БОГОЈАВЛЕНИЕ
Евангелијата не биле напишани за да ја опишат целокупната историја на Христа, туку да го прикажат вочовечувањето на Синот и Логосот Божји, како и тоа што Христос учел, што направил и што претрпел за човечкиот род. Во суштина, Евангелијата биле катихетски помагала. И затоа немало потреба од историските факти на Христовите живот, ниту од осврнувања на Неговата детска возраст. Неговото доаѓање во Храмот било вметнато во Евангелието затоа што тоа беше најраното објавување дека Он е Синот Божји............................Настанот на Христовото крштение во реката Јордан од страна на Јован Претеча се нарекува Богојавление (Епифанија - јавување). Во древната Црква, на истиот ден (6 јануари) заедно се празнувале празниците Христово Рождество и Богојавление. Во четвртиот век празниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на сонцето, а христијаните Го празнуваат Сонцето на правдата. Исто така, се нарекува и "ден на Светлините" како што го именува свети Григориј Богослов, поради Крштението, просветлението на огласените и поради јавувањето на светлината..........................................................Многу се називите што му се дадени на Јован Претеча. Зборот Јован значи дар Божји. Претеча значи тој што му претходи на патот, т.е. предвесникот на Месијата. Се нарекува Крстител затоа што го крсти Христа. Свети Козма Мајумски во канонот на Богојавление го именува со три изрази: глас на Логосот, светилник на Светлината, зороносец на Сонцето. Синот и Логосот Божји е воипостасниот Логос на Отецот. Јован е глас на Логосот. Христос како Бог е беспочетната и нетварна светлина. Претечата е светилникот, Христос е Сонцето на правдата, блескавото Сонце на Божеството, а Јован е зороносецот, т.е. зората што го предвестува изгревањето на сонцето. Така, сите имиња, епитети и фрази, се поврзуваат со неговото основно дело, да предвести за доаѓањето на Месијата.................................................................................... Зборот крштение (Baptisma), како што толкува свети Никодим Агиорит, што значи потопување, е глаголска именка која произлегува од глаголот Bapto - потопувам. Од овој глагол произлегува Baptizo и од таму Baptisma - крштение. Така, значи, крштението се поврзува со вода. Светите отци учат дека постојат повеќе видови крштение. Свети Григориј Богослов учи дека постојат пет видови. Првото крштение е Мојсеевото, кое има привремено очистување. Второто е на Претечата, кој го крштеваше народот со покајното крштение. Третото е Христовото крштение, со кое се крштеваат луѓето и стануваат христијани и кое се врши со дејството на Светиот Дух. Четвртото е тоа на мачеништвото и на крвта. Петото крштение е на покајанието и на солзите....................................................Свети Никодим Агиорит вели дека на керамичарот за да направи еден сад му требаат два елементи, т.е. вода, за да се поткваси земјата, и оган, за да го обработи потквасениот материјал и така да го оформи. Истото тоа го направи и Бог, големиот керамичар на нашето тесто. Бог, сакајќи да ја пресоздаде нашата природа која беше повредена од гревот, употреби оган и вода. Оганот го зема од Себеси, бидејќи како Бог е "оган што изгорува" кој го гори злото, а водата ја позајмува од реката Јордан..................... Крајно невозможно е да сопостојат тие два елементи заедно, т.е. водата и огнот. Затоа што огнот не може да се запали на влажно место, а водата го гаси огнот. На реката Јордан можат да сопостојат, затоа што огнот е несоздаден (нетварен), додека водата е создадена (тварна). И затоа нетварниот оган не е под влијание на тварниот елемент на водата, туку спротивно, тварната вода се осветува со огнот на Божеството...... Реката Јордан остана позната во историјата поради различни настани, но пред се поради проповедта и крштението на Јован Претеча, но и поради крштевањето на Христа во неа. Според сети Јован Златоуст, Јордан е образ на човечкиот род. Најпрво се нарекува Јордан, затоа што произлегува од два извора, од Јор и Дан. Овие два извора ја формираат реката Јордан, која се влева во Мртвото Море. Според едно анагошко толкување, сиот човечки род произлезе од два извора, т.е. од Адам и Ева, а со гревот беше одведен во умртвување, во мртвото море на сегашниот живот, каде што е смртта. Во тој Јордан, т.е. во човечкиот род, влезе Христос со Своето вочовечување и на тој начин ја победи смртта и ги насочи луѓето кон предишниот живот. Пророкот Давид пророчки вели: "Морето виде и побегна, Јордан се сврте назад". Со тоа сакал да го покаже зачудувањето на морето, на водата што се распростирала на голем дел, и на реката Јордан, од влегувањето на безгрешниот Христос во неа. Тоа зачудување се оправдува во молитвата на Водосветот, која ја напишал свети Софрониј Ерусалимски и која се чита при осветувањето на водите. Се вели: "Јордан се сврте назад, гледајќи го огнот на Божеството како телесно доаѓа и влегува во него". Огнот на Божјата природа во Христовото тело, влегуваше во водата. Ова пророштво на некој начин и во еден степен, се применува и во животот на христијанинот. Морето е животот на човекот, кој е полн со маки, затоа и се нарекува солено море. А, како што видовме претходно, Јордан е човечкиот живот што по падот на првосоздадените беше одведен во умртвување, се поврза со смртноста и со трулежноста. Со покајанието човекот се ослободува од соленото море на животот, а, исто така, и животот на човекот се преобразува, се менува, се насочува кон своите вистински извори, стекнува друга смисла (Исихиј Презвитер).................................................................................Потопувањето на Христа во реката Јордан и нашето крштевање е еден чудесен потоп, многу повозвишен и подобар од потопот на Ное, како што вели Прокло, патријархот Константинополски. Тогаш водата ја умртви човечката природа, но сега водата на Крштението, преку Христа Кој се крштева, ги оживотворува умртвените од гревот. Тогаш Ное направи ковчег од неделкани дрва, а сега духовниот Ное, Христос, го направи ковчегот на телото од нетрулежната Марија. Тогаш гулабот, кој држеше маслиново гранче, го навести благоуханието на Христа Владиката, а сега Светиот Дух, Којшто слезе како гулаб Го покажа милостивиот Господ.......................................................Христос се крсти за да го исполни Законот и да ја донесе Својата благодат во водата, во сета твар и во човекот. Значи, некому му ја даде можноста да ја стекне благодатта на синовството, да го стекне Богојавлението во својот личен живот. Тоа јавување Божјо го сочинува богопознанието, а бидејќи богопознанието е егзистенцијално собитие, затоа и тоа го предизвикува спасението.............................................................................................................................................................................................................................................................................................Митрополит Јеротеј Влахос, од книгата "ГОСПОДОВИ ПРАЗНИЦИ"
|