Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-05-19, 11:59 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Философија [12]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Философија » Философија

    Николај Берѓаев - Личноста и заедништвото (комунитарноста) во руската свест - 6 дел

    Николај Берѓаев - Личноста и заедништвото (комунитарноста) во руската свест - 6 дел

       Потполно е неточно дека кај Русите не постои чувство за слобода и љубов кон слободата. Во стариот деспотски политички режим постоела поголема слобода на секојдневието, слобода на обичаите отколку кај другите народи. Русите се многу помалку подлежни на социјална дресура отколку луѓето на западната цивилизација. Во православието постои многу повеќе слобода отколку во католицизмот. Најсилниот патос на слободата, и религиозната слобода, постоел кај Хомјаков и Достоевски. Хомјаков дури мислел дека рускиот народ треба на народите на Западот да им ја открие "тајната на слободата". Руската мисла од XIX-от век, однадвор стеснета од цензурата, одвнатре била необично слободна. Во суштина, "Легендата за Великиот Инквизитор" била објава на слободниот религиозен анархизам. Руската идеологија на анархизмот, колку тоа необично да изгледа, ја изградиле претставници на повисокиот слој на руското благородништво: Бакуњин, кнезот Кропоткин, грофот Лав Толстој (на религиска почва). Но поларизираноста на рускиот народ, спојувањето на спротивностите, многу го отежнуваат судот за Русија и рускиот народ, а посебно за рускиот однос кон слободата. Од една страна рускиот народ кој, наспроти мислењето на словенофилите, поседува државотворен инстинкт, создал огромна држава и бил премногу покорен на деспотските форми на државата. Меѓутоа, од друга страна, секогаш се покажувал и другиот пол. Постоела слобода како излез од државата и бунт против неа. Постоел религиозен раскол, апокалиптички расположен, кој во своето лево крило мислел дека власта ја поседува антихрист. Рускиот народ бил незадоволен од земниот град и трагал по градот Китеж, сокриен на дното на езерото. За време на цел XIX век руската интелегенција се бунела против империјата и била револуционерно расположена. Рускиот народ, исто така, во себе ја спојувал покорноста и слободољубивоста, како што необичната сочуствителност и сострадание можеле да се спојат со манифестации на суровост. Но тоа воопшто не означува безличност. Најсложеното прашање е прашањето за односот кон личноста и слободата во комунистичката револуција и системот кој по неа е создаден. Духот на комунитарноста и способноста за жртвување се покажале во руската револуција во најсилен степен. Но како што веќе е речено, стихијата на револуцијата и новото уредување по неа не се поволни за личност и слобода. Социјалната револуција претставува движење на огромните маси, и во тоа движење личноста во својата единственост и неповторливост може да потоне. Руската револуција, во својот прв советски стадиум, не стоела под знакот на хуманизмот. Хуманизмот е премногу суптилен, тој претпоставува премногу висок степен на култура за да даде символика на социјалните пресврти, кои имаат речиси геолошки карактер, и на тие движења на масите. Потребни се поелементарни пароли. Во судбината на рускиот народ, во реализацијата на неговите цели, му било судено да помине низ период на ограничување на личноста и слободата, што воопшто не е особина на рускиот народ, а се јавува како својство карактеристично за масовните револуции. Но веќе се покажува тенденција на создавање на неохуманизам. Треба да се сфати дека изворите на поглед на свет на самиот Маркс биле хуманистички. Тоа е јасно видливо во неговите рани трудови. Тој се побунил против капитализмот, бидејќи во него гледал обезличување, отуѓување на човечката природа на работникот, постварување (Verdinglichung). Полнотијата на човечката природа мора да им биде вратена на работниците и на сите луѓе. Маркс ја развивал мислата на Хегел и Фоербах за отуѓувањето пренесувајќи ја во социјалната сфера. Меѓутоа, во понатамошниот развој на марксизмот хуманистичко-идеалистичките елементи биле потиснати во втор план. Кога во Русија ќе поминат почетните стадиуми на по-револуционерната изградба, кои се концентрирани на материјалната страна на животот, тогаш, поради особините на рускиот народ, ќе следи враќање кон духовните принципи и вредности на животот на религиозна почва, и афирмацијата на вредноста на личноста, пред се, ќе биде христијанска, то ест соединета со комунитарноста, значи, нема да биде индивидуалистичка.
       Неопходно е да се сфати дека рускиот народ е наклонет кон соблазни и сонувања, и дека понекогаш тоне во матна атмосфера. Тоа дури може да биде показател на духовна надареност. Не е случајно тоа што самоповиканоста во политичкиот живот била типично руска појава. Лажниот Димитриј, Пугачов, кој се претставувал како Петар III, се специфично руски појави. Постоеле сомнежи дека антихрист се вовлекол во власта, дека Петар е антихрист. Можно е трајно збркување на кесаровото земно царство со Царството Божјо. Копнежот по социјална правда е длабоко всаден во сржта на рускиот народ, но за остварување на тој копнеж се дозволуваат средства кои не личат на таа цел. Земното се меша со небесното, на релативното му се придава апсолутно значење. Се случуваат подметнувања кои понекогаш тешко се разликуваат. Во руската духовна култура од почетокот на XX век, која можно е да се нарече права руска ренесанса, време на процут на руската поезија и философија, постоела атмосфера која овозможувала отровни подметнувања. Логосот се заменувал со Софија. Тоа е поврзано со искривувањето на природата на личноста, бидејќи личноста, пред се, е поврзана со Логосот, то ест со Христа. Владимир Соловјов ја прашувал Русија: "Каков Исток сакаш ти да бидеш, Исток на Ксеркс или на Христа?" Според идејата која за неа ја измислил нејзиниот Творец, Русија е Русија на Христа, и само ако ја остварува таа идеја, таа е верна на себе и на својата мисија. Но отстапувањата кон Русија на Ксеркс се можни, и тие секогаш постоеле во манифестациите на рускиот империјализам. Во царска Русија соблазните биле многу силни, иако и преувеличувани на Запад. Тоа е она против што непрекинато мора да се води духовна борба. И поединецот и целиот народ достигнуваат највисок степен низ духовната борба со соблазните и искушенијата. Христос се подложил на искушенија во пустината и ги победил. На рускиот народ во неговата историска судбина му паднал делот да оствари поправедно и почовечно социјално уредување од она кое постои на Запад. Тој треба да го оствари братството на луѓето и братството на народите. Таква е руската идеја. Рускиот народ мора да создаде нов свет, но не капиталистички и не буржоаски свет. Меѓутоа, на патот на тоа остварување тој може да биде подложен на секакви соблазни. Можни се неуспеси и падови. Ништо во историјата не се остварува со прави, директни и лесни патишта. Една од главните соблазни е соблазната на монизмот, негирањето на многуликоста. Целокупната иднина на Русија и рускиот народ е поврзана со прашањето дали во неа ќе дојде до духовен пресврт. Веќе се гледаат такви знаци. Се промени односот помеѓу световната власт и Црквата. И овде не е најважно тоа што повеќе нема религиозни прогони, борбен атеизам, надворешно ограничување на Црквата, овде е најважно изразувањето на силата на религиозното верување на рускиот народ која власта не може а да не ја признае. Усмерувањето на односот помеѓу принципот на личноста и принципот на комунитарноста не зависи од советскиот социјален систем формиран во Русија и потполно спојив со принципот на личноста, туку од духовната состојба на рускиот народ и духовното движење во Русија. Бидејќи, принципот на личноста е духовен принцип. Мислам дека тоа е точно и за Западот, каде работата со личноста не стои баш најсреќно, како што тоа сакаат да го претстават западните писатели, наклонети да ја негираат личноста во Русија. Во Русија е можен само комунитарен хуманизам, т.е. кажано со религиозна терминологија, може да се оствари единствено соборност. Оваа статија е напишана за на западните луѓе да им се покаже дека тоа воопшто не значи безличност. Обратно, индивидуализмот доведува до обезличување, до разединување на личноста. Како да се сфатат взаемните односи на Русија и Западот? Тоа ги вознемирува западните луѓе, иако повеќе во политичка перспектива.
    Rating: 0.0/0
    Views: 288 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024