Документарниот филм во подготовка за Никола Боби Автовски не е само сеќавање за еден човек-уметник, туку на своевиден начин и македонската забавна музика добива сведоштво за своите почетоци и корени Јасминка Павловска
„Доволно е човек да направи една вредна работа во животот за да биде запаметен", размислува Виолета Џолева, денес почитувана режисерка и една од „заговорниците" во проектот за документарниот филм за Никола Боби Автовски, човекот кој го испеа првиот македонски шлагер „Кажи зошто ме остави" и на тој начин ја започна и историјата на македонската забавна музика. Почетокот на една историја е сосема релевантна причина за на еден човек да му се признае некоја создадена вредност.
ДОКУМЕНТАРЕЦ
„За жал, во Македонија некако сме наклонети лесно да преминуваме преку нашите вредности, да ги забораваме, па и да ги избришеме од сеќавањето луѓето кои, всушност, се корените на една современа култура во музиката", започнува Лилјана Автовска, авторката на документарниот филм што го подготвува во МТВ, токму за нејзиниот свекор Боби Автовски. „Всушност, јас и ја немав можноста да го запознам Боби. Со сопругот Методија се запознавме кога татко му веќе беше починат, а годинава, на 6 август, од тој тажен миг за семејството се навршија 40 години. Но, уште како студентка на Музичката академија, а подоцна и кога почнав да работам во МТВ, тогаш Радио-телевизија Скопје, знаев и слушав од луѓето што го познавале, за Никола Боби Автовски, човекот што го испеал првиот македонски шлагер. Навистина ме изненадни непријатно, кога не случајни млади луѓе, и тоа музичари, не знаеја кој е Боби Автовски. Тогаш сфатив дека семејните спомени и сеќавања не се доволни за да остане вистински верификувана приказната за луѓето што го создале првиот македонски шлагер. Затоа решив да се нафатам да го направам овој документарен филм. Во семејството ги имам најблиските луѓе на Боби, свекрвата Соња, сопругот Мето и деверот Александар, кои ја носат неговата животна приказна, но кога почнав да ги барам неговите колеги и соработници, се соочив со поразителниот факт дека многу од нив се починати или во навистина поодмината возраст. Неодамна, пак, почина и авторот на текстот на песната ’Кажи зошто ме остави’, Јово Велјановски, и навистина ми е жал што неговото автентично кажување ќе го нема во документарниот филм за Боби Автовски. Во потрага по луѓето кои соработувале со Боби Автовски, се пронајдовме со Виолета Џолева, со која соработувале во Детската радиодрама на Радио Скопје, а потоа и ја снимале првата детска серија на ТВ Скопје, „Наша крстословка". Таа воодушевено ми излезе во пресрет, па дури и се нафати да го режира спотот за песната ’Кажи зошто ме остави’", раскажува Лилјана.
ПРВИОТ ШЛАГЕР
Песната „Кажи зошто ме остави" е создадена уште во 1947 или 1948 година, како плод на сосема искрен порив за забава на тогашните млади момци во Битола. Јово Велјановски, подоцна познат адвокат, во младешките денови во Битола за песните што биле изведувани на игранките пишувал свои, македонски текстови. Никола Боби Автовски, пак, иако охриѓанец, по „директива" и со завршено Средно воено музичко училиште во Вршац, работел како актер во Театарот во Битола. Младешката енергија за песна брзо ги поврзува Јове и Боби, па на една од забавите Боби првпат ќе ја испее „Кажи зошто ме остави". И покрај верувањето и ставовите во доцните четириесетти години на минатиот век дека шлагерот е декаденција, „директивите" не можат да ги спречат трендовите и желбата за модерна забава. Песната често е изведувана на програмата на Радио Битола, но секогаш во живо, од самиот Боби Автовски. Првата снимка е направена во 1956 година, во Радио Скопје.
101 ПРИКАЗНА
„За мене Никола Боби Автовски секогаш ќе биде чичко Боби", се навраќа Виолета Џолева на деновите од своето детство и членувањето во Детската радиодрама на Радио Скопје. „Во шеесеттите години Радио Скопје имаше свои актери токму за радиодрамите, а Боби Автовски беше еден од тие актери. Ние како деца-актери од Детската радиодрама најмногу сакавме да работиме со чичко Боби. Сакавме и да ги снимаме и да ги слушаме ’101 приказна‘, со неговиот глас, што редовно одеше на програмата за деца на Радио Скопје. А и тој беше еден од ретките возрасни актери кои сакаа да работат со деца. Освен тоа, она што посебно ме поврзува со него е што ние двајцата заедно две и пол години ја водевме првата серија за деца на Телевизија Скопје, ’Наша крстословка‘, во периодот од 1966 до 1968 година. Многу научив од него и како професионалец, но и за човечките вредности. Токму затоа, од такви емотивни причини, од се' срце прифатив да учествувам на некој начин во подготовката на документарниот филм за него. Во текот на консултациите со Лиле, заклучивме дека не постои видеозапис за песната ’Кажи зошто ме остави’, па се понудив да снимиме еден спот, кој би бил дел од документарецот, чијашто режија, инаку, ја работи колегата Миле Гроздановски. Спотот би можел да функционира и самостојно. Особено се израдував што сопругата на чичко Боби, госпоѓа Соња, се' уште е во кондиција и покрај респектабилната возраст, па предложив таа да има улога во спотот. Снимавме на Матка и остана уште малку да се доработи. Верувам дека ќе успееме да оставиме достоен спомен за Никола Боби Автовски, зашто што тој го заслужува тоа", вели Виолета Џолева.
Никола Боби Автовски е роден во Охрид во 1922 година. Завршил Средно воено музичко училиште во Вршац, уште пред Втората светска војна. Неговата сопруга Соња се сеќава дека и' раскажувал дека за време на бугарската окупација свирел во некој џез-клуб во Софија.
„Таму, во Софија, во клубот, некоја обожавателка му ’кумувала‘ за прекарот Боби. Веројатно и тој сметал дека за еден модерен музичар во тоа време попретставително е името Боби, па си го задржал" се сеќава госпоѓа Соња. „Ние се запознавме сосема професионално. Во таа 1952 година Боби беше актер во Театарот во Битола, каде што подготвувале некоја оперета. Тој дошол во Скопје, во потрага по женски вокали. Во тоа време јас пеев во ’Танец‘, па една моја колешка ме препорачала и му кажала каде може да ме најде. Тој дури и ме побарал дома, разговарал со мајка ми, но јас тогаш не сум била во куќата. Подоцна повторно ме побара и јас се согласив да одам во Битола, да учествувам во оперетата што се подготвуваше. Тогаш имав дваесетина години. За кусо време многу се зближивме, а тој беше особено внимателен. Всушност, во почетокот на април заминав за Битола, а во мај веќе се венчавме со Боби. Добрината беше она што ме привлече кај него и она што и сега, 40 години по неговото заминување, ми доаѓа како прво чувство во сеќавањата за него. А навистина имаше и карактеристичен лик, што не се заборава: имаше едно зелено и едно сино око", се навраќа во своите спомени Соња Автовска.
Основната професија на Никола Боби Автовски, всушност, била актерството. Голем дел од својата актерска кариера ја создавал на сцената на театрите во Битола, Прилеп и во Штип. Периодот пред неговата конечна семејна преселба во Скопје, во првата половина на педесеттите години на минатиот век, бил и директор на Театарот во Штип. Тоа е периодот и кога се затвораат театрите во внатрешноста на Македонија, па со доаѓањето во Скопје, Боби Автовски ја продолжува својата актерска кариера во Радиодрамата на Радио Скопје. Сепак, истовремено имал и паралелна музичка кариера, најчесто со музички настапи во живо и на програмата на Радио Скопје. Сепак, најголем хит што се поврзува со неговото име е токму песната „Кажи зошто ме остави".
МЕЃУ ЛЕГЕНДИТЕ
„Дел од легендарноста на оваа песна, покрај тоа што е првиот македонски шлагер, е што се' уште е една од ретките песни што се пее на македонски јазик и надвор од границите на Македонија", вели Методија Автовски, синот на Боби Автовски, и самиот академски музичар. „Таков успех имаат постигнато веројатно само уште песните на Јонче Христовски. Обично и самите македонски пејачи, кога имаат амбиции да успеат надвор од Македонија, ги препеваат своите песни обично на српски јазик. Навистина, и ’Кажи зошто ме остави’ доби уште неколку верзии на српски и на хрватски јазик. Уште додека татко ми беше жив, ја препеа Џими Станиќ. Тој дури и му се јави на татко ми да побара дозвола да ја препее. Оваа песна се' уште е мотив и за нови обработки, во разни верзии, па дури и за еден српски филм, каде што мислам дека Ана Софреновиќ одлично ја изведе. Но, татко ми секогаш кога ја изведувал, ја пеел на македонски јазик и навистина имал голема популарност во цела тогашна Југославија", вели Мето Автовски.
Документарниот филм во подготовка за Никола Боби Автовски не е само сеќавање за еден човек-уметник, туку на своевиден начин и македонската забавна музика добива сведоштво за своите почетоци и корени. |