Според таквото претставување на еволуционата скала, романогерманците и нивната култура, навистина се претставени како повозвишени од се што досега е достигнато од страна на луѓето. Се разбира, скромно додаваат романогерманските историчари на културата - со време “човештвото“, можеби, ќе стигне уште подалеку, возможно е, жителите на Марс, веќе и сега да стојат во културен однос повисоко од нас, но на земјата денес ние, европејците сме - посовршени и повозвишени од сите. Но објективна сила на докажување оваа еволуциона скала нема. Романогерманците не се признаваат себе за “венец на созданието“, затоа што објективната наука ја установила погореспомнатата скала, а обратно, европејските научници ги ставаат на врвот на оваа скала романогерманците исклучително поради тоа, што претходно се убедени во своето совршенство. Егоцентричната психологија овде ја играла најрешавачката улога. Објективно говорејќи, цела таа скала претставува класификација на народите и културите по знакот на нивната поголема или помала сличност со современите романогерманци. Моментот на оценката, правејќи од оваа класификација скала на степени на совршенството, не е објективен и е внесен од чисто субјективната егоцентрична психологија. На тој начин, примената во европската наука класификација на народи и култури не може објективно да го докаже првенството на романогерманската цивилизација над културите на другите народи. Од тоа што “’ржената каша сама себе се фали“, не следува дека таа е најдобрата каша на светот.
Николај Трубецкој “Европа и човештвото“ (1920)
|