Човекот, то ест таа посебна единица, претставува овде, од една страна, збир на безбројно мноштво на елементи кои непрестано го менуваат својот материјален состав, задржувајќи го само формално, апстрактното единство; од друга страна тој претставува низа на психички состојби, кои следат една по друга зависно од надворешната, случајна асоцијација на состојбите кои се меѓусебно поврзани само со формален бесодржински и при тоа непостојан акт на рефлектирачката самосвест, која го наоѓа својот израз во нашето јас, при што самото тоа јас во секој следен акт на самосвеста е веќе друго (кога во мислите велам јас во одреден момент и кога истото тоа го велам во следните моменти на времето, тогаш тоа се одвоени акти или состојби, кои не претставуваат никакво реално единство). Значи, ако индивидуалниот човек како појава претставува, од физичка страна, само просторна група на елементи, а од психичка - временска низа на посебни состојби или настани, тогаш, според тоа, од таа точка на гледање не само човекот воопшто или човештвото, туку дури и поединечниот човек е само апстракција, а не реална единица; воопшто, од оваа точка на гледање, како што веќе е речено, не може да се пронајде никаква реална единица зашто, како што од една страна, секој тварен (материјален) елемент, кој влегува во составот на организмот, може, наоѓајќи се во просторот, да се дели до бесконечност, исто така, од друга страна, секое психичко доживување, врзано за одреден момент на времето, може да биде делив до бесконечност на бескрајно мали интервали на времето. Конечни единици нема ни во едниот, ни во другиот случај: сите единици кои ги прифаќаме се само условни и произволни. Но ако нема реални единици, тогаш нема ништо реално; ако нема стварно одредени делови, тогаш нема ни стварна целина. Како резултат, од ова гледиште, се добива апсолутна негација, негирање на секоја реалност - резултат кој очигледно ја покажува непотполноста на самото гледиште. Ако навистина емпирискиот реализам, кој за единствена стварност ја признава дадената појава, не може да најде доволна причина за никаква конечна реалност, ни за никаква реална единица, тогаш ние имаме право од тоа да заклучиме дека тие реални единици, без кои ништо не може да постои, имаат сопствена независна суштина зад границата на дадените појави, кои се само облик на тие стварни суштини, а не тие самите.
Значи, ние мора да ја признаеме стварноста на идеалните битија, кои не се дадени во непосредното надворешно искуство, битија кои сами по себе не се - ни елементи кои постојат материјално, во нашиот простор, ни настани или состојби кои се случуваат на психички план, во нашиот момент на времето...
Владимир Соловјов - Предавања за Богочовештвото
|