Тој премин кој ни се открива во треперењето и сменувањето на боите на сончевиот спектар на вечерното или утринското небо, се изразува и во животните појави. Да почнеме од најелементарните меѓу нив - од појавата на растенијата. Преминот од небитие кон битие ни се открива во највиталната функција на растенијата, по кое и го добиле името - во нивниот раст. Загледувајќи се внимателно во процесот на растот, ќе забележиме дека во него, во значително посложен облик, се репродуцира она основно сончево откровение за кое порано беше збор.
Во согласност со она што е кажано, целиот наш земен, планетарен живот е потчинет, во поголема или помала мера, на сончевиот круг и дотолку го чини сончевото окружение. Тоа најочигледно се покажува во животот на билките со нивното периодично есенско венеење, зимско умирање, пролетно оживување и летно процветување. Во тој живот се се движи со помош на сончевата енергија, се се сведува на нејзино апсорбирање и асимилација. Пред нас овде повторно се покажува тоа исто треперење на светлината како и во потоците од дожд кои лијат од небото. Продирајќи во темната длабочина на земјата, сончевиот зрак ги изведува оттаму оние живи изданоци кои низ цветањето на тревата и дрвата на површината на земјата ја репродуцираат ѕуницата.
Во тоа репродуцирање на ѕуницата во животот имаме уште подлабоко откровение на самата суштина на денот Божји, која е откриена во небесната ѕуница. Во предвечната Божја замисла, светлината која светли во темнината е животворна светлина. Нејзината победа над темнината мора да се изрази не низ површното треперење на светлосните бранови, туку во одухотворувањето на материјата и внатрешното, органско соединување со неа. Во растенијата не го гледаме повеќе механичкото делување на светлината, туку трагањето по светлина кое станува цел, затоа што цела телеологија на растителниот свет, цела целисходност на градбата на стеблата и листовите на растенијата и цело нивно стремење од мрачната подземна длабочина нагоре, се приспособени на забележување на сончевиот зрак. И самиот раст на растението е потчинет на таа цел - фаќање на сончевиот зрак, така што растението се издолжува или скратува зависно од условите во кои може да го достигне. Како најсилен израз на таа телеологија се појавува наивното и истрајно обрнување на цветот кон сонцето.
Во градбата на растенијата силно се прикажани и сите оние премини од темнина кон светлина во кои се одразуваат поединечните моменти на творечкиот ден Божји. Нивниот ноќен лик се изразува во искривениот, вијугав и грд корен кој се впива во мрачната подземна длабочина. Зелените лисја, кои излегуваат од земјата во средба на сончевите зраци го изобразуваат радосното утро во животот на растенијата. И најпосле, неговата кулминациона точка и врв - цветот, изразува специфично светлосен, сончев лик на даденото растение и со самото тоа го воплотува блескавото попладне во животот на растителниот свет. Прецветаниот плод, кој ги загубил своите занесни бои, веќе претставува самрак на животот. Гледајќи ги растенијата во полето, во почетокот не гледаме дека се вкоренети во тлото на ноќниот лик: пред нас е - само денот Божји со оние утрински и вечерни премини кон него и од него за кои зборува Библијата. Меѓутоа, восредоточениот поглед набрзо во растенијата ќе ја открие непобедената сила на ноќта. Победата на Божјиот ден и овде се покажува како несовршен одраз и одблесок на светлата, уште далку одондестрана височина.
Растителниот свет, објавувајќи го своето цветање, земниот празник на светлината, истовремено упадливо ја разобличува непотполноста и немоќта на тоа одразено блескање. Секој живот кој тоа го осветлува и загрева, неминовно го потиснува во темнина, го засенува и убива друг живот, за на крајот на краиштата и сам да зајде во таа кобна сенка. Неопходен е друг, совршен творечки чин за сонот на растенијата по светлината да постане стварност.
Во животот на природата тоа сонување претставува увод за будење на животинскиот свет. Во тоа будење наоѓаме повисок полет на животот во споредба со никнувањето и цветањето на растенијата, а според тоа и повисоко пројавување на творечкиот ден. Во сончевите зраци растението открива прекрасен поглед за другиот. Животното не е веќе некој кој пасивно го одразува и открива денот: тоа го чувствува и сетилно го забележува. Тоа не е само поглед, туку и набљудувач. Окован за сонот, растителниот свет е приврзан за едно место. Животинското царство се ослободува од тие окови. Во слободното движење на четвороножците и во летот на птиците тоа ја слави победата над земјината тежа. Не ограничувајќи се на пасивното репродуцирање на сончевите зраци во покривачот на боите на ѕуницата, во крилјата на пеперугата и птиците, животното на нив одговара со одѕивот на животна радост. Изгледа дека во тој одѕив наоѓаме внатрешно, психичко продирање на сончевиот зрак. Меѓутоа, тоа не е се: во животното блеска некоја нова светлосна капка, која не постои во за нас видливиот сончев спектар. За разлика од немото царство на растенијата, животинското царство е царство на звуковите. Звучната скала која на светлината на денот за прв пат се појавува во тоа царство, не е едноставен одраз на светлосната гама, туку нејзино органско, неопходно дополнување. Пуштајќи глас како одговор на сонцето што излегува, животното не е само пасивен проводник на светлината, туку и како самостоен весник и учесник во Божјото утро.
Во радоста на таа утринска симфонија која секојдневно ја слушаме за време на пролетта и летото, постои ново и големо откровение на сеединството. Музичарите одамна ја забележале сличноста помеѓу музичката и светлосната скала. Слушајќи ја имитацијата на птичјите гласови во Бетовеновата Пасторална Симфонија или во Вагнеровиот Зигфрид, јасно го гледаме треперењето на сончевите зраци во густото зеленило на шумата. Меѓутоа, сличноста не значи истоветност. Одговарајќи на трепрењето на сончевата светлина, пеејќи поради нејзиното појавување, птичјите гласови со самото тоа го истакнуваат своето единство со сонцето и својата различност во однос на него. Тој глас, за кој се чини дека на сонцето му пее, не е негово откривање, туку чин кој го подражава и кој претставува славословење на другото. Тој не го повторува откровението на творечката светлина, туку изгледа, го подражава и дополнува, претворајќи ја светлосната ѕуница во симфонија.
Божјиот ден е ѕуница, и такво е откровението на тој ден во неорганската материја. Божјиот ден е жива ѕуница на бои, и такво исто е тоа откровение преведено на немиот јазик на растенијата. Божјиот ден е сеопшта согласност, симфонија на животот која подражава светлина, и такво е откровението на таа иста радост во животинскиот свет. Значајно е дека во онаа визија на божествената слава, која се укажала пред пророкот Езекил, тој гледа исто такво откровение - блескање на ѕуница околу престолот Божји и ликови на созданија кои Го славословат: теле, орел, лав и човек - и ги слуша нивните гласови. Во христијанското предание и самата помисла на Евангелието се поврзува со тие праобрази на животинскиот свет прифатен на небесата. Иконописот секогаш ги поврзува со изобразувањето на Евангелистите. Тоа не треба да чуди: симфонијата, која го обединува целиот свет, и небесниот и земниот, се слуша веќе на самиот почеток на Евангелието - во повеста на Евангелистот Лука за Раѓањето Христово. Благата вест, проповедана на целото создание, всушност и е ветување на таа симфонија.
Оние кои имаат уши да слушнат, ги распознаваат нивните разновидни звучни одрази не само во човечкиот, туку и во животинскиот свет. На ист начин како и во немиот свет на растенијата, и овде тоа откровение е засенето со погледи на уште непобедена темнина: сите етапи на борбата на денот и ноќта наоѓаат свој жив одек и репродуцирање во животинскиот свет кој звучи.
Кнез Евгениј Трубецки - “Смислата на животот“
|