|
31 октомври 2012 Мартин Хајдегер “Увод во Метафизика“ (извадок)
| 2013-08-30, 5:31 AM |
Основното прашање на метафизиката е: Зошто е воопшто она што бидува, а не ништо? Тоа е првото прашање... Ова прашање е прво по својата положба. Најпрво како најшироко, потоа како најдлабоко и на крај како најизворно прашање... Да се философира значи да се испитува: Зошто е воопшто она што бидува, а не ништо?... Тоа што философијата по својата суштина може и мора да биде тоа е: некое мисловно отворање на патиштата и ширината и далечината на видувањето на знаењето кое одредува положба и мера, знаење во кое и од кое некој народ поима и го доведува до исполнување своето опстојување во историско-духовниот свет, она знаење кое разгорува и загрозува и тера на секое испитување и оценување. Философијата е испитување на она што е извонредно. Извонредно е не само тоа што се испитува, туку и самото испитување. Тоа испитување не лежи некаде на патот така да ние еден ден непредвидено или дури од невнимание доаѓаме на него. Тоа не стои во вообичаениот поредок на сегашницата, така да на основа на било кои барања или прописи на него сме принудени. Тоа испитување, исто така, не се наоѓа во кругот на владеачките потреби. Самото тоа испитување е надвор од редот. Тоа е сосема доброволно и потполно и својски поставено на таинствената основа на слободата, она што го нарекуваме скок. Философирањето е извонредно, испитување на извонредното... Прашањето кое по положба го означивме како прво "зошто е воопшто она што бидува, а не ништо" е основно метафизичко прашање. Метафизиката е назив за средиштето и езгрото на секоја и сите философии. Но ако прашањето за битието го мислиме во смисла на испитување на битието како такво, тогаш на секој кој со нас мисли ќе му биде јасно дека на метафизиката битието како такво и останува сокриено, во заборавеност и тоа така пресудно што заборавеноста на битието, која и самата паѓа во заборавеност е незначителен, но постојан поттик за метафизичко испитување. Откриеноста на битието покажува: отвореност на она што заборавеноста на битието го затвора и крие. "Увод во метафизика", според тоа, значи: воведување во испитување на основното прашање и тоа не е оттука некое одведување до нешто што било каде лежи и стои, туку одведувањето мора да го буди и создава тоа испитување. Тоа водење е некое испитувачко претходно приоѓање, некое претходно испитување. Испитувањето е да се знае да се сака. Тој кој сака, кој цело свое опстојување го полага во некое сакање, тој е одлучен (от-клучен). Суштината на одлучноста (от-клученоста) лежи во откриеноста на човечкото опстојување за расветлување на битието. Да се знае значи: да може да се бдее во вистината. Вистината е откриеност на она што бидува. Да се знае според тоа е: да може да се бдее во откриеноста на она што бидува, да се издржува. Да се знае значи: да се умее да се учи...
Мартин Хајдегер "Увод во Метафизика"
|
Category: My files | Added by: Вељанко
|
Views: 350 | Downloads: 0
| Comments: 1
| Rating: 0.0/0 |
|
|