ЕKСПЕРТИТЕ ЗА ПОСЛЕДНИОТ ПРЕДЛОГ НА ВАСИЛАKИС
ГРЦИЈА И НАТАМУ ГИ ПОСАКУВА ГОЛЕМА БУГАРИЈА И ГОЛЕМА АЛБАНИЈА
Навредлив и иритирачки предлог, кој покажува дека грчката страна нема ни најмалку добра волја за решавање на прашањето за името. Вака експертите, дипломатите и познавачите на спорот го опишуваат решението што во Њујорк на посредникот во преговорите Метју Нимиц му го понудил грчкиот преговарач Адамантиос Василакис - „Славјанско-албанска Македонија".
Предлогот, колку и да не е сериозен, според дипломатски извори, е став на грчката влада, а не изум на самиот преговарач и е доказ дека Грците никогаш не престанале да ја туркаат тезата за „Славомакедонија".
Македонски дипломат, кој инсистира на анонимност, смета дека предлогот „Славјанско-албанска Македонија" практично значи „грчки предлог за федерализација на Македонија". Според него, овој предлог само ја потврдува максимата „Не верувај им на Данајците и кога подароци даваат".
- Предлогот е „тројански коњ", кој може да предизвика сериозни последици. Всушност, Грција вели дека сака да ја види Македонија како држава на два целосно раздвоени ентитета и удира во унитарноста на државата - истакнува дипломатот.
Надвор од меѓународната култура
За поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, ваквата изјава на Василакис е на линија на тоа што го кажа Андонис Самарас уште во 2009 година како министер за култура, но во малку поинаква форма, со дипломатски речник. Тогаш Самарас во едно интервју рече дека Грција треба да продолжи да ја блокира соседната држава со сите средства и да чека државата да се распадне на голема Албанија и голема Бугарија.
- Неговата логика сега е преточена во еден иритирачки предлог, чија цел е да омаловажи и да испровоцира - вели Милошоски.
Според него, ова е показател дека треба да се размисли дали го трошиме времето за непродуктивни разговори. Неговиот став не е дека преговорите треба да се прекинат, но дека треба да има барем минимален услов за нивно водење, а тоа се Привремената спогодба и пресудата од Хашкиот трибунал.
Историчарот Тодор Чепреганов вчера дури и не сакаше да го коментира предлогот, сметајќи го како крајно несериозен.
- Ваков предлог да се даде во ОН е надвор од меѓународната култура и затоа сметам дека некој си поигрува со процесот со кој посредува Нимиц. Од друга страна, никогаш во историјата не постоела теза или идеја за заедничка држава на Македонците и Албанците по некаков федерален принцип. Оттука станува збор за грчки изум - вели професор Чепреганов.
Поранешниот амбасадор Огнен Малески предлогот изнесен од преговарачот Василакис го гледа како заострување од страна на Атина, бидејќи грчките власти добро знаат оти ваков предлог ќе се сфати како провокација и ќе ги подигне емоциите во земјава.
- Со ваков предлог тие сосема ги извртеле работите и одат по линија на население, а не по географска линија и свесно влегле во варијантата на провокација - ни изјави Малески.
Според него, ова е кажано како провокација и претставува ставање прст в око, зашто се игра на етничката карта. Но, од друга страна, додава тој, ова е сериозно предупредување дека ни треба внатрешна координација.
Единствена порака за името
Ставот на Малески е дека ако нашата преговарачка страна чувствува оти работите одат во друга насока, односно кон заострување, неопходни се широки консултации дома, бидејќи сега не се работи само за преговорите за името, туку за кочење на сите процеси на интеграција. Сега, според него, губењето време е пострашно отколку порано, бидејќи тогаш, во 90-тите, немаше толкава пресија.
- Друго прашање е дали овој предлог е инцидентен или е лансиран во пресрет на декемврсикиот самит, па е упатен како сигнал и до нас и до нашите поддржувачи дека грчките власти нема да попуштат - вели Малески и додава дека евентуалните консултации на властите, но и во институциите и со опозицијата, би овозможиле да се испрати единствена порака за ова прашање.
Ваквиот предлог е неприфатлив и за коалициската ДУИ, бидејќи ги оддалечувал двете земји од решение и му штетел на преговарачкиот процес.
Ставот на ДУИ е дека треба да има преговори на највисоко ниво меѓу премиерите на двете земји.
Жана П. Божиновска
ГРЦИТЕ НЕ КОМЕНТИРААТ
Во Грција вчера не се појави реакција, ниту коментар за предлогот на Василакис. Единствено весникот „Kатимерини" пишуваше дека Грција го заострила својот став за опсегот на употребата на компромисното сложено име за Македонија, во анализа под наслов „Атина го заостри ставот за името на ПЈРМ".
Во анализата стои дека двете страни се согласуваат за географска одредница, но имаат различни ставови за тоа каде таа треба да стои. Во ваква атмосфера, според „Kатимерини", посредникот Нимиц го продолжува своето посредување, но не го крие своето разочарување од немањето напредок, иако прати порака за својата одлучност да продолжи да бара заемно прифатливо решение.
|