Валески Парис, која денес живее во Австралија, родена е во Швајцарија во скиентолошко семејство. Парис ја раскажа својата приказна како била одведена од лидерот на црквата, Дејвид Мискевиџ кога имала само 18 години. Мискевиџ го сторил тоа затоа што мајката на Парис јавно го осудила скиентолошкото учење, бидејќи нејзиниот сопруг од милионер дошол до просјачки стап и си го одзел животот. Со ова јавно обвинение била запечатена судбината на Парис. Таа е одведена на луксузен брод-храм, „слободни ветрови", кој крстари по Карипското море, но не за да ужива.
-Ви го одземаат пасошот и од тој момент како да се наоѓате на остров среде океан. Цел живот бев во скиентологијата и не знаев како да побегнам, се исповеда Парис.
-Мискевиџ сметаше дека мора да ме одвои од негативното влијание на мојата мајка и дека бродот е најпогодното место за тоа. Тој ми ветуваше дека тука ќе останам само две недели, но тие две недели се претворија во 12 тешки години, пропратени со макотрпна работа. Беше страшно: топло, смрдливо, гласно. Првите 48 часа работев без престан, без сон, потполно сама, рекла таа и напоменала дека Црквата ја води некој кој ги користи луѓето околу себе и живее како крал, криејќи се зад религијата. Тој човек не сака никој, тој е психопат.
Скиентолозите ги држат луѓето под клуч, е првото нешто на што се предупредува во книгата „Лаги на скиентологијата". Овде е опишан и случај кој заврши трагично, а денес привлекува огромно внимание во САД. Кога на 5 декември 1995-та година Лиса Макфирсон е оденесена во болница, веќе била мртва. Имала 36 години, а со скиентолозите била од својата осумнаесетта година.
Неколку недели пред смртта, Лиса доживела нервен слом, па членовите на сектата, да би се „одморила и релаксирала", ја држеле во една соба од хотел 17 дена под клуч. Самите признале дека го сториле тоа. Затворањето е во склад со правилата на црквата. Но патологот утврдил дека несреќната жена била донесена во тешка изгладнета состојба и дехидрација, како и дека на телото имала модринки и убоди од инсекти.
Постоеле и болници кои биле поблиску и во кои Лиса можела да биде однесена на време, меѓутоа нејзините „чувари" ја одбрале најдалечната. Родителите на несреќната жена поднеле тужба против Скиентолошката црква за одговорност за смрт и лишување од слобода. Судскиот спор е влечен со години. Конечно е заклучен во 2004-та година, а деталите се држат во тајност.
Лиса Макфирсон починала во соба во хотелот Форт Харисон во Кливотер, првиот хотел кој го купила Скиентолошката црква.
На меморијалните сајтови се наведуваат и други сомнителни смртни случаи во истиот хотел. Во 1980-та година во истиот хотел е пронајден 45 годишен маж. Аутопсијата покажала дека тој „најверојатно се удавил", во када, со оглед на фактот дека не е пронајден со главата под вода. Водата во кадата била толку топла што му ја изгорела кожата. Во август 1988- та година починал Херберт Паф. Тој имал 31 година. Во текот на ноќта добил тежок напад на епилепсија, паднал и ја удрил главата од стол.
Тони Кристман, која го следела скиентолошкото учење 30 години имала повеќе среќа. Таа била епилептичар, која супервизорите на сектата сакале да ја отргнат од лековите. Бидејќи таа едвај останала жива по серии силни напади засекогаш ја напуштила Скиентолошката црква во 2000-та година и денес е нивен најголем критичар.
Сепак нејзината судбина не привлекува толку внимание како судбината на ѕвездите од шоу-бизнисот, а скиентологијата најмногу се прочула од членството на холивудските ѕвезди.
Џон Траволта и неговата сопруга, глумицата Кели Престон тоа и не го криеја. Но, кога на Бахамите во 2009-та година од напад на епилепсија почина нивниот 16-годишен син, Џет, многумина се посомневаа дека болното момче не ги земало лековите, затоа што неговите родители се припадници на Скиентолошката црква, која тоа го забранува.
Ако сакаш да направиш многу пари формирај секта
Кога во половината од минатиот век во американската јавност се појавил Лафајет Роналд Хабард, писател на научнофантастична проза, со книгата „Дијанетика: Mодерна наука за менталното здравје", побарувачката за неа била толку голема што авторот почнал во цел САД да оснива дијанетски организации.
Хабард со татко му, офицер на американската морнарица, често патувал на Далечниот исток. Таму се запознава со хиндуизмот, будизмот и окултизмот. За време на Втората светска војна тој е ранет и бил прогласен за клинички мртов, а се излечил, како што тврди тој, со применување на начелата на дијалектиката.
Од таму настанала и скиентологијата, а во 1954 Хабард во Лос Анџелес ја основал и Скиентолошката црква. Таа е денес во САД призната како религија.
Дијанетиката промовира доктрината дека за сите човекови несреќи се одговорни „енграмите" или искуства, сеќавања од минатото и ако се исчистиме од нив, следбениците на ова учење тврдат дека би биле среќни и здрави, ментално стабилни, па дури и интелегентни.
Според Хабард, просечната личност во себе има илјада енграми, но со помош на дијанеткиката, „науката за умот" секој може да се ослободи од тие напасти и да стане „чист". За тоа се користат методите кои вклучуваат хипноза, па дури и детектор на лаги кој Хабард го направил, како и курсеви каде се води разговор со „духовните учители". Сето тоа за да човек стане духовно суштество што со силата на умот може да се излечи и оствари се што сака во животот, тврдат скиентолозите.
Скиентолошката црква денес има околу 15 милиони вернци низ 120 држави низ светот. Цената на почетниот курс е 2.000 долари целокупниот курс изнесува 350.000 долари. Колку сектите станале профитабилен бизнис сведочи и прочуената изјава на Лафајет Роналд Хабард:
„Ако човек навстина сака да заработи милион долари, најдобар начин му е да создаде своја религија.
Денес се верува дека големи финансиски, криминални и политички афери во САД брзо се „заташкуваат" затоашто скиентолозите ја уживаат поддршката на Белата куќа уште од кога на нејзино чело бил Бил Клинтон на кој посебно му помогнале во предизборната кампања."