|
Улогата на Перко швалерот во македонската политика 25-1-2013
| 2013-09-11, 4:09 AM |
Улогата на Перко швалерот во македонската политика
Сега лидерот на СДСМ стравотно ме потсетува на Перко швалерот, кој во седумдесеттите години од минатиот век оперираше на скопското корзо и смислата на својот безначаен живот ја наоѓаше во „објавување и обзнанување" на своите швалерски потфати на „Златните пјасоци" во Бугарија за време на неговите работни лета. Перко за денешните генерации не значи ама баш ништо. Кутриот, не стана дел од скопската историја
Бранко ја повлече својата бланко-поддршка со која преговарачот во спорот со Грција околу името на нашата држава да договори „компромис" што немало да го загрози нашиот колективен идентитет. Не само што ја повлече ами и упати предупредување дека одговорноста за евентуален договор ќе паднела исклучиво на оној што преговара без негов благослов. Божем тој е мериторен да утврдува чија било одговорност. Веројатно си мисли дека може да прогласи дисконтинуитет кога ќе му ќефне. Како да заборава дека Груевски не почна преговори за името. Ги почна тој.
И така дојдовме до суштината на нештата. Лидерот на СДСМ дејствува, носи одлуки според сопствениот карактер. Тој е екстремен егоцентрик. Како таков, мисли дека сѐ се врти околу него. Дека е најважен. Дека неговите желби и потреби се смислата на животот. Егоцентрикот по дефиниција е склон кон диктат. Тој размислува и дејствува ултимативно. Тој не може ни да сфати, ни да прифати различни мислења, поинакви ставови, не може да биде толерантен, ни кооперативен, ни комуникативен. Може само да глуми дека ги разбира, и тоа само во услови кога тој е главен, односно кога инстинктивно чувствува дека е незагрозен. Негова влечна сила е исполнувањето на сопствените желби и нагони. А главен нагон е тој да знае дека има моќ да решава за судбините и животите на луѓето. Таквите несреќници не се способни на соочување со реалноста. Живеат виртуелно. Се плашат од комуникација, од секоја форма на блискост.
Немаат чувство за одговорност ама баш кон никого. Емоционално се незрели. Егоцентрикот едноставно не ги разбира тие категории зашто себеси се доживува како апсолут. Кога на ваков човек нема да му се исполнат желбите, вие едноставно му го рушите светот, му го загрозувате животот. Со последната изјава Бранко манифестира хистерија. Во овој момент тој е хистерично дете, кое се тркала на земја и пишти зашто родителите не му ја купиле играчката што му ќефнало да ја има. Не го интересира дали татко му има пари, дали мајка му сака да го воспита да биде разумно и воспитано дете, кое знае што се одговорност, самодисциплина, скромност. Тоа само знае дека сака. Нашево дете во политиката сака да дојде на власт. По секоја цена!
Тоа значи дека е во фаза кога веќе не се ни обидува да скрие дека е подготвен на сѐ. За да живее тој, ако треба, нека умре сѐ друго. Со други зборови, Бранко ни кажа „што ќе ми е државата Македонија ако јас не сум нејзин бог". Од такви како него се регрутираат марионети, диктаторчиња, верни слуги на моќни заштитници, платени убијци, егзекутори.
Не зборувам јас само така. Кога му ја слушнав изјавата, се сетив на оригиналната верзија со која го заврши говорот на вонредниот конгрес на СДСМ во 2000 година, кога, за да остане на чело на партијата, а по поразот на изборите во 1998 година, пред делегатите кажа: „Што ќе ми е партијата ако ја загубиме државата". Ефектно, нема што! Е, ама егоцентрикот секогаш го кажува она што не го мисли, односно обратното. Оној што нема емоции и чувство на одговорност го покрива тоа со харизма, слаткоречивост и дарба за демагогија. Фактички, целово востание, сите овие глумажи за борба за демократија и сл. се маска за покривање на вистинскиот порив, кој нема ама баш никаква врска со доброто на државата, нацијата, демократијата. И тогаш кога го изговори тоа и сега, фактички, Бранко чувствува обратно. Што ќе ми се и државата и партијата и сите вие како народ ако јас не сум на власт! Човеков едноставно има стравотна, биолошка потреба за моќ. Ако ја нема, тој не постои. Ако не може да го задоволи нагонот, тој руши сѐ пред себе.
Во тоа е суштината на проблемот. Мојата дилема од моментот кога сум ја открила Бранковата вистинска природа и сум му ја кажала дијагнозата најпрво нему лично, е како да се справите со ваква структура, која заради ниски стандарди во политичката сфера се добрала до високи државни и партиски позиции? Дозволете ми затоа да сум скептик дека на ваков случај лекот му е дијалог, разумен компромис или нешто слично. Дури и да одиме на парламентарни избори, со негов нов пораз в година пак ќе одиме на избори. Лидерот на СДСМ денес е во стадиум во кој сонува 24/7 за моментот кога ќе може со палецот, еден по еден да нѐ згмечи како бубачки. Верувајте ми, знам. Тој веќе нема рампа.
Како таков, денес совршено му одговара на Андонис Самарас. Како таков, се разбира дека не му чуе ни за суверенитет, ни за интерес на државата или нацијата. Би истргувал буквално сѐ, дури и родено дете, за да си го задоволи поривот. Го боли уво дали ќе се изгласа буџет, дали ќе ѝ паднел угледот на државата, дали пензионерите или социјалните случаи ќе добијат покачување, дали ќе сме добиеле позитивен извештај од некаде, дали со постапките ќе предизвика граѓанска војна. Како таков, тој не може да изгради ниту еден цврст и јасен став, да креира издржана програма за работа, да донесе платформа заснована на темелни вредности. Е, кога таков профил ќе стане и носечки политичар на една партија и како основна мерка за самозаштита околу себе ќе собере празноглави следбеници спремни да му бацуваат рака, слабаци и неталентирани опортунисти, сосема е јасно зошто таа партија со него е осудена на пропаст, ама и државата има главоболки.
Егоцентрикот Бранко со последната изјава ни открива и уште нешто што не смееме да го заборавиме. По неговата „логика" тој двапати ја направи истата грешка. Му „дозволи" на ВМРО-ДПМНЕ да победи само за да ги дозаврши и формализира валканите работи што тој ги почна и така, врз оваа партија да падне историската одговорност за крахот на македонската кауза. Една од тие е името. Егоцентрикот во него, кој очигледно сосема завладеал и ја апсорбирал неговата личност, сега го тера јавно да ни соопшти дека тој нѐ има во шака. Бесен е. Не повеќе на Љупчо Георгиевски, кој му се предаде уште во мигот кога му го прифати ултиматумот во 2001 година. Бесен е на Груевски, кој шестпати го тепа на избори и не го рецка.
Бесен е на Македонците, кои веќе не му ја даваат својата судбина во негови раце. Бесните луѓе не се разумни. Кажуваат повеќе од што треба и така се разоткриваат. Тој тоа го почна во новогодишно интервју во кое на нацијата како шеф на држава ѝ ја честиташе 2006 година со зборовите: „Сакам да го видам оној политичар што ќе му соопшти на народот дека му го сменил името". Се преигра! Го понесе егоцентричната самобендисаност, па предвреме ни откри дека од Груевски очекува да ја потпише смената на името под притисок на приоритетот да сме влезеле во НАТО по секоја дена. Потоа, јавно почна да лицитира со предлози за ново име на државата, да биде флексибилен и во исто време преку Собранието да го напаѓа Груевски за тврдокорност, ама и за предавство. Почна активно да одработува за грчката политика. Почна така, а заврши со кампања за странска интервенција. Е, ама СДСМ не е дури ни од надвор склепана сириска опозиција. Од него буквално сите си мијат раце. Освен Самарас. Никој паметен и одговорен во политиката не дава бланко-поддршка, а особено не за крупно или витално прашање за нацијата и државата. И никако на политичка партија водена од лидер за кој систематски се говори дека бил диктатор, кој ја загрозува иднината на државата. Никој разумен и одговорен не се дрзнува национален и витален интерес да го третира како средство за уцена, како ставка за тргување. Никој со три зрна функционален мозок не прогласува востание без да си ги знае реалните потенцијали, а уште помалку во востание ќе тргне со украдена симболика на една друга генерација, со логото на една политичка групација од една соседна држава и со фонтот на српска „Политика".
Сега лидерот на СДСМ стравотно ме потсетува на Перко швалерот, кој во седумдесеттите години од минатиот век оперираше на скопското корзо и смислата на својот безначаен живот ја наоѓаше во „објавување и обзнанување" на своите швалерски потфати на „Златните пјасоци" во Бугарија за време на неговите работни лета. Перко за денешните генерации не значи ама баш ништо. Кутриот, не стана дел од скопската историја. Љунферот одамна не се смета за вреден трофеј, па ваквиот анахроно ориентиран егоцентризам одвај дали е интересен само за писателите. Но ако му е за утеха на Црвенковски, еве, му гарантирам дека тој и неговото политичко дело, а особено неговата последна изјава, нема да завршат како Перко ловецот на љунфери, незабележан од македонска национална историја. Сигурно е дека ќе му биде утврдена личната одговорност и притоа тој нема да биде прашан дали се согласува со оценката за неговиот политички учинок. |
|
|
|
|
|
Category: My files | Added by: Вељанко
|
Views: 311 | Downloads: 0
| Comments: 3
| Rating: 0.0/0 |
|
|