Какви тајни крие најголемиот грчки остров Пиштоли, „калашњикови", рачни бомби, експлозиви и муниција доволни да се вооружи до заби една воена чета неделава беа откриени на преминот Деве Баир во автомобил што го управувал албански државјанин, кој се осудил преку граници на четири земји (Албанија, Македонија, Бугарија и Грција) да го прошверцува арсеналот оружје до островот Крит во Медитеранот.
Иако ова е една од најголемите заплени на оружје што ги направила царинската управа во последниве неколку години, за нас многу поинтересно прашање на кое се обидовме да дадеме одговорот е зошто на Албанецот финалната дестинација за оружјето му била Крит и што се случува токму таму во изминативе дваесетина години?
Многубројните геополитички магазини и разните списанија и весници честопати пренесуваат приказни од секаков карактер за најголемиот грчки остров во Медитеранот, кој има нешто повеќе од половина милион луѓе.
За некои Крит е рај за криминалците и за балканските наркобанди и препродавачите на дрога, за други на тоа место едноставно има премногу војска и се лоцирани неколку воени бази (на Американците, на Грците, на курдската работничка партија), а за трети тоа е крстосница на цивилизациите и место каде што се прекршуваат интересите и разузнавачките активности на сите светски суперсили.
Грчка Колумбија
- На грчкиот остров Крит постои империја на дрогата слична на онаа на наркомафијата во Колумбија, која властите во Атина се немоќни да ја елиминираат - пишува неделникот „Сандеј телеграф".
Според магазинот, чии репортери го посетиле регионот Зониана, сместен во планинските предели на островот, е познат како недостапна територија за грчката полиција.
При последниот обид на полициските сили минатата година да влезат во местото и да извршат претрес дошло до жесток судир со локалните банди. Во неколкучасовната оружена пресметка, грчката мафија употребила „калашњикови" и успеала тешко да рани неколку полицајци.
Според англискиот медиум, овој дел од Грција во минатото бил познат само по одгледувањето овци и кози и производството на сирење, а сега многумина го знаат како место во кое нескриено се одгледува марихуана.
- Плантажите со оваа дрога се толку раширени што доаѓаат до селата што се на само петнаесетина километри до Ираклион, главниот град на Крит, создавајќи на тој начин територија што сега се нарекува грчка Колумбија - заклучува „Сандеј телеграф".
Според медиумот, селаните ја поддржуваат и ја кријат мафијата, како и нејзиното дејствување, затоа што имаат поголема полза од дрогата отколку од сточарството.
Дрогата завршува во Западна Европа
- Марихуаната што се одгледува на Крит се шверцува во западноевропските земји, каде што се продава по 2.500 евра за еден килограм. Поради ова некои од локалните овчари и земјоделци на своите банкарски сметки имаат и по 1,5 милион евра, кои тешко може да се заработат од правење козјо сирење - се вели во репортажата на „Сандеј телеграф".
Англискиот медиум тврди дека грчката полиција се вади од кашата во изјава за медиумот тврдејќи дека тешкиот пристап до реоните во кои се сади марихуана им е дополнителен проблем за да се уапсат криминалците.
Според лондонски „Индепендент", пак, критичарите во Атина тврдат дека дрогата на островот се одгледувала повеќе од четириесет години откако била насадена од првиот налет на хипиците по дивите плажи на Крит во 1970-тите години.
„Индепендент" тврди дека Крит отсекогаш бил познат по својата „независност" и дека на островот има највисок процент на оружје по жител во ЕУ. Во тој дел на Грција наркобандите слободно опериралe. - Крит е популарна туристичка дестинација за Британците, па Атина стравува дека грчката Колумбија може да ги оддалечи туристите, бидејќи порано Крит бил познат по танцот во филмот „Гркот Зорба", сега повеќе личи на случувањата во филмовите за мафијашкото семејство Корлеоне и по својот нов прекар Илегална република - резимира весникот во својата анализа.
Воени утврдувања
Можеби најголемата концентрација на оружје на Крит се наоѓа на југ од островот на точно 17 километри од источно од градот Ханиа, каде што на локалниот аеродром и пристаниште се лоцирани двете големи воени бази. Едната од нив е во сопственост на воздухопловството на Атина а втората на американската морнарица.
Американската база позната под својот псевдоним Сауда беј има стратегиско значење за војската на Вашингтон уште од 26 мај 1969 години. Оттука, барем според пишувањата на неколку стручни воени магазини, биле извршени мноштво планирања и логистика за големите воени акции што Америка ги изврши во земјите од Блискиот Исток и Северна Африка во својата војна против тероризмот. Во минатото, пак, за време на Студената војна, оваа локација на Крит била користена од НАТО-земјите за воени и разузнавачки активности од различен спектар.
Освен легалните воени бази, турските медиуми и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган честопати обвинуваа дека во овој дел од Грција биле сместени и тајните тренинг-кампови на членовите на Курдската работничка партија (ПКК).
Неколку пати во минатото Анкара тврдеше дека вакви тренинг-кампови, освен на овој остров, има и во областа Атика, во Лаврио, Китеа, Оропос и Дилеси.
Меѓутоа овие обвинувања на Анкара, Атина официјално демантира и ги отфрла нагласувајќи дека се обид за наметнување политички притисок. | |