Индоктринирани слепци
Повод ми се извесни реакции на извесни суштества, кои мојата нагласена и жестока критика на политиката на САД и Западот ја доживуваат како моја проруска политичка и идеолошка позиција. Демек, ми лепнале уште една етикета. Значи, ништо не разбрале. А и не можат, зашто сѐ гледаат еднодимензионално
Немам навика да се занимавам со индоктринирани индивидуи зашто од искуство знам дека е залудно губење време и енергија. Оние на кои мозокот им бил изложен на пропагандно-манипулативна центрифуга, едноставно повеќе немаат способност да мислат. Значи, слободно и самостојно да донесуваат вредносни судови. Ќе ги препознаете лесно гледајќи ги в очи. Уште во првите две-три минути ќе забележите како ве гледаат „бело", ќе го видите ѕидот што се брани од продорот на каква било информација, аргумент, кои нивниот испран мозок не ги прима. Но тој хендикепиран светоглед овој пат ќе ми послужи како повод за да им се обратам на оние што не даваат да бидат вовлечени во црно-белиот свет на пропагандата и манипулацијата што ги претвора луѓето во издресирана аморфна маса. Повод ми се извесни реакции на извесни суштества, кои мојата нагласена и жестока критика на политиката на САД и Западот ја доживуваат како моја проруска политичка и идеолошка позиција. Демек, ми лепнале уште една етикета.
Значи, ништо не разбрале. А и не можат, зашто сѐ гледаат еднодимензионално. Критиката што им ја упатувам на политичките елити на западниот свет се заснова на факти и заклучоци:
- Тие ги запоседнаа сите светски и регионални организации. Тие се прогласија за светски лидер. Во согласност со тоа, водат политика на извоз на сопствената доктрина. Или, како што објаснува умниот Хенри Кисинџер, за разлика од преостанатите, САД сметаат дека нивниот културен модел треба да го следи остатокот од светот, независно од спецификите (културни и традициски). Тоа се вика тоталитаризам на една империјална сила. И тој не може да се брани никако освен со сила. Во моментов САД имаат 718 воени бази низ планетава. Никој друг нема.
- Кога наметнувањето на сопствените интереси ќе се претвори во силеџиство, уцени и насилство на други држави и нации, се случува нормална имунолошка реакција. Таа реакција во една временска точка, а по период на кулминација, се претвора во силна експлозија.
- Ова е време пред таква експлозија. Секој што мисли, и покрај огромната пропаганда, добро знае дека ваквите политики значат прво криза, а потоа, по серија војни, ги докрајчувале сите империи. Неповратно и беспоговорно. Народите со својата колективна мудрост ваквиот момент го опишуваат како „божја правда", која секогаш стигнува или како констатација дека кога-тогаш „оној што бил горе ќе се најде долу". Умните учат од грешките и на другите и од своите. Преостанатите се осудени да го изодуваат сизифовскиот пат, ем тоа како слепци, кои во паника трчаат да стигнат некаков последен вагон од некоја залауфана композиција што веќе вози по некои нови брзи пруги. И тие не се на Запад во ова планетарно делење на картите. Тоа не значи дека Истокот ќе биде подобар. Само значи дека ќе видат оние што ќе живеат во тој нов свет.
- Лицемерството, двојните стандарди и ароганцијата се карактеристика на оваа западна политика, кои секогаш биле присутни, ама од 2008 година, кога експлодира економската криза, станаа видливи на секој чекор и во секоја пригода. Едноставно, пропагандата инсталирана во медиумите и во невладиниот сектор не успева веќе да ги покрие. За тоа исклучителна заслуга имаат Викиликс, хакерството, пиратите, свиркачите - интернет-генерацијата што го најави гласно и жестоко новиот свет. - Што осозна човештвото денес?
- Дека нема добри и лоши империи. Нема напреден Запад и назаден Исток. Дека во САД полицијата против нејзините граѓани употребува исто толку брутални мерки на репресија кога овие мирно протестираат како, на пример, и во Кина или во Русија. - Дека рускиот „Пуси риот" и германскиот панкрок-пандан се третирани пропагандно и со посредство на медиумите како два вредносно (идеолошки) различни настани. Во скандалот во катедралата во Келн не се вклучија ни „независните" медиуми ни „демократите", сер Пол Макартни и мадам Мадона, ама фактите водат кон единствен заклучок: реакцијата на „западната" Германија и „источната" Русија е иста. Според мојот светоглед, еднакво и несоодветна, компромитирачка и глупава. Со единствена разлика што Русија не го дави светот со својата пропаганда, не користи етаблирани пејачи за распространување на нивната вистина (иако баш може да ги кешира) и не ги прогласува западните ВИП-криминалци за жртви на политички прогон.
- Ова се однесува и за наменско манипулативниот третман на цивилните дисиденти и активисти во Кина, Русија, Бурма, од страна на западните „демократии", кој е драматично различен кога се во прашање кршењата на правата на луѓето, кои се киднапираат од страна на држави (како Ел Масри, на пример), кога тие луѓе се ставаат во тајни затвори на ЦИА, кои, пак, не се можни без меѓудржавни тајни договори. Или, кога луѓе врз основа на нечиј сомнеж со години се чуваат во затвор во американска база како што е Гвантанамо, кога се крши правото на азил, се погазува меѓународното право (како во случајот со Џулијан Асанж). Или кога намерно се игнорираат и забораваат индивидуи ако не се нивни следбеници, како на пример, Набил Раџип од „демократски" Бахреин. Се прашувам што ќе беше ако пред некој рудник сопственост на Кина, полицијата на демократска држава убиваше рудари? Ќе заседаваше и Советот за безбедност. Е, ама за масакрот во Јужна Африка одвај некој некаде зуцна.
- За цел свет важи правилото дека злостори против човештвото не се забораваат ниту подлежат на опростување. Освен за лидерот на Западот, САД, и неговите протежеа, а со тоа и на западните демократии. Така, Франција дури и со лани донесен закон нема да ѝ го заборави на Турција геноцидот врз Ерменците во воени години кога се распаѓаше турската империја и се водеше Првата светска војна, ама око нема да ѝ трепне за злосторствата што таа ги изврши во Алжир или неодамна во Либија. Се разбира, како солидарна членка на најпросперитетниот политички клуб (ЕУ) нема да ѝ трепне око ни пред поразниот факт за кој остатокот од светот официјално дозна дури пред 10 дена, а тоа е дека Австралија во 1974 година ѝ дозволила на Велика Британија да изврши нуклеарна проба во Марилинга. На таа територија, далеку од очите на јавноста, се изведе монструозен и ладнокрвен геноцид над и онака десеткуваниот абориџински автохтон народ. Светските организации како ООН уште не се огласуваат, ниту некој покренува иницијатива за формирање ад хок суд за злосторства, иако се знае кој ги извршил. Што би рекол францускиот министер за надворешни работи, се работи за евроамериканска солидарност, а и Обединетото Кралство не е Иран, иако Иран нема извршено никаков геноцид и врз никого, ама има нафта. Е, ама тој, велат, има намера да прави атомска бомба и затоа сега трпи невидени санкции. Оние што немаат таква намера, а имаат такви бомби, елегантно само ги истураат врз кого сакаат и потоа држат лекции за човекови права.
- Во Европа од страна на повеќе земји, меѓу кои предничи Франција, се врши расна сегрегација, чија жртва се Ромите (народ без своја национална држава), но и врз потомците на оние што им биле слуги на колонизаторите. Се води фашистичка политика кон Македонците, кои, пак, имаат своја држава, ама ЕУ цинично поставува Грк од ксенофобична Грција на чело на комесаријат за човекови права.
- Бессовесноста, бесчувствителноста и ароганцијата станаа доминантни карактеристики на Западот, на кој и ние културно, традициски, па и географски припаѓаме. Таквите одлики неминовно го деградираат човечкиот живот и го нарушуваат личниот и националниот идентитет. И не е случајно што природните механизми во услови на големи кризи почнуваат да дејствуваат. На прв поглед хаотично, ама всушност логично и предвидливо како еден вид механизам за самозаштита на видот, односно за доведување на нарушениот баланс во ред.
| | | | | | |
|