Зошто фестивал за Шекспир во Битола?
Затоа што од петте актери што го одиграле Хамлет во Македонија тројца се битолчани, односно Ацо Стефановски, Ѓорги Јолевски и Владимир Талески, а покрај нив и врвните Мето Јовановски и Дејан Лилиќ. Со овој настан потврдуваме дека сме дел од Европа и од светот, рече директорот на битолскиот театар Валентин Светозарев, најавувајќи го „Битола Шекспир фестивал"
„Битола Шекспир фестивал" како интернационален фестивал е манифестација што ги надминува локалните и националните граници и го потврдува врвниот квалитет на битолскиот театар и битолското културно лето „Битфест", посочи градоначалникот на општината Битола, Владимир Талески. Тој заедно со директорот на Народен театар-Битола, Валентин Светозарев, вчера ги претстави содржините на првото издание на фестивалот, чиј покровител е Министерството за култура.
- Битола е пред голем тест и убеден сум дека ќе го положиме испитот за Шекспир, затоа што подготвивме интернационален фестивал за светски најдобриот автор и неговите врвни светски дела или дела во кои се содржани сите цивилизациски вредности. Ова е настан со кој ќе можеме да се споредуваме со културни манифестации во светот - истакна Талески.
„Битола Шекспир фестивал" ќе биде отворен утревечер, со претставата „Ромео и Јулија" во режија на Дејан Пројковски, а ќе ја изведат актери од битолскиот и театарот „Вера Комисаржевскаја" од Ст. Петербург, Русија. Во текот на седумте дена ќе настапат и актери од Русија, Србија, Финска, САД и од Кина, кои ќе ги одиграат претставите „Хенри Шести", „Кралот Лир", „Бура" и „Ричард Трети".
Светозарев истакна дека најголемата причина за да го организираат фестивалот е податокот што првиот Хамлет од Шекспир во Македонија беше поставен на театарската сцена во Битола во режија на Љубиша Ѓоргиевски.
- Зошто фестивал за Шекспир во Битола!? Затоа што од петте актери што го одиграле Хамлет во Македонија тројца се битолчани, односно Ацо Стефановски, Ѓорги Јолевски и сегашниот градоначалник Владимир Талески, а покрај нив и врвните Мето Јовановски и Дејан Лилиќ. Со овој настан потврдуваме дека сме дел од Европа и од светот - истакна Светозарев.
За време на фестивалот ќе се одржат работилница и панел-дискусија на тема „Шекспир денес", со театарски експерти и режисери од Велика Британија, Канада, Русија, САД и од Македонија. М.М.
Актерот Огнен Дранговски во „Глоуб театарот" Битолскиот актер Огнен Дранговски е избран во меѓународната актерска дружина на „Глоуб театарот", кој е составен од 20 актери од 37 земји што присуствуваа минатата година на „Шекспир фестивалот" во Лондон. Дранговски еден месец ќе работи на претставата, а премиерата ќе биде во октомври на лондонската сцена. - Поканата да учествувам на претставата во Лондон како дел од меѓународна актерска дружина е големо признание за мене. Според информациите што ги добив, со врвни режисери од лондонската театарска сцена ќе работиме на актерско усовршување на англискиот јазик на Шекспир. Тие треба да направат претстава со актери од 20 земји, како Пакистан, Бразил, Кина, Србија, Македонија... Ќе зборуваме на различни јазици, но Шекспир ќе нѐ обедини - рече Дранговски.
|