Ова отсуство на вера во себе е најголем минус во борбата за постоење. Во приватниот живот постојано може да се види како луѓето не се самоуверени, малку се ценат себе и се навикнати на самопонижување, во своето поведение покажуваат нерешителност, недоволна настојчивост, и им дозволуваат на другите “да им газат на нога“, и на крајот на краиштата, потпаѓаат под потполна власт на порешителните и посамоуверените, макар често и многу помалку надарени личности. Потполно исто, и во животот на народите нациите кои се малу-патриотски, со неразвиено чувство на национална гордост, секогаш капитулираат пред народите, кои поседуваат силен патриотизам или национално самомнение. А затоа европеизираните народи, според се горе кажано, во поголем дел, во однос кон исконите романогерманци, заземаат зависна, потчинета положба.
Сите овие негативни последици зависат од самиот факт на европеизацијата: степенот на европеизација при тоа не игра улога. Ние знаеме, дека со секое поколение елементите на старата “месна (староседелска)“ култура се повеќе отстапуваат на заден план, така што со текот на времето народот, кој се стреми кон европеизација, треба, на крајот на краиштата, потполно да се европеизира, т.е. да прими култура, која се состои исклучително од елементи со романогерманско потекло. Овој процес е премногу долг, уште повеќе, што тој тече многу нерамномерно во различни делови, разни социјални групи на европеизираниот народ. Но дури и кога овој процес потполно ќе се заврши, кај европеизираниот народ сепак, секогаш ќе останат неискоренети предиспозициите на националната психа, предавани по пат на наследност, и овие предиспозиции, различни од елементите на вродената психа на романогерманците, сепак, од една страна, ќе и пречат на плодотворната творечка работа на дадениот народ, а од друга - ќе пречат на успешното и брзо усвојување на новите културни вредности, создадени од природните романогерманци. На тој начин, дури и при достигнување на максимален степен на европеизација овој народ, и без тоа заостанувајќи во својот развиток, благодарение на бавниот и тежок процес на постепено културно нивелирање на сите свои делови и искоренување на остатоците на националната култура - сепак, не ќе се покаже во еднакви услови со романогерманците и ќе продолжи да “заостанува“. Фактот, дека од моментот на почеток на својата европеизација овој народ на судбоносен начин стапува во период на задолжителна културна размена и општење со романогерманците, ја прават неговата “заостанатост“ судбоносен закон.
Но со овој “закон“ не треба да се помируваат. Народите, кои не се спротиставуваат на својата “заостанатост“, многу брзо стануваат жртва на некој соседен или оддалечен романогермански народ, кој го лишува овој заостанат член на “семејството на цивилизирани народи“ на почеток од економската, а потоа и од политичката независност, почнува бесрамно да го експлоатира, цедејќи ги од него сите сокови и претворајќи го во “етнографски“ материјал. Но оној кој ќе посака да се бори со законот на вечната заостанатост, го чека не помалку печален удел. За да се огради себе од иноземната опасност, “заостанатиот“ европеизиран народ треба да ја држи на исто ниво со романогерманците, во крајна мера, својата воена и индустриска техника. Но да создава во овие области со таква брзина како природните романогерманци, европеизираниот народ, поради горе укажаните причини, не е во состојба, и тој, главно, треба да се ограничи на позајмување и подражавање на туѓите откритија. Неговата заостанатост, се разбира, останува дури и во областа на техниката. Но во оваа област, без разлика на извесно временско доцнење, сепак нивото се зачувува повеќе или помалку исто и разликата од романогерманците се состои попрво во помалата интензивност на индустрискиот живот. Во другите области на животот потребата да се споредува со романогерманците се чувствува обично помалку силно и постојано. Само од време на време, разликата на нивоата, заостанатоста во овие области се чувствува многу остро, но имено во оваа спорадичност на таквите чувства на заостанатост и се содржи нивното главно зло. Да се отстрануваат последиците на овие спорадични чувства на заостанатост може само со исто толку спорадични историски скокови. Не имајќи можност да се чекори на рамна нога со романогерманците и постепено заостанувајќи зад нив, европеизираниот народ, од време на време, се обидува да ги стигне, правејќи поголеми или помали далечни скокови. Овие скокови го нарушуваат целиот од на историскиот развој. За кратко време народот мора да го помине тој пат кој романогерманците го поминале постепено и во тек на подолг временски период. Тој треба да прескокнува цела низа на историски степени и да го создава веднаш, ex abrupto, она што кај романогерманците се јавило како последица на низа на историски последователни изменувања. Последиците на таа скокачка “еволуција“ се навистина ужасни. Со секој скок неминовно следува период (од европска точка на гледање) на привиден застој, за време на кој треба да се доведе во поредок културата, да се усогласат резултатите, достигнати по пат на овој скок во определената сфера на животот, со останатите елементи на културата. А за време на овој “застој“, народот, јасно, пак и уште повеќе заостанува. Историјата на европеизираните народи и се состои од оваа постојана смена на кратки периоди на брз “прогрес“ и помалку или повеќе долги соодветни “застоји“. Историските скокови нарушувајќи го единството и непрекинатата постепеност на историскиот развој, ја уриваат и традицијата, и без тоа веќе слабо развиена кај европеизираниот народ. А меѓутоа, непрекинатата традиција е еден од задолжителните услови на нормалната еволуција. Потполно е јасно, дека скоковите, давајќи временска илузија на достигнување на “општоевропското ниво на цивилизација“, поради сите горе укажани причини, не можат да го водат народот напред во вистинска смисла на овој збор. Скокачката еволуција уште повеќе ги троши националните сили, веќе и без тоа претоварени од работата поради самиот факт на европеизација. Како што човекот, кој се обидува да оди на рамна нога со побрзиот сопатник и поради оваа цел прибегнува кон периодични скокови, на крајот на краиштата, неизбежно ќе ја загуби силата и ќе падне во изнемоштеност, така точно и европеизираниот народ, стапувајќи на таков пат на еволуција, неизбежно ќе пропадне, бесцелно истрошувајќи ги своите национални сили. И се тоа - без вера во себе, дури и без потврдувачкото чувство на национално единство, одамна урнато од самиот факт на европеизација.
Значи, последиците од европеизацијата се толку тешки и ужасни, што излегува дека европеизацијата не треба да се смета за добро, а за зло.
Николај Трубецкој “Европа и човештвото“ (1920)
|