|
Спомениците како "инспирација" 10-4-2013 (1 дел)
| 2013-09-13, 11:25 PM |
Спомениците како "инспирација"
Здраво, јас сум Тихомир и се сметам за човек. На латински – homo sapiens sapiens. Професор сум одамна, по литература и историја, од Скопје и во Скопје, а имам издадено и десетина книги, главно поезија, па преводи и други нешта, па ако не сте ми биле ученици може ме знаете по тоа. Од неодамна, не одам на работа и си лежам мадро, и веќе долги три месеца така... и главно си пишувам. Додека бев во болница во Охрид пишував исклучиво поезија, а откако се вратив Скопје, ми се усложни нешто рехабилитацијата, па прејдов на статии. Охрид е поубаво место, а за поезија треба инспирација, вдахновение...а Скопје е така-така, па статиите се посоодветни. Може да си пишува човек на секакви теми. Ерго, да скратам, закачен сум на фб по цел ден. Си лежам, си типкам, си пишувам, преведувам и разговарам. Писмено. Кирилица. Не дека тоа е добро, да си на компјутер цело време, Бог да чува...ама во оваа ситуација, за креветџија човек - интернетот е одлична работа. Таман. (Каде одиш, Господе?) е прашањето кое според легендата го поставил Свети Петар, при прогонот на христијаните од Рим И така, почнав да пишувам таму на фејсбук, па почнаа да ме читаат некои, па повеќе, па почнав и да објавувам по нешто од напишаното... и дојдоа изборите...и сите полудеа, и се обземаа од тие чурук – избори за градоначелник. И јас поднапишав за тоа по нешто, оти стварно почнав да се нервирам... да...најсериозно. Сѐ почна со првиот текст, Quo Vadis Macedonia, од 29. март, а заврши, се надевам утрово, 08. април...значи денес. Бидејќи вчера се појавија интернет апаши, и ми го објавија отвореното писмо до новиот градоначалник на Центар без да ме прашаат (остај тоа што не бараат дозвола за туѓ текст, туку и ставија фотографии и свои наслови и поднаслови без да ги видам ил помирисам, а со кои моите мисли ги вадат од контекст и создаваат погрешна слика за мене кај оние што читаат), еве сега, ги давам сите текстови во кои пишував за изборите и спомениците, и што ги има кај мене на фб.... да бидат објавени поцелосно, за да не биде несправедлива сликата за моите ставови по тие прашања, впрочем. И бездруго и всушност. Од новатв.мк (како и од офф.нет) не ми краделе никогаш ништо, од нив не сум видел арамилак ни простотија, и секогаш прашувале со каква илустрација да оди секој текст, се консултирале со мене човечки и чесно, па воден од тоа нивно културно однесување, мило ми што ова се објавува кај нив. Teкст 1. (29 март, петок)Преку глава веќе од избориве и атмосферава. И од власта и од опозицијата. Да напишам нешто, малку посериозно овој пат, па да излезе од мене, да се смирам. Не знам дали некој весник ќе го објави ова. Се плашат од тужби, кутрите. QUO VADIS MACEDONIA?1. Опозицијата ги губи изборите. -Чудно? - Не! 2. Власта, и во тие малку места кај што губи, сака да победи. -Чудно? -Да! -Перетерано? -Ептен. 3. Власт и опозиција: Сакате пропаст? -Изгледа.1. Оваа опозиција, ваква каква е, не само што немаше шанси на овие избори, туку ни на следните, ни на оние потоа, ни во следните 100 години нема да освои ништо... оти нема усул. Ни памет. Добро, ако си правел грешки, толку е тешко да ги признаеш? Дете си? Самобендисано? Недораснато? А не се мали грешки, не се зафрканција. Еве само една: СДСМ мора да признае дека направила катастрофална приватизација, дека никој друг не ѝ е крив... инаку, секогаш ќе ѝ го вадат тоа на нос... и ќе имаат право. Збогативте еден грст „трговци" што се затекнаа „во право време на право место", создадовте „бизнис-елита" недоквакани лакомџии, си ставивте процентче в џеб, претворивте десетици илјади семејни луѓе во стечајци, и после, што очекувате? Што? Да ве гласаат некогаш? Тие, или нивните деца? Демократија, зезната работа, и гласот на стечаецот, и оној на велепоседникот еден се бројат. Признај и покај се, прави нешто или губи се, и онака си губитник. И сè истите луѓе ви се експонирани, лојален кадар што состаночи и крева два прста уште од средно. Па истите ви беа и во време на приватизацијата, и сега. Асоцираат на моронштина. Сменете се сами, за да не исчезнете, како партија мислам, инаку никој нема да ве ликвидира, им одговарате како опозиција, лузери што секогаш ќе губат. Ќе се одржува привидот на демократијата. 2. ДПМНЕ, пак добивате. Браос. Па и радосни сте? Пак браос. Не ви се мачи од толку голема победа? Не ви е малку страв, необично...Па работата беше да има повеќепартиски систем за да има власт и контрола, власт и критика на власта, а не да се стремиме кон победа над опозицијата и превоспоставување еднопартиски систем. За нашите државата ќе е мајка, за сдсмовците маќеа, а за оние ни наши-ни нивни - вештерка. Гледам, убаво ви е: народот е со вас, градите држава, цврста ем силна...непоколеблива. Да живее Македонија, да живее ВМРО. Не забележавте дека реториката по митинзите ви е ко на сталинистички слет од 1948? Не! Епа, еве ви кажувам. Ако ја уништите опозицијата скроз, што ви е целта, ќе испервертирате уште повеќе. До крај. И вака сте на добар пат. Комунистите ова, комунистите она. Гледајте што правеа и што направија. УА комуњари, уа СДСМ! Е, добро, де. Точно, така е. За никаде беа. А вие сега, што сте поарни? Ај, тоа да видиме. Да не му го дадеме ни Центар на Жерновски, ни Струмица на Заев, кој ги ферма. Сè да е наше, овие нека цркнат. Не оди тоа така бе тоа еј... свестете се малку. Пуштете и друг да дише. Да ги разгледаме сега и спомениците за Скопје 2014. Зградите, другпат. Многу илустративни се за безизлезот во кој е Републикава. 1. СДСМ ништо не правеше, немаше ниеден споменик, како Скопје да е касаба, а не главен град. Толку години беа на власт, Скопје не личеше на ништо. -ТОЧНО! Апсолутно се согласувам. Сè е така. Скопје беше безличен град. Само споменикот на паднатите борци пред ЦЕКА и оној во Жена-парк и... и... толку. А сега? Сега, вајарски Елдорадо. Значи сега сè што правите е супер. Докажана и неспорна уметност. Така? Не смее да има критика, сè е перфект, преубаво. Епа, не е така! Не може така. Споменик немаше ниеден, а сега ги има премногу. Никнаа премногу на број, за прекратко време. Што раѓа брза кучка? Како сетинг за холивудско студио личи плоштадот, само што спомениците се од бронза... да беа барем од пластика, ефтини, па никој немаше да ве сомничи дека правите дилови со „уметниците" па си ставате од хонорарите в џеп и вие... а вака? Друго, за уметничкиот впечаток. И да не ви се слуша, сепак јас да си кажам. Мислењето ми е вакво:• Јустинијан не личи на себе, туку на дебела жена; • Коњот на Карпош му е краден од Мештровиќ (оној од црвената стодинарка во СФРЈ), мустаќите му се добри. • Воинот е преголем, а и што ви требаше тој да е централно? Покрај Гемиџиите или Свети Климент? За инает на Грците? Да е поголем од нивниот во Солун? Да го зјапаат туристи?• На комитите на коњи не им стојат одела. Да ми извините, ама Гоце Делчев од Градски парк, правен во комунизмот, е 100 пати поарна статуа. • Огромен споменик на Филип II, пагански херој што играл пијан сред мртвите тела на непријателите по битка, ставена пред црква... Св. Димитрија? • А, Самоил, претставен како седи? Сте му ги ѕирнале стапалата? Kој број носел, 99? • Па споменикот на АСНОМ, фигурите се со толку големи глави што личат како деца прво одделение; • Близу до нив, Прометеј, со пелената, пред коњите, личи исто како Германец од пропагандните филмчиња на Лени Рифенштал, што женава ги сними за хитлеровата Олимпијада, Берлин 1936; • Во Жена-парк и Славко Јаневски го ставивте, што украде цела книга од Шолохов само за да е автор на првиот македонски роман, пред Стале Попов? А Блаже Конески таму го нема. Па јас него би го ставил место воинот, да ме прашува некој. • И ТАКА НАТАМУ...Точно е дека Скопје без спомениците беше безличен град, ама сега е... град со грдо лице. Поарно и грдо, од никакво, може некој да рече. Може па јас многу зборам, што ќе ми е толку да знам за споменици. Тие се за народ, а народот е овца... така мислите? Еве, и вие сте пред предизвик. Ако не си ги признавате грешките, како СДСМ за приватизацијата, и вие со Скопје 2014, не сте поарни од нив. Исти сте. Ајде да ве видам ВМРО ДПМНЕ. Кажете, направивме глупости, признаваме, дај да оправиме нешто. Или ќе си терате тврдоглаво и самобендисано, и еден ден ќе се чудите што ве снашло. Како СДСМ. Наместо заклучок: Свестете се и едните и другите, ист народ сме, ќе ја загубиме државата вака бе, ненормални едни. Барајте способни и талентирани луѓе, од оние што уште ги има, и под дрво и под камен барајте ги, не ги мразете зашто се такви, баталете дали се и од која партија се, или националност, баталете кадрите газолижачки што ласкаат на лидерите, баталете тендери и проценти, и вратете сè способно што избркавте од Македонија, и СКМ, и СДСМ, и ВМРО, последниве 30 години. Молете ги да се вратат. Оти црно ни се пишува. п.с. текстов го посветувам на споменот на Никола Младенов, кој пред 23 години ми беше уредник во Млад борец, јас бев таму хонорарец, и цртав каиш-стрипови. Беше добар уредник, татковски тип, не се правеше важен и ми објавуваше се, без критизерство и чаталење.
|
Category: My files | Added by: Вељанко
|
Views: 213 | Downloads: 0
| Rating: 0.0/0 |
|
|