Празнина КОЈА сјае: Македонија Saturday, 2025-02-01, 7:05 AM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    Есента е убава, ама пролет си е пролет 5-10-2013
    2013-10-05, 6:06 PM
    Есента е убава, ама пролет си е пролет
    Тихомир Јанчевски

    Октомври е убав месец, бездруго еден од најубавите во годината. Лисјата жолтеат, лисјата црвенеат, лисјата паѓаат... Не попусто го викаат и листокап. Летото помина, есен е и веќе осетно заладува. Многу птици се подготвуваат за долг лет преку Средоземно Море до Африка, многу цицачи се подготвуваат за зимски сон, рептилите за хибернација... природата се подготвува за фаза на мирување. Што се однесува до мене, јас решив овој пат да Ви напишам малку поинаква колумна, која ќе се состои од некои мои записи на ФБ од последниве 10 дена. Ако биде успешно, ќе правам така пак, ако не, ќе си продолжам по старо. Ги поздравувам сите оние што навикнаа да ги читаат моите писанија во „Утрински" секој втор викенд, а на оние што не им се допаѓа како пишувам, како мислам или како изгледам, им советувам веднаш да престанат да читаат понатаму, зашто нема смисла да си го расипуваат денот и да се полнат со пизма од моите зборови. Значи:



    23 септември, понеделник 

    По успешниот појадок на мостот од камен, за доброто на заедницата (а тоа сме сите ние), предлагам тој да стане тераса на кафеаната „Пирин", која е најблиску до него. Таа може да стане народна кујна, а на мостот везден да се делат бесплатни оброци за градската сиромаштија. Инаку, зборот „пролетеријат" не е измислен од Карл Маркс, туку се користел уште во Рим, за сиромашните обезземјени селани кои по Пунските војни во огромен број дошле да живеат во главниот град. Се доселиле таму од немајкаде, не од љубов кон урбаниот живот. За нив се граделе мали станови во згради на неколку ката, и се отварале кујни со бесплатна храна. И новите урбани жители си јаделе таму и си гледале крвави борби по арените, а подоцна и во Колосеумот кога им го отвориле. И си живееле убаво, според рецептот „Леб и игри". Ние денес си имаме кабелска телевизија, па вие видете. Не се само фабричките работници пролетери. Скопје, пролетерски град.



    24 септември, вторник

    Читам вака вечерва статуси на Фејсбук и луѓето ми се гледаат како шишенца со отров. Помали, поголеми, средни. Не се сите, ама ги има доста. И чуму? Ако избербатиш некого, ќе станеш попаметен или поубав? На секој несреќник и суетен дебил доволно му е неговото зло.



    27 септември, петок. 

    Велат дека фармацевтската индустрија е многу неетична и сака да ги навикнува луѓето на хемикалии без да им даде конечен лек. Има нешто во тоа. Еве, за малку да ги зезнеме, јас од искуство предлагам: ако мевот не ви вари добро и имате киселини - не пијте „рупурут", „фамосан", црни јагленчиња („карбо медициналис"), „фосфогел" и слично, туку голтнете неколку живи зрнца ориз. Може и семка од маслинка, ама оризот е подобар. Ова е мојот придонес кон фармакологијата. Да.



    1 октомври, вторник

    Есента не е во бојата на лисјата

    што жолтеат и црвенеат

    ниту во плодовите узреани 

    за берба

    ниту во ситниот дожд, не е таму



    Есента е сила во воздухот 

    и времето

    која демне и истоштува

    Некаде дава здив

    некаде го одзема



    2 октомври, среда

    Барав земја во која нема корупција и ја најдов Македонија! -рече мустаклијата и остана жив! 

    А јас, ви велам, ако отидам во Индија, ќе кажам дека таму се' е убаво и под конец, и дека не сум видел поубав народ од нивниот. Кога си гостин, треба да ги фалиш домаќините. Уште ќе им кажам дека сум воодушевен од шаренилото по улиците, архитектурата, храната, пазарите... и други такви работи. И јас ќе останам жив. 

    Инаку, пред две недели навистина ме повикаа на еден поетски фестивал во Индија, добив официјална покана. Се одржува во Хајдерабад, во јануари 2014. Претходно ме прашаа дали сум слушнал за Тагоре, добитникот на Нобелова награда за литература од Индија. Изгледа не знаат дека тука не сме толку прости и дека 30 години бевме во Неврзаните и дека Тагоре го имаме во лектирата за средно. Откако им кажав дека многу добро знам кој е тој, ми пишаа дека ќе ми организираат и читање на факултетот „Рабиндранат Тагоре" во Калкута, па да наминам и таму. Значи, ако најдам спонзори, следниот месец отидов за Индија во јануари. Индијциве ме канат, ама не се некои парајлии, па ако одам, треба патот да си го платам сам. Да. 



    3 октомври, четврток.

    Често читам реченици во прво лице множина: 

    Заглавени сме во спорот со Грција!

    Не можеме да влеземе во Европа! 

    Тапкаме во место!

    Судството ни е ужас!

    Здравството и образованието - ноќна мора! 

    И други такви нешта, во истиот стил: Не не' бидува, не можеме, нема како... 

    Па што? Дури и сето тоа да е така, сепак, не значи дека и во Македонија, таква-каква што е, тука и сега, човек мора да е потиштен и незадоволен и отепан и скапан. А така се чувствуваат многумина, би рекол мнозинството од населението. Чаре? Гледајте си го животот бе луѓе, сонцето секој ден одново се раѓа... има и убави работи. Не давајте лошите мисли и грижите да ви го уништат капацитетот да живеете, да се радувате и да љубите. Еднаш се живее. Добра ноќ, и мислете на нешто убаво пред спиење.

    Значи, да завршиме како што започнавме: октомври е, лисјата паѓаат... Македонија во викендите мириса на ајвар и зимница. Есен е, и есента е убава... ама ПРОЛЕТ СИ Е ПРОЛЕТ.
    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 267 | Downloads: 0 | Comments: 1 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025