Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2025-01-30, 10:00 AM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    26-10-2012
    2013-08-30, 5:19 AM
    26-10-2012



    2012 - година на политичките чуда


    Од сончевите ли магнетни бури се пресврте светов до толку штом Обама го промовира поразениот комунистички (планско социјалистички) модел? Колкав ли е очајот штом Америка тргнала на патот да го оствари пророштвото дека кај и да е „биќе земља пролетерска"? Уште малку фали па да го видиме другарот Обама на кафе и цигара кај Кастро заедно со довчерашните идеолошки непријатели Моралес и Чавез


    Привршува годината што се опишува како катаклизмична за човештвото. Јас не знам што и како се предвидува во фамозниот космички календар на Маите, ама сосема сигурно еден мал осврт на изминативе месеци ќе покаже дека тековнава година изобилувала со извонредни земски чудесии што ги произведе економската криза. 

    Да почнам од најсвежите. Актуелниот американски претседател Обама во вториот ТВ-двобој со републиканскиот кандидат Мит Ромни чисто, јасно и гласно кажа дека во вториот мандат, доколку го добие, ќе гради фабрики. Мислев најпрво дека лошо сум слушнала. Потоа мислев дека лошо сум разбрала. Ми беше срам да прашувам наоколу да не ми се смеат луѓето, па чекав да слушнам како ќе го искоментираат ова чудо од предизборно ветување славните аналитичари и коментатори низ светот. Ама, тоа си помина како што важните нешта поминуваат во Македонија. Штама бре брате! Ѓоа не слушнале дека американската држава со Обама на чело ќе гради фабрики. Каде отидоа пазарната економија и приватната иницијатива зашто државата била лош стопанственик? 

    Од сончевите ли магнетни бури се пресврте светов до толку штом Обама го промовира поразениот комунистички (планско социјалистички) модел? Колкав ли е очајот штом Америка тргнала на патот да го оствари пророштвото дека кај и да е „биќе земља пролетерска"? Уште малку фали па да го видиме другарот Обама на кафе и цигара кај Кастро заедно со довчерашните идеолошки непријатели Моралес и Чавез. Што е? Не ви се верува? А ви се веруваше ли дека Бранко, Љупчо, Љубе, Тито и Тачи ќе се здружат? Што ќе биде следно? Следниот американски претседател ќе им ги вети на работниците фабриките што ќе ги гради државата? 

    Можам да замислам како оваа нагла промена во западната филозофија ги има оставено со подзинати усти тромите Кинези. Тамам последниве дваесет години се залауфаа да градат пазарна економија признавајќи го поразот на планската, сега треба да прикочуваат оти западните партнери сѐ повеќе личат на реставратори на поразениот и извиканиот реалсоцијалистички систем. Навистина бре луѓе, за дваесет и некоја година од падот на Берлинскиот ѕид излезе дека победниците капитулираа пред поразениот начин на организирање на човековите заедници. 

    Погледнете ја само Европа. Батал-континент, а во него сите ние топтан. Фашистите си станаа парламентарни партии и си се рашетуваат со своите инсигнии како во времето пред Втората светска војна. Фрчат најави за референдуми за отцепување. Реки од лумпенпролетери, до вчера горди колонијалисти, се маваат катаден со полицајци. Од Мадрид до Атина врие од народни кујни. Молотови коктели наспроти гумени куршуми по славните улици на удобните европски градови сведочат за употреба на непропорционална државна сила и нема кој да писне во одбрана на човековите права оти онемеа таканаречените глобални невладини организации. Државите - тропа! Економиите нефункционални. Касите празни. Народните пари се претураат од шупливо во празно. Националните буџети на суверените држави, која од која покрунисана и постара, ќе ги контролира со право на вето некојаси натприродна комисија. 
    Баш ќе чекам некој „експерат" научно, а логично, спастрено, а разбирливо, да ни објасни со свои зборови што е тоа по ѓаволите демократија и слобода во функционална смисла ако го урнете темелот на кој таа почива? Белки нема некој сега да нѐ уверува дека ставање вето на нечиј државен буџет не значи буквално обесмислување на постоењето на парламент во кој тој буџет се планира и усвојува, плуралните избори на кои партиите се борат со своите програми за правото во еден мандат да ги користат „народните пари" собрани од даноци за остварување на своите политички програми и ветувања дадени на избори. Белки нема да се најде некоја будала што оваа далекосежна одлука ќе ја објаснува како нужда од привремен карактер. 

    Само од тој аспект (како свесно допингување на европските водачи) можам да го разберам она очајничко чудо од признание што се нарекува Нобелова награда за мир која годинава ѝ е доделена баш на ваквата раздрндана и шашардисана Европска Унија како сам по себе грандиозен мировен проект. Џанам, успешен - дотука бидува! Иако, да си кажеме право, наградава во овој сектор е избламирана од моментот кога во 1973 година ја доби Хенри Кисинџер по бомбардирањето на две неутрални држави, соседи на Виетнам (Лаос и Камбоџа), годинашниов венценосец по минатогодишниот Обама, сепак е круна на цинизмот. Што би рекол сер Малком Рифкинд, бившиот британски министер за одбрана: „Нобеловиот комитет во Осло направи превид кога титулата мироносец ѝ ја додели ексклузивно на ЕУ. Најмалку што требаше да стори е да му ја додели и на НАТО". Тамам! 

    На ова место и сосема плански и наменски ми доаѓа да ви го раскажам вицот за Македонецот што, за да биде во западен тренд, отишол на елитна оргијашка журка, ама, онака, ентузијастички наивно оптимистичен. По некое време сексање во темница, човеков ем збунет ем револтиран го вклучил светлото и викнал: „Чекајте бре луѓе, дајте да се организираме! Не бива вака. Мене веќе трипати ме опашаа, а јас уште цицка не сум фатил".

    Е, да! И Македонија не е надвор од веков и светов во оргијастичката 2012-та. Чуда се случуваат и кај нас. Само што ние подолго време, поради серија историски околности, а пред Сонцето да влезе во климактериум, сме навикнале на живот во екстремни услови, па нешто не заприметуваме од прва неприродни појави. Како што е оваа на пример дека четворица човеци, кој од кој подокажан во политиката, решиле да се обединат за да и осигурат убава иднина на Македонија. Сега, навистина, секој од нив иднината ја замислува на специфичен начин, кој исклучува нејзино постоење во денешната форма и суштина, ама важно е дека се спомнува поимот иднина. Тие велат дека се обединиле правејќи натчовечки напор. За општо добро дури ги жртвувале и сопствените суети (можете да си замислите колкава саможртва е тоа во вредносниот свет на секој егоманијак) и огромните политички разлики, па се здружиле за да ни осигурат светла иднина. Оти сега сме ја немале. Добро. Ама не сите во Македонија одат на оргии во мрак. Па, за да не испадне откога ќе нѐ опашаат едно трипати, да вклучуваме светло и да бараме да сме се организирале, јас сум должна да прашам предварително: Како ќе нѐ спасува оној што вика дека не постоиме, оној што чека Американците да му дозволат да запука, оној што нема црвени линии кон грчките барања и оној што лаже кога ќе зине? Околу што ќе се договараат ден потоа (кога ќе победат, де) оние двајца што ја направиле војната во 2001-та за да ја поделат Македонија од Групчин и до Групчин со оние двајца што ја спасуваа во 2002 година од нив, па до 2006-та ептен ја спасија. Која ќе им биде овој пат заедничката платформа за да обезбедат макар основна функционалност на државните институции, а на нацијата фина иднина?

    Вака сега: Знам дека времето е хаотично. Знам и тоа дека во политиката сѐ е можно, особено во мигови на очај. Свесна сум дека и македонскиот гласач е желен за добар живот, ама па некој да си мисли дека никој овде не знае дека изборите се оној момент кога на една страна стојат светнати продавачите зад своите закупени тезги, а со торбите меѓу тезгите шетаат потенцијалните купувачи, е забегана работа. Досега не сум видела закупец на тезга пред која нема никаков производ, а да се надева дека муштериите ќе купуваат од него само затоа што тој вика дека нуди добра стока. Како што гледате, зад таква тезга четворица веќе се дерат убедувајќи ги потенцијалните муштерии дека продаваат светла иднина, која ќе ја видат откако ќе купат по кило-две од тоа невидливото. Нормално, рекламации отпосле за невидливата стока не прифаќаат. Оти кој здрав купува нешто што не го гледа, мириса, допира. 
     
      
    Автор: Mирка Велиновска
    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 234 | Downloads: 0 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025