|
Main » 2013 » October » 31 » ПИСМО
|
ОСВРТ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МПЦ И НА СОСЕДНИТЕ ЦРКВИ
Денес, ние Македонците во суштина не ја познаваме (а треба да ја знаеме) историјата на нашата МПЦ од нејзиното создавање до нејзините конституциони проблеми, со хронологија на настаните и на причините за нив. Со создавањето на македонското Самуилово царство (976 г.), основана е автокефалната Охридска архиепископија (987 г.), но под првото нејзино име Охридска патријаршија. Тогаш, во средновековието, по правило, новосоздадената држава задолжително била следена со постоење сопствена независна црква. По изгубената битка на цар Самуил во 1014 г. од византискиот цар Василие Втори, тој ~ ги скратува во 1018 г. стекнатите надлежности и ја симнува во понизок ранг - во Охридска архиепископија (ОА). Таа како таква работи и живее околу осум века, с` до нејзиното укинување од цариградскиот патријарх Самсил во 1767 г., а во времето и со знаење (одобрување) на турскиот султан Мустафа Трети (1757-177 г.) и нејзино тогашно спојување кон Цариградската патријаршија. Една година порано (1766) од султанот Мустафа Трети била укината и Пеќската патријаршија (ПП), која исто така била приклучена кон Цариградската патријаршија. ОА имала вкупно 31 епархии, опфаќајќи ги трите делови на Македонија, добар дел од Бугарија и Албанија, како и Србија с` до преку Дунав и до Јадран.
Српската ПП е основана во 1219 година во Жича и тоа како Пеќска архиепископија, а во времето на владеењето на српската династија Немањиќи, кога без канонски правила, механички, се одвојува од мајката-црква - Охридска архиепископија, а која дотогаш била во нејзин состав. Подоцна, со проширувањето на Душановото царство кон Македонија, цар Душан на црковен собор во Скопје во 1346 г. е крунисан за цар во присуство токму на сите епископи од Охридската архиепископија. Истата година цар Душан Пеќската архиепископија ја подига во ранг на Пеќска патријаршија. Но, по потпаѓањето на српската држава под власт на Османлиите и по паѓањето на последниот пеќски патријарх Арсениј Втори (1463), престанала да работи Пеќската патријаршија, а сите нејзини епархии повторно биле приклучени кон Охридската архиепископија. Вака останале с` до 1557 г. кога повторно е обновена Пеќската патријаршија за во 1766 г. турскиот султан Мустафа Трети да ја укине, една година пред укинувањето на Охридската архиепископија. Бугарската егзархија (тогаш како Дрстерска архиепископија) била укината многу порано. Византискиот цар Јован Цимиски откако ја освоил Бугарија во 971 г., ја приклучил кон Цариградската патријаршија, а бугарскиот архиепископ Дамјан го отстранил. Бугарската архиепископија е расформирана, а е обновена дури 1870 г. како Трновска егзархија со ферман од турскиот султан Абдул Азис (1861-1876).
И така с` до 1918 г. (Првата светска војна) Охридската архиепископија со своите шест епархии се наоѓала под управа на Цариградската патријаршија. Со создавањето на Kралството СХС во 1918 г., кога Македонија (вардарскиот дел) е окупирана и споена кон Kралството СХС, српските власти во 1919 г. бараат од Цариградската патријаршија и епархиите од завладеаната Македонија да се спојат кон Српската патријаршија. Kралството СХС ~ нуди на Цариградската патријаршија откуп од 1,5 милион златни франци за македонските епархии. Цариградската патријаршија прифаќа и на 19 март 1920 г. Светиот синод во Цариград носи одлука со која се дава отпуст епархиите од Македонија да се присоединат кон Српската патријаршија. На овој начин, од 1920 година, првпат купена, МПЦ во лицето на ОА влегува во состав на СПЦ, што трае с` до 1941 г. кога со бугарската окупација на Македонија (1941-1944), сега пак Бугарската егзархија, ги зема во свое владение македонските епархии. При крајот на Втората светска војна Православната црква на Македонија во октомври 1943 г. во селото Издеглавје го одржува првиот македонски свештенички собор и донесува прокламација со барање за македонска црковна самостојност. По ослободувањето, во 1944 г., скопското свештенство избира духовен одбор со задача да работи на формирање иницијативен одбор за организирање и заживување на МПЦ. По иницијатива на овој одбор на 4 и 5 март 1945 г. во Скопје е одржан Првиот македонски црковно-народен собор на кој присуствувале 300 делегати (150 свештеници и 150 мирјани – угледни личности) од цела Република Македонија. Тука, повикувајќи се на одредбите од каноните на Вселенскиот собор и на историското право за осумвековното постоење на Охридската архиепископија, на Соборот е донесена резолуција, со која се бара да се обнови ОА како самостојна - Автокефална македонска православна црква, да се формираат народни епископи, првиот македонски епископ да ја носи титулата охридски архиепископ, православната црква на Република Македонија во Свети Kлиментова – Охридска архиепископија и други барања. Оваа Одлука на МПЦ е доставена до СПЦ во Белград, каде што е одбиена. Потоа се донесувани повеќе барања и одлуки од МПЦ до СПЦ (1946, 1947, 1951, 1955, 1958 г.), но сите биле енергично одбивани од Српската патријаршија. Во 1959 г. српскиот патријарх Герман на МПЦ ~ предлага автономија, но МПЦ не прифаќа зашто „автономија" претставува еден вид самоуправување, но со ограничено владеење и под контрола на српскиот поглавар, со назначување македонски поглавар единствено од страна на СПЦ и други услови.
Светиот синод на МПЦ на Вториот црковен народен собор од 17 до 19 јули 1967 г. во Охрид донесува одлука за прогласување автокефалност на МПЦ (точно по два века од нејзиното укинување). На оваа одлука од МПЦ остро реагира СПЦ - ќерката на МПЦ и ја одбива. Ќе нагласиме дека српскиот народ и СПЦ ги имаат прифатено религијата (христијанството) и словенската писменост токму од духовните терени на Македонија. И нешто друго, државата Србија својата големодржавност ја има добиено со крунисувањето на својот цар (Душан, 1346 г.) токму на теренот на Македонија (во Скопје) при целосното присуство и благослов на сите македонски епископи токму од Охридската архиепископија - мајка на СПЦ. Едноставно СПЦ врши кражба на црковната историја!
Накратко и за тогашното однесување на Цариградската патријаршија. Со распадот на турската империја (1912) по Првата светска војна (1920), Цариградската патријаршија ги губи онаа духовна моќ и превласт што ја имала во времето на османлиското владеење. И така, Синодот на грчките црковни фанариоти во Цариград, во 1922 г. прогласуваат т.н. Мелестиева доктрина (на цариградскиот патријарх, Гркот Мелетие Метаксис, 1871 – 1932). Според оваа доктрина, цариградскиот црковен врв одлучува годината 1922 да биде како црковен меѓник, што значи дека сите дотогаш новосоздадени национални држави (Србија, Бугарија, Грција, Романија и др.), а кои имаат основано свои национални цркви до таа година (до 1922 г.), да можат да постојат како такви - автономни, но не автокефални, без оглед на нерегуларноста во нивното неканонско отцепување од Цариградската патријаршија. Од оваа пресечна година (1922), па натаму сите евентуално новоосновани цркви на новосоздадените држави не ќе може да се осамостојат и тие остануваат и потпаѓаат под јурисдикција на Цариградската патријаршија (грчката). Новооснованите национални цркви (значи, пред 1922) во новосоздадените држави Романија, Грција и Бугарија ја добиле својата автокефалност со декрети токму од сопствените држави и од никој друг. Така, Романската црква автокефалноста ја добила од сопствената држава Романија по 21 година, Грчката по 27 години, а бугарската црква дури по 78 години. Сите тие својата автокефалност ја добиле од сопствените држави, а не од Цариградската патријаршија. Ако е така, тогаш и МПЦ може да ја добие својата автокефалност од сопствената држава Македонија. Исто така, врз основа на 17-то правило донесено на четвртиот Вселенски собор одржан во Цариград, се вели дека границите што омеѓуваат една држава треба да бидат следени и во црковните разграничувања. Денес, ние Македонците, кои имаме сопствена држава, според тоа правило, имаме право на сопствена македонска црква. Впрочем, на тој начин и СПЦ, БПЦ, ГПЦ, а последните години и АПЦ, го решиле своето црковно возобновување. Тоа значи дека нема потреба од туѓа канонска црковна согласност за автокефалност на МПЦ.
м-р Стефан Kоцевски, архитект во пензиJа од СкопJе
|
Category: разно |
Views: 315 |
Added by: Вељанко
| Rating: 0.0/0 |
|
|