Црквите и манастирите на удар на арамиите Кражбата на икони во црквата „Св. Ѓорѓија" го вклучи црвеното светло Веќе четири години трае пустошот што зад себе го оставаат арамиите во македонските цркви, откако во втората половина на 2009 година зачестија кражбите. Оттогаш приказната се повторува и годишно од црквите во западниот дел од државата се губи секаквa трагa од иконите, чиј точен број никој не го знае.
Изминативе години се зборува дека станува збор за организирана група или групи што имаат своја врхушка, која ја организира целата работа, посредници и непосредни извршители. Две работи говорат во прилог на оваа констатација: се знае точно што да се украде и во безмалку сите случаи начинот на кој оперираат крадците е идентичен.
Вредните икони се изнесуваат, а досега не се фатени извршителите, евидентно е отсуството на пообемна акција за разбивање на групите, а надлежните со години дебатираат какви мерки треба да се преземат за да се спречи разнебитувањето на македонското културно наследство.
Многу состаноци, малку заштита
Во едно сите се едногласни, а тоа е дека треба превентивно да се дејствува. Иконите и сите други црковни предмети што спаѓаат во категоријата национално културно-историско богатство треба да се заштитат и на тој начин да се обесхрабрат, па дури и да се одвратат криминалците во намерата да ги залепат своите прсти на нив.
Состаноците на релацијата Завод за заштита на културно-историското наследство - МПЦ-ОА - црковни одбори - претставници на музеи почнаа уште во 2010 година. Се редеа предлози и иницијативи за поставување видеонадзор, алармни системи, физичко обезбедување, како и дислоцирање на вредните предмети во посебни депоа и замена на иконите со автентични реплики.
Од сето тоа малку беше реализирано, повеќето предлози што се спроведоа беа исклучок, а не правило. Во меѓувреме кражбите продолжуваа со иста динамика.
Пред неколку месеци падна одлука на владино ниво надлежните да почнат со дислоцирање на вредните икони од црквите во депоа, но и тука различните ставови на дел од надлежните за чување на предметите ја закочија работата. Последица е кражбата на триесетина икони од црквата „Св. Ѓорѓија" во мијачкото село Лазарополе, изработени во периодот меѓу 16 и 19 век, ретки и уникатни во својата претстава.
- Изминатиов период успеавме да ставиме во депо 400 икони. Направивме процени и попис и почнавме со она што се вика дислоцирање предмети што се културно-историско наследство што е загрозено. Останаа иконите уште во неколку цркви, меѓу кои беа и оние во црквата „Св. Ѓорѓија" во Лазарополе, но таму наидовме на отпор од црковниот одбор, кој одби иконите да бидат дислоцирани. И се случи тоа што се случи - вели Илчо Бојчевски, инспектор за културно наследство во управата за заштита.
Според инспекторот, оваа кражба и другите што се случија во последните четири години се извршени по ист принцип, што остава простор за сомневања дека станува збор за организиран криминал. Бојчевски вели дека е прашање за полицијата зошто никој од надлежните за безбедноста во државата не го спречил досега.
Од друга страна, криминалниот аспект, во смисла на трговијата со артефакти на црниот пазар, е само еден дел од приказната.
- Криминален аспект има, но тоа е само еден сегмент од тоа што се случува. Овде станува збор за обезличување на македонското културно-историско богатство во овој дел од државата. Треба навреме да ги тргнеме, дислоцираме вредните предмети, додека не е предоцна - смета Бојчевски.
Во овие четири години само еднаш, во почетокот на 2010 година, беа фатени три лица-албански државјани по кражба на вредни икони во црквата „Св. Варвара" во струшко Луково. Полицијата ги приведе по кратка потера, откако жители на селото ги забележале неканетите гости, почнале да ги бркаат и во паника групата се разделила. Едно лице од групата избега, иконите не беа најдени, а по одлежаниот притвор уапсените беа пуштени и случајот немаше судски епилог. Истата година, во речиси истиот период, од црквата „Успение на пресвета Богородица" во Крушево беа украдени 25 икони, дела на познатиот иконописец Дичо Зограф.
Неколку дена подоцна иконите беа најдени во атарот на дебарското село Спас, во близина на македонско-албанската граница. На 300 метри од местото каде што беа најдени иконите полицијата пронајде запален „мерцедес", кој го користеле арамиите.
Полицијата нема помош од црквата
Од МВР велат дека тие постапуваат по секоја пријава на кражба на икони и црковни предмети, но и признаваат дека многу тешко им оди во расчистувањето на кривичните дела.
- МВР максимално се ангажира при секој случај на кражба на икони и други предмети што не се само богатство на МПЦ туку и на Република Македонија. Исклучително тешко е од полициски аспект да се расветлат кривичните дела во кои немаме никакви траги, ниту очевидци ниту какви било информации што би нѐ одвеле до сторителите. Во најголем број од овие случаи од страна на црквата или лицата задолжени да внимаваат на црковниот имот не сме можеле и не сме добивале никакви релевантни информации што би ни помогнале - вели Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност во МВР. Според него, полицијата успеала да расчисти два случаи, но не се откажува и од другите. Сепак, додава Котевски, најважна е превенцијата.
- Многу поважно е да се обрне внимание на превенцијата. Воопшто да не се остави простор за каква било кражба на икони или друг вреден имот што го поседува црквата - вели Котевски.
Пред две години првпат неколку украдени икони се најдоа и на официјалната страница на Интерпол за потраги на артефакти. Но и тука работите како да не одат со потребната динамика. Од Управата за заштита на културно-историското наследство велат дека имаат документација да се обнови, ажурира базата на податоци на Интерпол, но за врска со нив не е задолжена управата.
Сѐ на сѐ, целиот ангажман на надлежните каска во однос на темпото со кое работат криминалците. Мачката што треба да ги лови е во куќата, само е доста трома. | |