Во случај на пад на актуелната Влада на претседателот Башар ал – Асад, христијанското население во Сирија би било дефинитивно уништено и протерано од тие земји, а потоа на насилство од страна на екстремистите ќе бидат подложени оние кои го исповедаат традиционалниот ислам. Ова мислење во интервју за РИА Новости го изрази муфтијата Фарид Салман поглавар на Советот на улемите на РАИД (Руска Асоцијација на Исламскиот Договор).
„Парадоксално е тоа што христијанското присуство на Блискиот Исток – претставува гаранција за зачувување на традиционалниот и цивилизиран Ислам. После секој колеж и протерување на христијанското население од одреден регион на Блискиот Исток, започнува уништување на традиционалниот Ислам", рече муфтијата.
Тој потсети, дека во Ирак скоро целата христијанска популација е протерана или уништена, и на тој начин „некогашното милионско христијанско население во оваа земја всушност е сведено на минимум". Истото се случи и во Газа, истата работа во овој момент се случува и во Либан и Египет”, изјави овој соговорник за агенцијата.
Во случај опозицијата во Сирија да преземе водство во таа земја, како што смета Фарид Салман, „христијанската цивилизација, просто, ќе престане да постои таму. Ова е очигледно од акциите кои во моментот ги спроведуваат терористите на окупираните територии: Минирање и уништување на манастирите, црквите, сквернавење на христијанските светињи, светите места, реликвии, насилство над свештенството – киднапирања, убиства на свештеници. Сето ова се реализира според најлошото иранско сценарио", изјави муфтијата.
Според неговите зборови, претставниците на западните земји не ги спречуваат овие случувања, туку уште и ги поттикнуваат христијаните да ја напуштат Сирија. Како потврда на ова тврдење Фарид Салман го наведува сведочењето на врховниот муфтија на Сирија, Ахмед Бадр ал – Дин Хасун, со кого водеше разговори во текот на неговите повеќедневни посети на таа земја.
„Тој особено нагласи дека сегашните преостанати конзуларни службеници на поедини западни земји, меѓу кои и на Германија, по азбучен список ги посетуваат најзначајните сириски христијански семејства, на кои упорно им предлагаат да се обратат во конзулатот за добивање виза за заминување во Германија"... „Таквиот „мирен" излез, односно принудна емиграција, е само еден вид на меѓународен притисок врз Сирија, на нејзиното раководство и на целокупното сириско општество", изјави соговорникот за агенцијата.
Според неговите зборови, во предвоена Сирија немало поделба врз религиска основа, а оваа земја „беше воопшто единствениот модел, како што денес се истакнува, за толеранција во вжештениот регион, за каков што се смета Блискиот Исток". „Да, постојат компактно населени области, но ставот на Владата на претседателот Башар ал – Асад е ист кон сиријците – и ова се однесува на сите сиријци, а не на поедини малцински или мнозински религиозни групации; овој однос е независен од религиозната припадност на поединецот", изјави поглаварот на Советот на улемите на РАИД.