|
И Македонија може како Србија да купи воени авиони на кредит 21-6-2013
| 2013-09-16, 0:41 AM |
И Македонија може како Србија да купи воени авиони на кредитНа аеродромите во Србија наскоро ќе се најдат 24 модерни воени авиони „миг-29М2" од руско производство и два авиона што се летачки радари, а медиумите шпекулираат дека за ова Белград ќе плати приближно 32 милиони евра по авион со пари од руски кредит. Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев вели дека не е исклучено Македонија наскоро да издејствува набавка на воздухоплови со помош на странски кредит
Едно вакво модерно летало чини околу 32 милиони евра
МОСКВА ГО ОДОБРИ КРЕДИТОТ НА БЕЛГРАД ЗА НАБАВКА НА „МИГОВИ"
Русија неделава ѝ одобри милионски кредит на Србија, чија точна сума засега сѐ уште не е позната, но овие пари нашиот северен сосед ќе ги намени за купување модерни руски воени авиони. Тоа ќе биде една од најголемите набавки на современо вооружување во последните две децении, а на аеродромите во Србија наскоро ќе се најдат 24 мултинаменски модерни воени авиони „миг-29М2" од руско производство и дополнително два авиона што се летачки радари. Белградските медиуми шпекулираат дека Србија ќе плати приближно 32 милиони евра по авион.
Прелиминарните преговори за набавка на борбените авиони се одржани за време на средбата на двајцата министри за одбрана на Русија и на Србија во Москва, на 23-24 мај годинава, а испораката на „миг-29М2" може да се изврши веднаш по потпишувањето на договорот. Авионите прво ги нарача Сирија во 2007 година, но никогаш не стигнаа таму поради меѓународните санкции.
Ваквите набавки на најсовремено вооружување се исклучително ретки во армиите од регионот поради мултимилионската сума што треба да ја издвојат државите од опкружувањето. Последна набавка од овој тип на Балканот „слетала" во октомври 1987 година, кога ЈНА купила ескадрила од 16 авиони „миг" од СССР.
Официјално, тогаш СФРЈ платила 16 милиони долари за секој авион, а неофицијално се шпекулирало за многу повисоки бројки и се претпоставува дека Југославија за 16 авиони со сета придружна опрема, ракети и резервни мотори и разни делови, платила приближно 105 милиони долари. Но дури и оваа цифра за тоа време била проценета како исклучително ниска. За разлика од Србија, македонската авијација и противвоздушна одбрана се скудни во арсеналот на оружје со кое располагаме.
Сите опции се отворени
Емил Димитириев, заменик-министер за одбрана, вели дека не е невозможно Македонија наскоро да издејствува набавка на воздухоплови со помош на странски кредит, впрочем како што направи сега Србија. - Сите опции за модернизација на АРМ се отворени и секако дека постои ваква можност - вели Димитриев.
Тој објаснува дека речиси секој производител на воена опрема нуди кредити и офсет-програми, кои овозможуваат со компензација да се набави секаков вид оружје и воена техника.
Димитриев објаснува дека голем број држави набавката на воена опрема ја вршат користејќи ги овие поволности, па не гледа причина зошто Република Македонија треба да биде исклучок од овој тренд. - Македонија сериозно размислува на ова поле. Ние може да ги искористиме и двете поволности (кредит од земјите што продаваат оружје и офсет-аранжмани за плаќање со компензација), па налик на тоа што сега го стори Србија и ние еден ден да си ја зацврстиме на здрави нозе нашата воена флота на воздухоплови - истакнува заменик-министерот.
Приземјени „сухои"
Историјатот на македонското воздухопловство почнува две-три години по осамостојувањето. АРМ дури на 28 јуни 1994 година ги доби првите хеликоптери, генерално транспортни, популарниот „хјуи" од американско и „ми8" од руско производство. Последните руски модели беа купени од украинското воено воздухопловство. До денес не е објавена сумата што е платена за нив. Според некои шпекулации, дадени се по 500.000 евра за хеликоптер, според други и до два милиона евра.
Како и да е, хеликоптерите беа тука кога изби воениот конфликт, а нивната улога за поддршка на копнените единици беше бесценета. Само во почетокот на конфликтот екипажите беа украински посади, за потоа да бидат заменети со македонски, ништо помалку добри од нивните украински колеги. Првите и досега единствени борбени авиони на АРМ веќе деветта година стојат препуштени на временските услови на стојалиште во базата на воздухопловната единица на АРМ кај скопскиот аеродром. Запустени и заборавени, четирите „сухои" паузираат на воениот аеродром. Од АРМ и од Министерството за одбрана немаат одговор каква ќе биде нивната понатамошна судбина. Воени извори тврдат дека, теоретски, можно е леталата да се оспособат за оперативна употреба, но со оглед на нивната состојба, тоа би бил скап проект. Во Министерството за одбрана засега нема планови за „сухоите".
Во јуни 2001 година, во екот на конфликтот, Македонија купи четири борбени авиони „сухој СУ-25" од Украина, три едноседи и еден двосед.
Пролетта 2003 година Македонија декларира дека во формацискиот состав на АРМ веќе нема потреба од борбените авиони, а во 2004 година авионите беа приземјени и конзервирани. Следната година Министерството за одбрана и формално ги отпиша авионите од евиденцијата на опремата и вооружувањето на АРМ.
| | | | Автор: Александар Србиновски | |
| | | | |
|
| | | | | | | | |
|
|
Category: My files | Added by: Вељанко
|
Views: 314 | Downloads: 0
| Comments: 1
| Rating: 0.0/0 |
|
|