Москва предлага формирање на заедничка вселенска одбрана
Предлогот на рускиот вицепремиер следува само неколку дена откако по експлозијата на метеор над Урал беа повредени 1.200 лица, вклучувајќи и деца, беа оштетени и околу 4000 згради и куќи
Во експлозијата на метеорот беа оштетени над 4.000 објекти По експлозијата на метеор над Урал Рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин предложи воспоставување заеднички систем за одбрана од закани од вселената. Предлогот на Рогозин следува само неколку дена откако по експлозија на метеор над Урал во Русија беа повредени околу 1.200 лица.
- Човештвото мора да направи систем за идентификација или неутрализирање на објектите што претставуваат опасност за земјата - објави Рогозин на својот профил на популарната социјална мрежа Твитер.
Рогозин додал дека денеска на премиерот Дмитриј Медведев ќе му ги претстави предлозите за начините на кои во иднина ќе треба да се справуваат со слични инциденти. Некои руски експерти исто така сметаат дека треба да се изгради систем за заедничко набљудување на вселената и за предупредување во случај на закана. Заменик-шефот на руската вселенска агенција Роскосмос Виталиј Давидов изјави дека стратегиската планетарна одбрана би требало да биде приоритет за Русија и дека треба да направи посебна федерална програма за неутрализирање на заканите од вселената. Руската ракетна и вселенска корпорација „Енергија" минатиот октомври вети дека ќе направи вселенска ракета, која ќе може да ги уништи астероидите што претставуваат закана за нашата планета.
Околу 1.200 лица, вклучувајќи и 200 деца, завчера беа повредени кога метеор експлодира на Урал, при што причинетата материјална штета се проценува на околу 33 милиони долари. При експлозијата што настана од паѓање на делови од метеорот биле оштетени над 4.000 згради и други станбени објекти. Според податоците на американската вселенска агенција НАСА, дијаметарот на метеорот бил околу 15 метри, а во атмосферата на Земјата навлегол со брзина од 64.000 километри на час.
Во меѓувреме, кубанските медиуми пренесоа дека и над Куба можел да се забележи светлечки предмет, кој, според сведоците, се претворил во огнена топка, а неколку минути подоцна се слушнала и експлозија. Според експертите, најверојатно станува збор за метеор. Кубански експерти и официјални претставници почнале потрага по остатоци од неидентификуваниот предмет, а засега не е познато дали настанот е поврзан со експлозијата на метеор во Русија. | | |
|