Не е тешко да се сфати кон какви последици се тоа неминовно доведува. Како последица на сите гореопишани причини европеизираниот народ во секој даден временски интервал успева да создаде само незначителна количина (квалитет) на такви културни вредности, кои можат да бидат примени од другите народи со европска култура. Природните пак, романогерманци во истиот временски интервал создаваат многу такви вредности, и бидејќи сите тие, влегувајќи во заедничката резерва на романогерманската култура, со самото тоа се здобиваат со неоспорен авторитет, тогаш и оној европеизиран народ, за кој станува збор, ќе мора да ги прими. На тој начин, овој народ секогаш повеќе ќе прима однадвор, отколку што ќе дава на страна, неговиот културен импорт, секогаш ќе го надминува културниот експорт - и само ова едно ќе го стави во зависна положба во однос кон природните романогерманци.
Не може да не се забележи дека предноста на импортот пред експортот и разликата на психичкото наследство на европеизираниот народ од романогерманскиот, создаваат за овој народ премногу тешки услови за усвојување и распространување на новите откритија. Природните романогерманци ги усвојуваат само оние откритија, кои на себе го носат отпечатокот на општороманогерманската национална психологија, пренесувана по пат на наследност и традиција: се што и противречи на оваа психологија, тие можат, едноставно, да го отфрлат, жигосувајќи го со епитетот “варварство“. Европеизираниот народ се наоѓа во друга положба: тој треба да се раководи не по сопствената, а по туѓата, романогерманска национална психологија, и треба, без око да му трепне, да го прими се она што го создаваат и што го сметаат за вредно исконите романогерманци, макар тоа да противречи на неговата национална психологија, лошо да влегува во неговото сознание. Тоа, се разбира, го отежнува процесот на усвојување и распространување на увезените откритија, а меѓутоа, таквите откритија, како што знаеме, кај европеизираниот народ секогаш го надминуваат бројот на сопствените, домородните. Да не зборуваме за тоа, што таквите постојани потешкотии во областа на усвојувањето на откритијата премногу штетно се одразуваат на економијата на националните сили на европеизираниот народ, кој и без тоа троши многу труд на непроизводствената работа на усогласување на двете разнородни култури и на развитокот на остатоците на сопствената култура. Сите тие сопирачки во културната работа уште далеку не ја исцрпуваат неповолната положба на европеизираниот народ. Една од најтешките последици на европеизацијата е уништувањето на националното единство, расчленувањето на националното тело на европеизираниот народ. Погоре видовме, дека при позајмување на туѓа култура секое поколение ја создава својата смеса, својот канон на синтеза на елементите на националната и иноземната култура. На тој начин, кај народот, кој ја позајмил туѓата култура, секое поколение живее со своја посебна култура, и разликата меѓу “татковците и децата“ овде секогаш ќе биде посилна, отколку кај народот со еднородна национална култура. Но и покрај ова, само многу ретко се случува, цел народ одеднаш да подлежи на европеизација, за сите делови на народот во еднаква мера да ја примат романогерманската култура. Ова може да се случи само во тој случај, ако народот, за кој станува збор, е многу малуброен и слабо диференциран. Во поголем дел европеизацијата оди одгоре надолу, т.е. на почеток ги зафаќа националните врвови, аристократијата, градското население, извесните професии, и потоа постепено се распространува и на останатите делови на народот. Процесот на ова распространување, се разбира, тече доволно бавно, и за тоа време се менува цела низа на поколенија. Зборувајќи за традицијата, ние укажувавме на тоа дека за усвојување на туѓата култура е неопходна работа на(д) неколку поколенија, бидејќи во таа синтеза, која ја извршува за себе секое поколение, елементот на позајмување на културата толку посилно ќе надвладува над елементите на старата национална култура, колку повеќе претходните поколенија се потрудиле над помирувањето на овие две разнородни култури. Затоа, потполно е јасно, дека во секој момент оние делови на европеизираниот народ, кои порано од другите подлегнале на европеизацијата, имаат културен облик повеќе близок кон романогерманскиот. На тој начин, во секој момент разните делови на европеизираниот народ, класи, сталежи, професии, ги претставуваат во себе разните стадиуми на усвојување на романогерманската култура, разните типови на комбинации, во различни пропорции, на елементите на националната и иноземната култура. Сите овие класи не се делови на едно национално цело, а посебни културни единици, како поединечни народи со своите култури и традиции, со своите навики, сфаќања и јазици. Социјалните, имотните и професионалните разлики среде европеизираниот народ се многу посилни, отколку среде природните романогерманци, затоа што на сите овие разлики им се присоединуваат етнографските разлики, разликите на културата.
Негативните последици на оваа појава се покажуваат во животот на европеизираниот народ на секој чекор. Расчленувањето на нацијата предизвикува заострување на класната борба, го отежнува преминот од една класа во општеството во друга. Таа раздвоеност на деловите на европеизираниот народ уште повеќе го отежнува распространувањето на секакви новини и откритија, и пречи на соработката на сите делови на народот во културната работа. Со други зборови, се создаваат такви услови, кои неизбежно го ослабуваат европеизираниот народ и го ставаат во крајно неповолна положба, во споредба со природните романогерманци. Значи, социјалниот живот и развивањето на културата на европеизираниот народ се опкружени со такви потешкотии, кои потполно не им се познати на природните романогерманци. Како последица на ова, овој народ е малку продуктивен: тој твори малку и бавно, со голем труд. Во усвојувањето на откритијата, во процесот на распространување тој ја покажува истата бавност. Затоа, таквиот народ, од европска точка на гледање, секогаш може да се смета за “заостанат“. А негова култура, секогаш јавувајќи се како смеса на романогерманската со домородната, секогаш се разликува од чисто романогерманската култура на дадената епоха, па вистинските европејци секогаш ќе го сметаат за таков кој стои пониско од природните романогерманци. Но и самиот тој е принуден да гледа на себе така. Примајќи ја европската култура, заедно со неа ги прима и европските мерила на оценка на културата. Тој не може да не ја забележи својата мала културна продуктивност, тоа дека неговиот културен експорт се развива многу слабо, дека распространувањето на новините кај него оди многу бавно и со потешкотии, дека значаен дел од неговото национално тело многу малку или сосем не е причесно кон таа романогерманска култура, која ја смета за “повисока“. Споредувајќи се себе со природните романогерманци, европеизираниот народ доаѓа до сознание за нивното превасходство над себе, и ова сознание заедно со постојаното жалење за својата конзервативност и заостанатост постепено приведува кон тоа, народот да престане да се уважува самиот себе. Изучувајќи ја својата историја, овој народ, исто така, ја оценува од точката на гледање на природниот европеец: во оваа историја, се што противречи на европската култура, се претставува како зло, показател на конзервативност и заостанатост; за највисок момент на оваа историја се признава оној, во кој се извршил решителниот пресврт кон Европа; во понатамошниот од на историјата се, што се зело од Европа, се смета за прогрес, а секое отклонување од европските норми - за реакција. Постепено народот се научува да презира се свое, самобитно национално. Ако на се го додадеме гореспомнатото расчленување на националното тело, ослабувањето на социјалните врски помеѓу поединечните делови на ова тело како последица на отсуството кај нив на единствена култура, заеднички културен јазик - тогаш станува јасно, дека патриотизмот кај европеизираниот народ секогаш е развиен премногу слабо. Патриотизмот и националната гордост кај таквиот народ е - удел само на поединечни единици, а националното самоутврдување, во поголем дел, се сведува на амбициите на владетелите и раководните политички кругови.
Николај Трубецкој “Европа и човештвото“ (1920)
|