Како да се бориме со овој кошмар на неизбежноста од сеопшта европеизација? На прв поглед, се чини, дека борбата е возможна само со помош на сенародно востание против романогерманците. Ако човештвото - не тоа човештво за кое љубат да говорат романогерманците, а вистинското човештво, кое во поголемиот дел се состои од словени, кинези, индијци, арапи, црнци и други племиња, кои сите, без разлика на бојата на кожата, стенкаат под тешкиот притисок на романогерманците и ги трошат своите национални сили на производство на суровини, потребни за европските фабрики - ако цело тоа човештво се обедини во заедничка борба со угнетувачите-романогерманците, тогаш, може да се помисли дека, порано или подоцна, би успеало да се симне омразеното иго и да се избришат од лицето на земјата овие грабачи (стрвници) и цела нивна култура. Но како да се организира такво востание, не е ли тоа неостварлива мечта? Колку повнимателно ќе се загледуваме во овој план, толку појасно за нас ќе станува - дека тој не може да се исполни, и дека, ако тоа е единствениот начин на борба со сеопштата европеизација, таа борба едноставно е невозможна.
Работата, сепак, не е толку безнадежна. Кажавме погоре, дека еден од главните услови кои сеопштата европеизација ја прават неизбежна е егоцентризмот, кој ја проникнува цела култура на романогерманците. Да се надеваме на тоа, дека романогерманците сами ќе го исправат овој судбоносен недостаток на својата култура, се разбира, е невозможно. Но европеизираните не-романогермански народи при восприемањето на европската култура потполно можат да ја очистат од егоцентризам. Ако тоа им успее, тогаш позајмувањето на поединечни елементи од романогерманската култура повеќе не ќе ги има оние негативни последици, за кои говоревме погоре, и само ќе ја збогати националната култура на назначените народи. Всушност, ако народите, за кои станува збор, судирајќи се со европската култура, се слободни од предрасуди, кои ги принудуваат во сите елементи на оваа култура да гледаат нешто апсолутно повисоко и посовршено, тогаш нема зошто овие задолжително да позајмуваат од цела оваа култура, нема зошто да се стремат да ја искоренат својата месна (староседелска) култура по желба на европејците (поради европската); најпосле, нема зошто да гледаат на себе како на заостанати, како на претставници на човечкиот род кои се запреле во својот развиток. Гледајќи на романогерманската култура само како на една од возможните култури, тие ќе ги преземат од неа само оние елементи кои им се сфатливи и удобни, и понатаму слободно ќе ги менуваат овие елементи во согласност со своите национални вкусови и потреби, потполно не водејќи сметка за тоа, како овие измени ќе ги оценат романогерманците од својата егоцентрична точка на гледање
Николај Трубецкој “Европа и човештвото“ (1920) Софија
|