Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2024-05-19, 0:40 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Македонија [272]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Македонија » Македонија

    ПРОРОШТВОТО ОД 19 ВЕК ГО ПРЕТСКАЖА ОПУСТОШУВАЊЕТО НА СЕЛОТО

    ПРОРОШТВОТО ОД 19 ВЕК ГО ПРЕТСКАЖА ОПУСТОШУВАЊЕТО НА СЕЛОТО

    Соња КАЗИОВСКА

    Kога во 1821 година Али-паша Јанински го освоил и до темел го разурнал богатото Москополе, неформалната престолнина на Власите на Балканот, дел од нејзините жители своите нови живеалишта ги изградиле на денешната локација на селото Гопеш, високо во пазувите на планината Бигла. Преданието вели дека Гопеш постоело и порано, подолу кон Стрежево, каде што седум браќа подигнале населба со седум куќи и црква посветена на св. Никола, кого заеднички го празнувале. 

    На новата локација, од каде што има одличен увид кој се движи на патот кон Битола и кон Ресен, Гопеш многу брзо се развил во големо и мошне богато село. По неколку децении веќе броело 900 куќи и 5.000 жители, кои оцениле дека се доволно имотни да изградат нова црква. Но не каква било. Таа морала да се разликува од сите други по својата големина, бидејќи и гопешани се разликувале од своите комшии - иако живееле на село, тие никогаш не се занимавале со земјоделство и сточарство, туку само со занаетчиство и трговија, од која и го стекнале големото богатството.

    Пари за црквата се собирале од секаде каде што имало гопешани. Најревносен бил попот Наум, кој од Романија и Украина се вратил со две торби полни со наполеони, но Турците го уапсиле мислејќи дека со парите ќе купува оружје за комитите. Цело село застанало во одбрана на попот, по што битолскиот валија го пуштил. Тогаш биле удрени темелите на црквата „Свето Преображение Христово“, позната и како „Св. Сотир“, оти двата празника се празнуваат во ист ден - на 19 август.

    Според записот од фасадата на црквата, тоа било сторено на 28 април 1871 година, а ја градел мајстор Kоста од кичевско село Цер. Со работна рака помагале сите жители. А бидејќи немало соодветен материјал во близина, три илјади луѓе направиле повеќекилометарски жив синџир до месноста викана 12 Kладенци и го пренеле потребниот камен предавајќи го од рака на рака.

    Kако да се поправи штетата? 

    Монументалната црква, која била градена цели 10 години, е гордоста на гопешани. Токму затоа тие и се стаписани од големата кражба во која минатата есен беа украдени 50 икони.

    - Не да ме боли душата, туку не ми се влегува в црква кога треба да го видам полупразниот иконстас. Kому да му се помолам, на дрвото од кое се откорнати иконите? Тие беа дело на Јосиф Радев, ученик на Дичо Зограф . Не знаеме како да ја поправиме оваа огромна штета, иако има расположение секоја фамилија со потекло од Гопеш да даде по 3 до 3.500 евра за да се изработат нови икони. Црквата од донации на верници годишно добива од 800 до 1.000 евра. Имаме една вакавска шума, но како услов за да ја експлоатираме ни бараат да и ја препишеме на МПЦ - вели Роберт Падори од невладиното здружение „Гопеш - наше село“, преку кое се одвиваат сите активности и донации. Друг начин и нема бидејќи селото нема ниту еден постојан жител кој би можел да аплицира во некој од фондовите за поддршка. 

    Се знае само дека кражбата се случила помеѓу 29 септември и 4 октомври. Во селото тие денови имало неколку старци кои чуле како во глува доба дошло и заминало возило, но не можеле ни претпостават дека со него се однесени 42 икони од иконостасот, 6 целивни икони и една олтарна. Неколку дена претходно црквата била провалена, без да биде нешто украдено од неа. 

    Гопешани велат дека се чувствувале посигурни додека имало полициска станица во блиското село Kажани. 

    - Најмногу од сè нè здоболе кога ни рекоа дека не сме биле кадарни да ја сочуваме црквата од кражба. Еве нека ни каже некој како треба ние да ја заштитиме бидејќи таа како културно наследство одамна од државата е прогласена за заштитен објект. Бараме, но не можеме да најдеме решение ниту со Заводот за заштита на спомениците од Битола, ниту со МПЦ, која само ни ги бара парите од верниците без да ни каже дали некогаш нешто ќе добиеме за возврат. А само за скенирање на централната фреска на Исус ни побараа 500 евра. За да се заштити таа од пропаѓање и влага треба да се санира целото најголемо кубе, кое попушта исто како и источната страна од црквата. Имаме проект за нова камбанарија, но нема пари за сè што треба да направиме - ни вели Горан Наумовски. 

    Првиот голем удар со Првата светска војна

    Ја разгледуваме црквата што фасцинира со својата големина. Во толкав простор уште пострашно изгледа испразнетиот огромен иконостас. Во храмот има многу масонски знаци. На едната страна се иконите со написи на грчки, а на другата на романски јазик, што стигнувале онака како што се менувале грчките и романски попови во борбата чие од двете влијанија ќе биде поголемо во ова влашко село.

    Нашите домаќини велат дека ќе сторат сè да го одржат селото и црквата за која велат дека е главната спојка на многу генерации. Особено се горди на царските, олтарни двери за кои велат дека се уникатни по богатата резба. 

    На старите темели е одново е изграден црковниот конак, во кој удобно може да се сместат 25 луѓе. Од чардакот на конакот се простира прекрасен поглед на синото езеро „Стрежево“ и на снежниот врв Пелистер. Освен што ќе ги наполнат „батериите“ гостите може да возат велосипед или за 1,5 час пешки до стасаат до Смилево, за 2,5 часа до Сопотско или до Ѓавато, а оние со подобра кондиција за 6 часа и до демирхисарско Бабино. 

    Роберт и Зоран ни кажуваат дека од големо и напредно село со 900 куќи Гопеш станал испустено село, како што предвидело пророштвото од крајот на 19 век според кое ќе дошло време селото да се сведе на 7 куќи, со колку што било основано. Првиот голем удар го имало во и по Првата светска војна, кога голем дел неговите жители се иселиле во Бугарија. Иако многумина заминале на печалба, сепак кобниот удар, како и многу други села, Гопеш го доживеал по Втората светска војна поради преселбата на луѓето во градовите. Живнало благодарение на изградените викендички. Првата ја направило семејството на фотографот Папакоч, кој во Битола е познат и ценет исто колку и неговиот претходник Манаки, но сепак, како и на други места, пресудни за враќањето на луѓето биле патот и струјата. 

    Гопеш се наоѓа точно на тримеѓето меѓу Битола, Ресен и Демир Хисар. До него се стасува лесно, по добар асфалтен пат направен во 1997 година. 

    Улично осветление три години по Скопје

    Селото добило струја неколку години пред тоа, во 1991 година. Ова не би било чудно ако Гопеш не е првото село во Македонија со улично осветление. Го добило во 1912 година, само три години по осветлението на Скопје. 

    - Не само што имаше осветлување, туку имавме и пет училишта. Грчкото и романското училиште имаа огромни згради. Во нив се изведуваа претставите на театарската дружина, чиј фронтмен беше Никола Падори. Првата одиграна претстава беше од Молиер. Овде се живееше исто како во град. Луѓето се школуваа во Виена и во Париз и оттаму ги носеа сите новини. Велевме дека не само немаме никаква потреба од Битола, туку и оти сме понапредни од неа - ни раскажува Јанко Цингара, кој често доаѓа и долго се задржува во својата убава двокатна стара куќа во Гопеш. 

    Гопешани може многу да ви раскажуваат за историјата - по палењето на Смилево за време на Илинденското востание им биле домаќини на избеганите фамилии. За време на Првата светска војна во селото била изградена австроунгарска воздушна болница, а во Втората светска војна во монументалната црква бил сместен штабот на Седмата македонска ударна бригада на чело со Васко Kарангелески, поради што селото неколкупати било бомбардирано.

    ЖИВОТ НА ВИСОКА НОГА

    Уште повеќе гопешани може да ви раскажуваат за градските навики на своите предци. Доказ се старите фотографии што ги има и во црквата и во секоја куќа.

    - Овде се живеело аристократски. По јазикот што го зборуваме најблиски сме со Власите што живеат во Kлисура и во Невеска. Не сме се мешале со другите. Мојата баба Хрисафија, која била од фамилијата Хрисик, имала многу проблеми кога сакала да се омажи со дедо ми, кој не бил од толку имотно семејство. Во село носела шапки, а од своите навики и животот на висока нога не се откажа ниту кога емигрирала во Америка, ниту кога во 1969 година се вратила назад. Почина на 90 години и до последен миг одеше на фризер и на козметичар за депилација. Иако родена во град, мајка ми немаше такви навики - ни раскажува Роберт.

    (Дневник)

    28 март 2014

    Rating: 0.0/0
    Views: 191 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024