Појавата на новиот духовен човек во Христа е средишна точка на светската историја. Крајот или целта на таа историја е појавата на духовно човештво. Стариот свет тежнеел кон духовен човек, новиот свет тежнее кон духовно човештво, то ест кон тоа образот на Христа да биде во сите. Таа цел се постигнува на два начина: по пат на лично морално усовршување и по пат на подобрување на општествените односи. Кога човештвото би било прост збир на еднакви и самостојни единки, тогаш друг пат би бил непотребен: во онаа мера во која би се усовршувале поединците, би се усовршувало и општеството кое од нив се состои. Меѓутоа, помеѓу поединецот и општеството постои заедничка зависност. Човечкиот род постои само во единките, но и единките постојат стварно само во родот. Општеството настанува од поединци, но и поединците живеат само во општеството, а пропаѓаат сами. Човештвото се формира од луѓе, а не го формираат луѓето. Основните општествени односи не зависат од личната самоволја, напротив, личниот живот е условен од тие односи. Затоа, да се поправа човештвото само со поединечно, лично делување, то ест, со непосредно делување на поедини лица исто така е неможно како што е неможно да се исцели болен организам, делувајќи на секоја негова клетка или нерв посебно: болниот многу пати ќе умре пред таквото лечење да почне да дава резултати. Исто така човештвото многу пати би пропаднало пред секој човек да постигне морално совршенство. Единствениот маж на вистината, кој само по себе, лично го достигнал совршенството и кому не му била потребна општествена вистина бил Оној кој бил Бог пред да стане човек. Во Него била сета вистина, но ние до таа вистина не можеме да дојдеме индивидуално, туку само заедно, со сите останати. Без тоа општење или солидарност, нашето човечко начело не би можело ни да се одржи, ниту да ја сочува својата самостојност во природата, а уште помалку би било можно богочовештвото. Индивидуалниот, поединечниот човек, во својата изолираност, би бил прегазен од природата што значи дека само соборниот човек може да се бори со природата и слободно да се обраќа на Бога. За да се обнови човештвото, христијанството мора да ги проникне не само неговите лични, туку и општествени сили. Значи, богочовечката поврзаност треба да биде воспоставена не само индивидуално, туку и собирно. Како што божествениот елемент има свој соборен израз во Црквата, така и чисто човечкиот елемент има сличен израз во државата, па, според тоа, и богочовечката поврзаност се искажува собирно во слободното стопување на Црквата и државата, при што оваа последната се јавува како христијанска држава.
Владимир Соловјов - Духовни основи на животот
|