон сопственоста, кој многу ја разликува Русија од Западот. Познато е дека рускиот народ не ги познавал римските поими за сопственоста, според кои сопственикот имал право не само да се користи со сопственоста, туку и да ја злоупотребува, и со тоа да ја претвора во апсолутно и античовечно начело. Русите не се толку врзани за сопственоста како западните луѓе, дури ни како западните социјалисти. Руските трговци, стекнувајќи некогаш милиони на валкан начин, во длабочината на душата не ја сметале својата сопственост за света и во светлите моменти од својот живот можеле се да отфрлат и да постанат монаси и богоискатели. Ова до некаде го изразив во таков облик како на Русите да им биле својствени буржоаските пороци, а не им биле својствени буржоаските добродетели, како на луѓето на Запад. И тоа е карактеристична особина. Поради таквите својства во Русија не можела да се формира силна буржоазија, убедена во својата исправност, не можела да се изрази влијателна буржоаска идеологија. За време на цел XIX век Русите верувале дека Русија пред и поквалитетно од Запад ќе го реши социјалното прашање. Рускиот однос кон сопственоста е поврзан со рускиот однос кон човекот. Човекот се става над сопственоста. Нечесноста е навреда нанесена на човекот, а не навреда нанесена на сопственоста. Во западното буржоаско општество вредноста на човекот премногу се одредува со тоа што човекот поседува, а не со тоа што е тој самиот.
       Но руската природа е противречна и поларизирана, и веќе кон крајот на 60-ите и почетокот на 70-ите години кај нас се појавила и обратна, нехумана, страна на социјализмот. Тоа го гледаме кај Нечајев кој го напишал катехизисот на револуционерот, уплашувајќи го со него дури и Бакуњин. Нечајев ги оправдувал и најлошите средства само ако тие можат да допринесат кон остварување на целите кои се сметале за добри. Во седумдесетите години Ткачев бил претставник на оној социјализам во кој вредноста на човечката личност сосем исчезнала. За разлика од антиетатистичката, речиси анархистичка тенденција на поголем дел од руските народни социјалисти, тој бил приврзаник на силна, диктаторска држава. По некои свои мисли е претходник на Ленин. Во ликот на Жељабов, водачот на партијата "Народна волја" и учесник во атентатот на царот Александар II, човек кој е осуден на смртна казна во првомартовскиот процес, социјализмот пак постанува похуман, и во него се покажуваат дури и елементи на свесно христијанство, без разлика на тоа што дозволувал терор. Третиот период на рускиот социјализам е марксистичкиот социјализам, кој се појавил во деведесетите години на минатиот век. Неговите темели ги поставила заграничната група на Плеханов, Аксељрод и Вера Засулич. Во почетокот тоа бил класичен западен марксизам, кој бил сфатен како социолошки детерминизам и еволуционизам, а остварувањето на социјализмот изгледало зависно од индустрискиот развој, од развојот на производните сили на земјата и формирање на фабрички пролетеријат. Таа форма на социјализам била усмерена на борба со народниот социјализам и му нанела удари од кои овој никако не можел во потполност да заздрави. Во него како да била пронајдена базата за ослободителното движење, кое не можеле да го направат селаните. Во марксистичкиот социјализам, во најголема можна мера прозападен, послабо бил изразен принципот на вредноста на човечката личност, иако немало ништо особено антихуманистично. Дел од марксистите, кои кон крајот на деведесетите години поседувале највисока философска култура, биле зачетници на идеалистичкото движење од почетокот на XX век. Меѓутоа, во Русија постоел уште и четврти тип на социјализам, кој победил во револуцијата. Тоа е бољшевичкиот или комунистички марксизам. Во него западниот марксизам е подложен на силна русификација. Во него влегуваат извесни елементи на народната револуционерност (можност да се заобиколи капиталистичкиот стадиум на развој) и дури и словенофилството (светлината од рускиот Исток). Тој тип на социјализам го нарекувам волунтаристички, во него револуционерната волја доживува егзалтација, а месијанските елементи на марксизмот постануваат посилни од научно-детерминистичките. Во него личноста игра поактивна улога отколку во западниот класичен марксизам, но личност во скутот на партијата, во комунитарноста. За тој тип на социјализам карактеристична е идејата дека човекот, организиран во колектив, може да го менува лицето на светот. Светот постанува пластичен. Не е потребно да се чека на резултатите на детерминистичката економска еволуција. Само на материјата и се припишува самодвижење и слобода. Тоа го нарекуваат дијалектички материјализам, силувајќи ја терминологијата така што на материјата и ги препишуваат квалитетите на духот. Тој тип на социјализам, низ развојот на револуцијата, подлежел на големи промени, и во него национално-рускиот елемент ќе игра се поголема улога.
    Rating: 0.0/0
    Views: 266 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024