Празнина КОЈА сјае: Македонија Saturday, 2025-02-01, 4:13 AM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    Еден е Његош 24-10-2013
    2013-10-24, 6:29 PM
    Еден е Његош

    Годинава се одбележуваат 200 години од раѓањето на големиот поет, владика и државник Петар Втори Петровиќ-Његош

    Данило Коцевски

    Годинава се одбележува 200-годишнината од раѓањето на големиот Његош, поет, државник и црногорски владика (1813-1851). Како ретко некое друго име, самото негово изговарање предизвикува восхитување и помисла на едно грандиозно творечко дело. Но, и почит кон човекот кој со својата широчина, одмереност, знаење и дарба го задолжи својот народ во тешки времиња на политички, општествени и културни премрежиња. Генерации и генерации, а тоа интимно сме го почуствувале и во нашите животи, воспитувани се на неговите стихови, но и на неговата човечка мудрост. Стихови, кои понесуваат и маѓепсуваат со својот смирен, класичен патос и занес, со својата филозофско-медитативна сентенционалност и продлабоченост, но и со возбудата од познавањето на сите човечки дамари и проблеми, се' до најситните детали од животот и опстојувањето во светот. Петар Втори Петровиќ Његош, владика и владетел на Црна Гора, несомнено е еден од најголемите црногорски, српски и јужнословенски поети. Но, неговото име веќе одамна одѕвонува и низ сите светски меридијани. 

    Роден е 1813 година во село Његуши, починал на Цетиње 1851 година. Роденото име му е Раде Петровиќ, а неговиот чичко, митрополитот Петар Први, рано ја забележал големата надареност на детето и го довел на Цетиње. Таму учител му бил познатиот Сима Милутиновиќ-Сарајлија, а ги учел рускиот, италијанскиот и францускиот јазик. Петар Први одредил, по неговата смрт, внукот да биде негов наследник. Така, 1830 година Раде со неполни седумнаесет години станал Петар Втори Петровиќ, „духовен и световен владетел на Црногорците". Од рани години пишувал стихови, а во последните седум години од својот живот ги напишал своите три најдобри дела „Луча микрокозма", „Горски венец" и „Лажниот цар Шќепан Мали".

    „Горски венец"(1847) спаѓа во генијалните остварувања на Његош, кој според својата монументалност и внатрешната емотивно-контемплативна кохезија, поетската сила и драмската форма „потсетува на грчките трагедии". Епската широчина на делото на особен начин е проткаена со лирски елементи, така што таа епско-лирска структура го чини особено и исклучително. Тематско-мотивските сегменти во „Горски венец", откриваат еден тежок период за народот, од соочувањето со проблемот на потурчувањето, па се' до зулумите на турските паши, постојаната борба и непријателствата меѓу поделените племиња и заканите од крвната одмазда. Но, Његош секогаш наоѓа начин низ еден вдахновен поетски изблик да застане во заштита на народот, со верба во неговата нескршливост и иднина. Стиховите стануваат филозофски мисли и сентенции, сентенциите се од најпрефинет поетско-лирски материјал: „Во арно е лесно арен да си, на маката јунак се познава", „Тврд орев е чудно овоштие - ти го кршиш, тој заби ти строшил!", „Што е човек? А пак треба да е!" 

    Овие стихови од „Горски венец" во превод на македонски јазик се од Блаже Конески, цитирани се од јубилејното издание од 1947 година., по повод стогодишнината од излегувањето. 

    Делото „Луча микрокозма" (1845), кое се смета, исто така, за едно од големите остварувања на Његош, се разликува од „Горски венец", и како поетска структура и по своите тематско-мотивски белези. Но, творечката моќ на авторот и тука е препознатлива. Тоа е, всушност, еден религиозно-филозофски еп со длабоки метафизички конотации за местото на човекот во универзумот, за мракот и сјајот, за Сатаната, за борбата помеѓу доброто и злото. Ова дело долго време, и покрај вредностите, ќе предизвикува недоразбирање меѓу критичарите и толкувачите. Но, подоцна и тоа ќе си го добие своето заслужено место. Имено, се сметало дека авторот е под големо влијание на Милтоновиот „Загубен рај" и Дантеовиот „Пекол". Таквите паралели, сепак, можат да бидат само комплимент за авторот, бидејќи е несомнено дека од стиховите на „Луча микрокозма" избива Његошевиот поетски гениј. Од аспект на романтизмот, можно е да се направи паралела и со неговите врсници, Леопарди и Пушкин, во контекстот на големата поетска тема и инспирација за „светската болка".

    Његош е посебно значаен за нас, Македонците, со оглед на премрежињата со кои се соочувал и ги преживувал македонскиот народ, но и поетскиот гениј на тој народ кој израснал од богатата народна традиција. Да не заборавиме дека Његош се занимавал и со собирање народни умотворби кои подоцна ги објавил. Во таа смисла, неизбежни се споредбите и со браќата Димитар и Константин Миладинови. По смртта во 1851 година на Цетиње, посмртните останки на Његош повеќе пати се пренесувани за денес да почиваат во Мавзолејот на Ловќен, што е и негова лична желба.

    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 487 | Downloads: 0 | Rating: 1.0/1
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025