СУРОВА СТАТИСТИКА
Бранот изумирања на селата во државава, што е тренд и во целиот регион, е предизвик за секоја влада, особено во услови на економска рецесија и на сѐ поголем притисок во градовите и недостиг од работа во индустријата. Од земјоделските здруженија веќе подолго време апелираат дека македонските села изумираат, земјоделството сѐ уште ни е неконкурентно на пазарот, инфраструктурата во руралните средини е лоша и постојано се намалува бројот на активни земјоделци. Од друга страна, сведоци сме дека борбата за зачувување на македонските села почна да се води последниве неколку години. Да се зачува народот во селата, да се заштитат земјоделците, да се изгради инфраструктурата, која со децении не е обновена, а некаде никогаш и ја немало, се мерки што почнаа да се спроведуваат кај нас. И додека селата постепено изумираат, а нивите стојат необработени, во градовите расте сиромаштијата. И покрај тоа, засега е мал бројот на оние што размислуваат да се вратат онаму од каде што дошле.
Алармот е вклучен
Статистичките податоци покажуваат дека во изминатите 20 години земјоделската површина од 1,3 милион хектари се намалила на 1,1 милион хектари. Обработливата површина, пак, од 600.000 се намалила на 500.000 хектари. Има намалување и на сточниот фонд, особено во овчарството, каде што од 2 милиони овци по 20 години има само 800.000. Намалени се и лозарско-овошните насади, особено на крушите, кајсиите и праските. Најголем дел од обработливата површина заземаат ораници и бавчи - 81 отсто.
- Податоците покажуваат дека селата се во зрела старост и изумираат, земјоделството сѐ уште не е конкурентно на пазарот, инфраструктурата во руралните средини е лоша, се затвораат училишта, младите заминаа многу одамна, постојано се намалува бројот на активни земјоделци - вели Андрија Секуловски, претседател на Федерацијата на фармери на РМ.
По два-тројца старци во седумдесет села
Кај нас особено алармантна е состојбата во источниот регион на државата. Во овој дел од Македонија околу 65 проценти од населението се концентрирани во девет градски населби, за разлика од полошкиот регион, каде што во градовите живеат само 28 отсто од населението. Во вардарскиот регион, пак, во четири града живеат околу 70 отсто од населението, а во пелагонискиот, „градски" се 68 проценти.
Миграцијата село - град досега опустоши околу 70 отсто од селата, од кои најголемиот дел се во источна Македонија. Само во Штип, од 47.746 жители, повеќе од 35.000 живеат во градот, а 10.000 се жители на селата. Иако во општината официјално се регистрирани 71 населено место, во некои од штипските села живеат одвај по два-тројца старци, додека најмалку во десет од нив воопшто нема население.
Континуираното напуштање на селата досега било причина за целосно изумирање на дури 141 село, а пред целосно изумирање се уште 455. Корените на миграцијата село - град во овој дел од државата датираат уште од средината на 50-тите години од минатиот век, кога почнува индустрискиот развој на градовите. Но овој процес трае и ден-денес. Ваквата состојба, според малкуте жители што останале на село, е резултат на лошите услови за живот што постојат во поголемиот дел од селата.
За обележување е состојбата во Виница и околните села, каде што трендот на иселување на цели семејства наместо да запира, последниве години зема замав. Помал дел од младите егзистенција бараат во градот, но поголемиот дел од нив ја напуштија државата и фамилијарно заминуваат во странство, најчесто во Италија.
Нема кој да работи на нива
Повеќе од јасно е дека слаби села значат и слабо земјоделство и економија, што долгорочно може да има огромни негативни последици за државата, кои и сега се чувствуваат од минатодецениското опустошување на земјоделските атари.
- Без силно село не можеме да имаме и економски силна држава. Во моментов имаме села без луѓе и огромни земјоделски површини што не се обработуваат, од една страна, а пренаселеност на градовите, од друга.
Ова резултира со пораст на невработеноста, но и на примателите на социјална помош - истакнува економистот Љупчо Давчев од Економскиот факултет во Штип.
Менување на патната инфраструктура, на водоводната и канализациската мрежа, овозможување медицинска заштита во селата каде што нема амбуланти, полесен пристап до локалните пазари, евентуална помош при откупот на земјоделските производи, се неколкуте мерки што треба поактивно да се преземат доколку сакаме да ги зачуваме барем оние села што сѐ уште живуркаат. Можеби со задоцнување, но државата сепак се сети, барем последниве неколку години да посвети внимание и на локалните патишта и на поврзувањето на руралните места со градовите и автопатите.
Седумдесет беќари во едно село
Оние што живеат во руралните средини, пак, се жалат на нееднаквиот третман со жителите на градот, но како најголем проблем го гледаат иселувањето од селата и недостигот од семејства што ќе ги населат празните селски атари.
- Селата се мртви, само Скопје живее. Селскиот живот не е лесен, но барем да ги имаме истите права и поволности како оние што живеат во град. И ние сакаме бесплатен автобуски превоз, не да шетаме, туку да вршиме работа, да одиме до лекар или, пак, на пазар. Тоа го немаме. Последниве години се поправија дел од патиштата, но што е со селските амбуланти, ги нема. На десетина села по една амбуланта, и тоа на огромна територија. Ако знаеме дека претежно стари лица живеат во нашите села, тогаш како да ги натераме и тие да останат, а младите да се вратат. Ако се вратат младите, ќе се отворат и запуштените училишта и ќе заживее една нова генерација Македонци - вели Трајче Стојанов, жител на селото Војнишинци.
Тој додава дека голем проблем е и тоа што сѐ повеќе ергени остануваат неженети во селата. Едноставно тешко се наоѓа жена што сака да се омажи и да живее на село.
- Еве, во нашето село, кое брои деведесетина куќи, има околу 70 беќари. Замислете, тоа се 70 семејства што може да ги има, а ги нема. Во источна Македонија сѐ почесто се носат жени од Албанија, не велам дека тоа е лошо, но нивниот број е премал за да го неутрализира трендот на самци во нашите села. Земја имаме, вода исто така, сонце во изобилство, но ни фали народ. Луѓето ги снемува, а сѐ друго останува запустено. Ако се добие оваа битка, тогаш ќе ја добиеме секоја друга - дополнува Стојанов.
Најголемиот дел од напуштените села се наоѓаат во Источна Македонија / Фото: Ненад Андонов
Во беровско Будинарци се живее од нивите
Семејството Пармачки од беровско Будинарци решило да остане во своето село и таму да ги продолжи животот и семејната лоза. Се занимаваат со сточарство и млекопроизводство, а успех постигнуваат и во одгледување вкусен еколошки компир.
- Не велам дека е лесно, но ние одлучивме да ги работиме нашите ниви. Имаме прекрасни пасишта, кои овозможуваат квалитетно одгледување овци. Земјата е незагадена и целото производство ни е органско, само што ќе треба да го сертифицираме во иднина. Продаваме јагниња, компир, млеко, сирење... има многу работа, но има и храна. Јас сум и мајка и сопруга и регистриран земјоделец. За сѐ треба многу голема волја, упорност и труд и успехот е неизбежен - вели Вангелина Пармачка од Будинарци.
Таа порачува дека кога целиот свет се стреми кон еколошко производство на храна, а за тоа им треба прочистување на нивната загадена почва, ние можеме веднаш да стартуваме со производството и пласманот на еколошки производи за кои е потребна само мала помош од државните институции за маркетинг и пласман на странските пазари.
|
|