Празнина КОЈА сјае: Македонија Monday, 2024-05-06, 10:53 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Култура [129]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Култура » Култура

    Чехов и современиците (4)

    Чехов и современиците (4)

    Антиупатства за лична употреба

    „Не умеам да пишувам долги работи" - ова признание на Чехов често се зема здраво за готово како доказ што тој не успеал да напише роман. Но дури и во таква неважна, квантитативна смисла, неговите новели не можат да се сметаат за кратки: „Степа", „Двобој", „Приказна за непознатиот човек", „Три години", „Павилјон број 6", „Здодевна приказна" … - сите подолги од 50 страници. Нивното создавање, како што веќе реков, било со месеци, многу побавно и помакотрпно од она на Чехонте-хумореските и, несомнено, со поголема писателска амбиција. Во писмото до Суворин од декември 1896 г., Чехов моли: „Ве молам најпрвин да направите да се отпечати ’Вујко Вања’. Откако ќе го прочитам, ќе можам да решам дали е доволно добар од него да направам краток роман. Зошто пишувам драми, а не кратки романи?". По пишувањето и успехот на „Степа", од која се воодушевени не само литератите туку и големите руски автори од другите уметности, како сликарот Рјепин и композиторот Чајковски (кој од Чехов барал согласност да напише опера врз мотивите од новелата, а пак овој му го посветува расказот „Намќорести луѓе"), Чехов имал намера да напише роман, за што сведочи неговата преписка со пријателите. На брат му Александар дури му ја најавува работата на идниот роман, на Григорович, кој е можеби решавачкиот во поткрепата да се посвети на литературата и „повеќе да ја почитува својата книжевна дарба", му соопштува дека „својот прекинат роман ќе го продолжи налето". Но, наместо да го заврши замислениот роман, Чехов се посветува на создавањето драми, со кои ја збогатува и облагородува светската драматургија со неколку ремек-дела. Интересно е дека и „Степа" требало да биде првиот дел од замислените два, од кои вториот никогаш не е напишан. Токму во тој период Чехов почнува сериозно да страда од туберкулоза. 

    Иако не станал романсиер, прозата на Чехов е неверојатно жива и инспиративна за денешниот читател. Во својот избор на „најдоброто од доброто", Буњин ги издвојува новелите „Степа", „Здодевна приказна", „Двобој", „Павилјонот број 6", „Приказната за непознатиот човек" и „Дамата со кученцето". Секоја од овие новели поединечно претставува еден посебен свет, обликуван од проникливиот, непристрасен, едновремено природно инвентивен авторски печат на врвен раскажувачки мајстор, препознатлив за секој љубител на книжевноста. 

    На пример, „Степа". Приказната за патувањето на момчето Егорушка низ непрегледната степа може да се доживее како своевидно иницијациско патување - Егорушка го учи животот низ сознанијата за природата, но и за луѓето. Поглавјата во новелата се етапи на тоа патување; сѐ е во минување, и пејзажите, и исповедите на луѓето. Степата што сама по себе е монотона, тука, благодарение на љубопитните Егорушкини очи и уши, станува поинаква. Активирањето на вниманието кај Егорушка го активира вниманието кај читателот. Толстоевата забелешка за блискоста на книжевната постапка на Чехов и импресионистите е можеби најдобро изразена во оваа новела. Како на импресионистичката слика, во степата светлината трепери, како во неа нешто да се случува. Оттука ја разбираме желбата на Чајковски да го озвучи патувањето во „Степа", душевниот патопис на Егорушка. 

    Или „Павилјонот број 6". Додека во „Степа" просторот е широк, отворен, во „Павилјонот", болничката зграда личи на затвор (новелата е објавена две години по искуството со Сахалин), па наместо лиричноста од претходната новела, доминира внатрешната драматичност, истакната со малиот број ликови. 
    Всушност, главни се два лика: пациентот Иван Дмитрич Громов, поранешен судски извршител, кој страда од манија на гонење, и лекарот Андреј Ефимич Рабин. Другите епизодисти: четворицата жители на павилјонот, „другари во неволја" на Громов, болничкиот стражар Никита, берберинот, лекарот Хоботов… ја истакнуваат уште повеќе занданската тескобност во павилјонот. Громов (кој порано бил рака на правдата!) е избезумен од помислата дека ќе биде осуден на робија и ќе го лишат од сите права. Парадоксално е што тој во павилјонот е осуден на изолација, како во затвор, со забрана да излегува надвор (тоа, поради полесната дијагноза, му е дозволено само на Евреинот Мојсеј). Посебна приказна во новелата е лекарот Рабин, кој, наспроти грубата надворешност на „друмски крчмар", е внимателен, но рамнодушен, разумен, но млитав. Брзо совладан од едноличната рутина на професијата и провинцијалниот живот, тој сѐ повеќе чита, истовремено восхитен од достигнувањата на умот и згаден од малограѓанската стварност. Во таква кафкијанска (пред Кафка) атмосфера, докторот се „навлекува" на разговори со својот пациент (што понекогаш личат на сцени од подоцнежните драми). Во една привидна нединамичност, се одвива прецизно и неумоливо дејството на „Павилјонот". Така Чехов (о)пишува… 

    Или, „Три години". Навидум, тоа е приказна за една долга и издржлива љубов на г. Лаптев, богат, но здодевен и физички неугледен, кон г-ѓицата Јулија Сергеевна, во која се вплетуваат низа портретирани ликови од семејната, провинцијалната и московска средина, секој со свој особен карактер и (дел од) животна приказна. И во оваа новела на Чехов, како и во неговите раскази и драми, среќаваме ликови соочени со отсуство, или барем помрачување на смислата (Тери Иглтон), но зарем тоа не ги прави современи и препознатливи? 

    Во блескавиот процут на руската проза низ 19 век, меѓу редицата значајни автори се издвојуваат, на секои три децении, по двајца писатели-владетели, „едниот прекуноќ, вториот прекуден": Пушкин (уште поголем како поет) и Гогољ (кому токму Пушкин му го позајмил сижето за „Мртви души"), Толстој и Достоевски; во 20 век, слично совладетелство може да се воспостави меѓу Шолохов и Булгаков. За разлика од нив, на Чехов не може да му се пронајде „совладетел". Неговите помлади современици, двајцата негови обожавачи и пријатели, горе цитираните Горки, все и всја на советската литература, и Буњин, првиот руски нобеловец, сепак не се писатели од негов ранг. Без да напише роман, писателот Антон Павлович Чехов осамено се извишува до книжевните врвови на неговите големи претходници - Пушкин, Гогољ, Достоевски и Толстој. 

    Денес „Чехов" стана синоним за врвен раскажувач. Алис Манро е „канадскиот Чехов", Рејмонд Карвер „американскиот Чехов". Во секоја национална литература се пронаоѓа понекој меѓу најдобрите раскажувачи што се прогласува за национален Чехов. Иако раскажувачкото мајсторство е само еден од високите квалитети на писателот Чехов. Добри раскажувачи имало и има, особено кога филмот ја „истренирал" дијалошката довитливост, но големите писатели се реткост. А прозата на Чехов, покрај нејзината силна сценичност (многу пред откритието на филмот), како и, од друга страна, неговите драми, што се пак сиромашни со надворешни дејства, поседува вонвременска, сечовечка вредност. Ќе речете: книжевното минато, во однос на актуелната литература отсекогаш било сметано за време на книжевни обрасци и недостижни дела. Се согласувам, и ова мислење во целост важи за делото на Чехов, со таа исправка што неговата литература воопшто не е „минато". Иако од неговата смрт минале еден век и една деценија, ние, неговите многубројни читатели, го чувствуваме и го сакаме како наш неопходен современик. 

    (крај)
     
      
    Автор: Александар Прокопиев
    (Лик)
    31 јануари 2014
    Rating: 0.0/0
    Views: 721 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024