Европска чума го тресе Балканот
Замислете си, на што би личело медиумите и политичарите во Русија или во Кина перманентно да ги „дават" своите сограѓани со,,вести и информации" од телата на Светската трговска организација, кои такуѓере се под евроатлантска доминација и која исто така со години го опструира нивното членство. Замислете каде ќе беа Турците во својот развој ако постојано се занимаваа со евробирократите и таканаречената европска заедничка политика. Или да го земам за пример Тајван. Тамам работа да седи и да чека да биде признаена држава, а притоа да му изумре населението
Кој води надворешна политика во Македонија? Владата или Теута Арифи? Да не сме добиле случајно по рамковен и алтернативна, учка-надворешна политика? Никола Попоски е „делумно" незадоволен од неправдата на која сме сведоци во „секвенци", додека Теута Арифи е презадоволна од новата европска (р)јамка за Македонија. Разногласието и разликите во тонот на пригодните изјави на македонските политичари по новото фијаско на „заедничката" ЕУ-политика кон заокружувањето на територијата на европскиот континент се единственото нешто што треба да нѐ вознемири и за кое итно треба да се изјасни Владата. Да сме на чисто! Овој начин на работа, а по серијата терористички напади врз институциите во изведба на ДУИ оваа година и толерирани од ВМРО-ДПМНЕ, отвора пат за паралелни политики што би се сместиле во паралелни институции кои, како новосоздадени факти на теренот, на крајот, преку промена на уставот, ќе ја верифицираат федерализацијата.
Додека го чекам одговорот сакам уште еднаш да констатирам дека е многу глупаво, политички незрело и државнички неодговорно животот на цела една генерација да помине во исчекување позитивни извештаи од некаквиси таму регионални ексклузивни политички клубови. Замислете си на што би личело медиумите и политичарите во Русија или во Кина перманентно да ги „дават" своите сограѓани со „вести и информации" од телата на Светската трговска организација, кои такуѓере се под евроатлантска доминација и која исто така со години го опструира нивното членство. Замислете каде ќе беа Турците во својот развој ако постојано се занимаваа со евробирократите и таканаречената европска заедничка политика. Или да го земам за пример Тајван. Тамам работа да седи и да чека да биде признаена држава, а притоа да му изумре населението. Уште подобро е како пример да ги наведам Палестина и Палестинците. Со децении живеат во ненормални услови, ама не се предаваат и бараат излези за сите блокади.
„Се надевам" и „сакам да верувам" не се баш фрази што сакам да ги употребувам зашто најчесто ги изговараат неталентирани тесногради политичари-лажомани, ама овој пат навистина мислам дека се соодветни со очекувањата, македонската државна политика да се сепне и конечно да ги преуреди своите приоритети дури и без да чепне во стратегиските цели. Прво, значи, да ги среди или расчисти односите во коалицијата, да ги стабилизира со Уставот установените институции, да постави недвосмислени правила на политичко однесување и дејствување, па нека распише нови избори и нека побара плебисцитарна поддршка од македонскиот народ за програма што значи развој и опстанок на македонската држава и нација со сите особености, а без датум за преговори со ЕУ. Зарем не е време нашата држава да побара прецизно толкување од Брисел дали ЕУ го признава постоењето на Македонија и Македонците како народ? Дали ЕУ ја поддржува политиката на нејзините земји-членки што не признаваат и оспоруваат вакви факти? Какви добрососедски односи можете да градите со такви држави, земји-членки, а да се зачувате себеси?
Како што реков, ЕУ не е заедница што ги исполнува високите стандарди на еден цивилизиран европски народ каков што е македонскиот. Таа е заразена со вредносна чума што го пустоши континентот. Не дека нешто посебно го ценам или би го истакнала во вообичаени нормални околности, ама дури и аналитичарот и експертот од САД, Даниел Сервер, го мисли истото што и јас. А тоа е дека од ЕУ керпич не бидува.
Доказ? Па ви се молам, оние од Брисел тукушто ја трансформираа Унијата на држави во Банкарска унија.
Која по ред им е оваа трансформација? И која од која поучинковита! Каде ли ќе запукаат под раководство на Берлин и Париз следниот пат?
Онаа карикатура од политичар Јелко Кацин, како преплатен циник-безделник, ни испорача коментар дека само Македонија одлучувала за својата европска иднина. На неа е! Брисел нема ништо со тоа!
Шарлатан! Па да. Паметен човек со трошка срам, на заклучокот дека Македонија во наредните три месеци ќе ја набљудуваат како и дали гради добрососедски односи со фашистички држави и врз основа на перцепцијата на набљудувачите по три месеци, па за време на ирското претседателство ќе ѝ пресуделе дали треба или не треба да добие датум за преговори, би прашал јавно дали државите што оспоруваат постоење на македонско малцинство во нивните држави всушност со тоа ставаат јасно до знаење дека не постои македонски народ. Дали полека со ваквите заклучоци не нѐ водат кон суштината на „спорот со Грција", а тоа е овие од ЕУ да го ликвидираат македонскиот народ како идентитет? Дали воопшто може да се градат добрососедски односи со држави чија политика е заснована на уништување на државата Македонија? Да го прашаме за мислење Израел?
Кој мониторинг, какви набљудувачи, какви заебанции уште нѐ интересираат? Па, истата оваа унија на декаденти, без око да ѝ трепне, призна и прими во членство половина држава каква што е Кипар без да ја условува со добрососедски односи или имотноправно решени прашања со Турција.
Ние сме живо заинтересирани да си останеме народ со перспектива, да си имаме одржлива и спастрена држава, која економски, културно, цивилизациски ќе се развива. Време е на тоа да поработиме без старателство од Брисел. Кој нејќе, ене му го коридорот 10 - нека „цепа" во „слободна и демократска" Банкарска унија заедно со Златна зора и Каракачанов. Колку што знам, националниот сон на Македонците не е живот во амбиент на Четвртиот рајх.
Народот мошне добро знае дека со ситни душички и учки не се прави држава. Нели така беше господо другари од СДСМ? Вие први ни го кажавте тоа. Е па, ајде де еднаш издиференцирајте се и вие однатре! Застанете си пред семејните огледала, анкетирајте си ги членовите на семејствата и видете си го одразот на вашата внатрешност. Што го знаеш! Можеби овој пат пријатно ќе се изненадите самите, па наместо да паламудите и да ги браните негаторите на нашето постоење само зашто имате голема желба да му цркне козата на Никола Груевски (поголема дури и од опстанокот на Македонија и Македонците), овој пат ќе побарате да се вклучите во оформување храбра далековида државна политика. Што знам, можеби ќе престанете да пишувате лево-десно дури и смешни кодошки писма против легитимно избраната влада на својата држава. Можеби ќе престанете да ги изложувате на потсмев и државата и нацијата. Ако, пак, веќе неповратно сте заглавиле во филмот на кобајаги сириската здружена опозиција и живеете во надеж дека со странска логистика ќе станете власт, имајте на ум - ништо што е насадено накриво не вирее! Од Авганистан до Либија. Од Виетнам до Бурма, од Куба до Порторико. Од Ирод, преку Девалие, Пиноче и Моис Чомбе, па наваму. Прашајте го Пол Волерс ако не ми верувате! Тој подробно ќе ви раскаже како и зошто супериорните САД со свиткана опашка, а по серијата најнови „блескави победи", си заминуваат од победените „нецивилизирани" терени. |
|
|
|
|
|
|
|