Празнина КОЈА сјае: Македонија Friday, 2025-01-31, 7:47 PM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    Анте Поповски-МОЈАТА СИНА ПТИЦА
    2014-12-05, 1:47 AM

    Анте Поповски-МОЈАТА СИНА ПТИЦА 

    Мојата сина птица
    Непрочитано писмо
    Од сина тишина зборови
    Стракче. Чиниче. Птица.
    Обично попладне
    Крваво писмо
    Птицата… Птицата…

    МОЈАТА СИНА ПТИЦА

    Лесно ќе ја распознаете мојата сина птица:
    таа не ги колве кората и плодовите на овошките,
    не застанува на карпите, не демне по мрши и коски,
    – мојата птица никогаш не се симнува од небесата.

    Мојата птица ги покрстува небеските варвари,
    светлината ја пресоздава во писмо според кое
    бела како коска, студена како кама

    – неизвесноста пустоши низ нас…

    Толку високо, самоти ѕвездите,
    можеше да се искачи само зборот,
    мојата сина птица:

    со клунче од звуци, со крилја од глаголи…

    НЕПРОЧИТАНО ПИСМО

    Врз секоја карпа, врз секој камен – некој знак!
    Длабел некој низ мракот на времето знаци
    со камен врз каменот и сега целата татковина
    е некое неодгатливо писмо.
    Знаците истетовирани врз карпите,
    стопени со времето,
    втиснати во сеќавањето на народот
    – сега се свети знаци низ кои струи
    и крвта и тајната на македонскиот збор:
    изгорени гласови, неоли,
    крвави засеци на ножот
    осенчени со крик на големи погибии…

    Целата татковина – свето и непрочитано писмо.

    ОД СИНА ТИШИНА ЗБОРОВИ

    Од сина тишина создавав зборови
    и од зборови Те создавав Тебе
    Те поведов низ младоста, низ цел живот
    една по една да ги собираме трошките
    на кои постапно се распаѓавме.

    Сега, легнувајќи во самите корени
    на новиот век
    се загледуваш во мене
    и ги згаснуваш една по една
    ѕвездите во моите очи.
    Така, обезѕвезден, влегувам во предел
    на света бессоница,
    во предел на морничав студ.

    О, поезијо, девојко со вкус на вечност.

    СТРАКЧЕ. ЧИНИЧЕ. ПТИЦА.

    Стракче зеленило се покажало утринава
    во пукнатинката на каменот.
    Му пристапи, го подисправи,
    го позеде со поглед
    и го засади меѓу зборовите.
    Помисли: колку да е
    некаква сенка ќе фрли билката.
    Во сенката потоа
    стави чиниче вода и најпосле
    насели птица во својата песна.
    Помисли: јули е пекол во Македонија
    а птиците не смеат да гинат:
    тие се нејзин ракопис…

    ОБИЧНО ПОПЛАДНЕ

    Со што посвето поетот на Македонија
    може да го затвори кругот на својот век
    освен во своите дланки да ѝ принесе
    вода на ранетата птица во дворот
    и освен пеејќи им да ги израстува
    своите внуци и низ нивната насмевка
    да го согледа корењето на новиот век
    во кој да згусти татковината ни?

    Печат од три ѕвезди во една
    втиснувам во моите соништа
    и си заминувам. Граби,
    се тресе од тропотот
    на мојот втроен коњ
    небесата.

    КРВАВО ПИСМО

    И кога би се вратиле за одново да започне сè,
    кога би ги превозмогнале и знајата и незнајата,
    и историјата и антиисторијата,
    кога би се вратиле, значи, таму кај што не
                       би постоело ништо:
    одново залудно би било сè: секогаш и секаде
    прв меѓу сè, пак би бил обликуван мечот:

    одново сеќавањата на потомствата
    ќе бидат запишани
    со неговото крваво писмо…

    ПТИЦАТА… ПТИЦАТА…

        На С.Џ.Перс

    Пее птицата утрово во гранките
                на нашата вишна
    потскокнува, игра… Знае таа
    дека на гости ќе ми дојдат внуците.
    Тврдам: во гласот на секоја птица
    се запишани местото што го одбрала за да живее
    и душата на оној што ја слуша.
    Затоа оваа птица шета низ моите соништа
    криејќи во нив нешто од песната на создавањето.

    Извор: “Блесок бр. 22, август-септември 2001“

    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 262 | Downloads: 0 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025