|
ПРАВОСЛАВНОТО ПОЧИТУВАЊЕ НА МАЈКАТА БОЖЈА (1 дел) - август 23-2012 год. (преземено од Slovo Bozjo)
| 2013-08-29, 2:23 AM |
ПРАВОСЛАВНОТО ПОЧИТУВАЊЕ НА МАЈКАТА БОЖЈА (1 дел)
Православната црква го задржала за Богородица она, што за неа гo соопштиле Светото писмо и Светото предание. Таа секојдневно ја прославува во своите храмови, молејќи од неа помош и заштита. Знаејќи дека и се пријатни само оние пофалби што и соодвествуваат на нејзината вистинска слава, светие отци и песнописците од неа и од нејзиниот Син молеле да бидат вразумени како да ја воспеваат: „Заштити ги, Христе мој, моите помисли, зашто се дрзнувам да ја воспевам твојата мајка”. Црквата учи дека Христос навистина се родил од приснодева Марија. Неопходно е да исповедаме дека светата Приснодева Марија е навистина Богородица, за да не паднеме во злохулење. Зашто оние што одрекуваат дека светата Дева е навистина Богородица, не се верници, туку ученици на фарисеите и садукеите. Од преданието е познато дека Марија била ќерка на многу старите Јоаким и Ана. Јоаким потекнувал од царскиот род на Давид, а Ана била од свештенички род. И покрај ваквото угледно потекло, тие биле сиромашни. Но, тоа не ги загрижувало многу овие праведни луѓе, повеќе ги загрижувало што немале деца и не можеле да се надеваат дека нивниот потомок ќе успее да го види месијата. Но, ете, на оние што биле презрени од Евреите поради својата неплодност, еднаш, кога му принесувале искрени и топли молитви на Бога, Јоаким на гората каде што се осамил, откако свештеникот не сакал да ги прими неговите дарови во храмот, а Ана во нејзината градина, оплакувајќи ја својата неплодност – им се јавил ангел и им соопштил дека ќе им се роди ќерка. Израдувани, ветиле дека своето дете ќе му го посветат на Бога. По девет месеци им се родила ќерка, која ја нарекле Марија. Од раното детство таа покажувала најдобри духовни особини. Кога наполнила три години, исполнувајќи го ветувањето, родителите торжествено ја однеле малата Марија во Ерусалимскиот храм, во кој таа самата се искачила по високите скалила. Според откровението Божјо, била пресретната од првосвештеникот и воведена во Светињата над Светињите, воведувајќи ја на тој начин преку себе и благодатта Божја што почивала врз неа во храмот, кој дотогаш бил без благодат. Во градбите при храмот била сместена од девојки што престојувале таму. Минувала толку многу време на молитва во Светињата над Светињите, што може да се рече дека цело време живеела во храмот. Таа била украсена со сите добродетели и покажала пример на необично чист живот. Се одликувала со покорност и послушност, никого не разжалостила, никому не му рекла груб збор, спрема сите била љубезна, дури не си дозволувала ни лоши помисли да има. Без оглед на праведниот и непорочен живот што го водела Мајката Божја, гревот и вечната смрт го пројавиле своето присуство во неа. Тие не можеле а да не се појават: тоа е точното и правилно учење на Православната црква за Мајката Божја во однос на првородниот грев и смртта. Нејзе и бил туѓ гревовниот пад, но не и биле туѓи гревовните искушенија. „Зашто, само едниот Бог е без грев”, а човекот секогаш во себе ќе има нешто што треба да се исправа и надминува, за да може да ја исполни Божјата заповед која вели: „Бидете свети, зашто сум свет и јас, Господ, вашиот Бог”. Колку што е некој почист и посовршен, толку тој подобро ги забележува своите недостатоци и се смета за понедостоен.
|
Category: My files | Added by: Вељанко
|
Views: 418 | Downloads: 0
| Rating: 0.0/0 |
|
|