Празнина КОЈА сјае: Македонија Friday, 2025-01-31, 1:56 PM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    Кнез Евгениј Трубецки - “Смислата на животот“ (извадоци)
    2015-04-17, 4:29 PM

    Постои некој особен, неразговетен ноќен шепот на птиците и инсектите. Постојат растегнати, неодредени, громки гласови за кои ни се чини дека не потопуваат во тајната на ѕвездената ноќ. Постојат и такви, за кои ни се чини дека одѕвонуваат во темнина, со одбојно пројавување на ноќниот лик на созданието: такви се, на пример, ѕвонкото сиктење на бувот, кикотењето на булинот, затегнатото волчјо завивање и соблазнивите крици на заљубениот мачор на покривот. Постои и поемата на соблазниво и лажливо сонување на месечина на славејот. Понатаму, постојат гласови кои се специфично утрински - гакањето на патките пред излегувањето на сонцето и огласувањето на петелот кој громко, заповеднички ја обзнанува зората. Постојат и вечерни гласови: на пример, радосната симфонија на штурците во чест на сонцето што заоѓа. Постои, најпосле, и особена химна на сонцето која ја пеат утките, изразувајќи потполна победа на пладневното сонце и заслепувачко блескање на небесниот свод. Со еден збор, во сегашниот свет постојат безбројни наговестувања на светлосната и, во исто време, звучна симфонија на идниот свет. Тие наговестувања се дотолку поубедливи, доколку симфонијата е исполнета со еротичен занес: тој и звуковите и боите ги исполнува со рајски ветувања... Меѓутоа, тие ветувања на земниот ерос се обременети со длабоки разочарувања. Нашата животна стварност е бескрајно далеку од нивното остварување: во неа симфонијата е само слаб одраз на одандестраното, одблесок на идното, оддалечено како ѕвездите кои се искрат во далечината.

    Во животинскиот свет не постои она суштинско што ја претскажува симфонијата. Со-звучјето и со-гласноста во него се покажуваат како (нешто) површно и привидно. Токму како и разнобојната ѕуница во растителниот свет, тоа со-звучје прикрива распад и хаос, сеопшто непријателство и судир. Притоа, тој светски распад во животинското царство е далеку подлабок и позначаен отколку во растителното. Сеопштата борба во животинскиот свет кој чувствува, се покажува во ненаситноста и омразата на победникот од една, и во страдањата на победените, од друга страна. Во согласност со тоа, и животинската телеологија на борбата за опстанок добива неспоредливо посаката и одвратна форма, отколку телеологијата на растителното царство, зашто со неа овде неспоредливо поизразено се порекнува откривањето на творечкиот ден. Канџите и забите на грабливците, приспособени за кинење на живо тело, претставуваат воплотено порекнување на со-звучјето и со-чувственоста. Со вознесување на созданието од степен во степен, неговиот ноќен лик се продлабочува и се засилува во иста мера како и дневниот. Тој лик се изразува и во највисоката манифестација на животинското царство - во половиот ерос, кој од своја страна, постанува мотив на сеопшт натпревар, на взаемна омраза и убивање.

    Човечката свест - тоа е оној блескав блесок на сончева светлина која означува јасно откровение на денот Божји на земјата, одделувајќи го од непотполните утрински и вечерни светлосни капки. Во што се состои таа особеност, таа царска привилегија, која поставува остра граница меѓу човекот и неговите “мали браќа“ - пониските созданија? Животното е во власт на своите сетила, чувства и нагони и единствено човекот поседува способност, над непосредното психичко доживување, да се воздигне во областа на апсолутната надпсихичка с-мисла. Тој е единствено суштество способно да си ги објасни себе своите доживувања, да го постави и, на овој или на оној начин, да го разреши прашањето за нивното безусловно значење. Над непосредното психичко доживување и нагон тој ја бара безусловната вистина на суштото и доличното. Тоа трагање ја изразува сета активност на свеста. Придвижувачкото начело на секоја свест му ја чини на човекот својствена со-веста за безусловното: токму со силата на таа совест, нему му е неопходно да го знае судот на вистината за се што доживува и за доличноста на неговите сопствени дејствувања. С-вест и со-вест во вообичаените значења на тие зборови на руски јазик изразуваат теориски и практичен аспект на едно исто - безусловен суд на мисли.

    По таа своја способност, човекот е единствено суштество на земјата кое може да го прими откровението на безусловната мисла. Тоа не е само способност на човечкиот ум - во совеста се обединуваат и умот и срцето. Во неа се изразува духовниот напредок на цела човечка природа. Токму благодарение на тој напредок кон Безусловното, а над чувствата, осетите и афектите, човекот може да се соедини со Бога, но не со врските на инстиктивниот нагон, туку со врските на свесна духовна солидарност, врски кои го преобразуваат и душевниот живот.

    По прв пат на земјата, низ човекот и неговата свест, се појавува онаа слобода на самоопределување, таа можност за избор во која се разоткрива смислата на целата творба, на целата еволуција на светот во времето. Само благодарение на таа слобода човекот може да се воздигне над непосредната стварност, над лажливите одрази на Божјата светлина во другото, и да ја сознае Божјата замисла непосредно - во неа самата. Затоа на земјата се појавува човекот како единствен можен посредник, како медиум на апсолутното откровение. Само суштеството способно да избере меѓу денот и ноќта може во себе да ја покаже полнотијата на Божјиот ден - зашто највисокиот израз на тој ден не е ни пасивното зрачење на созданието, ни неговиот случаен нагон или привлекување, туку слободното пријателство. За денот Божји да заблеска на земјата засекогаш во целата своја полнотија, тој не може да се соедини со онаа несвесна радост со која птицата на гранката го сретнува излегувањето на утринското сонце, туку со она конечно, свесно согласување на соединување со светлината, која одѕвонува во одговорот на Богомајката на ангелот на благовеста: “Еве ја слугинката Господова, нека ми биде по зборовите твои“ (Лука 1, 37).

    Денот Божји е откривање на највисоката енергија како творечка светлина, но и како тварна средина во која тој се открива. Светлината не само што самата создава, таа ги повикува од темнина позитивните можности скриени во неа. Веќе видовме, како таа енергија на светлосната тварна средина се зголемува од степен во степен, воздигнувајќи се од неорганската средина кон човекот. И еве, најпосле во човекот таа животна енергија достигнува највисока точка. Тој е носител на вселенската мисла, сеединствена по форма, затшо секој акт на неговата свест е однос на оној кој сознава кон сеединствената вистина која опфаќа се. Таа свест претставува сеединство во можност. Бидејќи сознава и во себе ја содржи вистината, таа постанува сеединство во актуалност. Така, во човекот е ликот и подобието на сеединствената свест која во себе содржи се и е вистина за се. Таа е земско обличје на Седржителот.

    Ако во свеста на човекот, универзална по форма, се разоткрива ликот на Седржителот, тогаш неговата слободна, самоопределена волја е лик на Творецот кој се остварува на земјата. Во човекот и низ човекот, творечката енергија на земјата се пројавува во својот краен, највисок израз. Во него целото создание доаѓа до творечко самоопределување. Од него светот го очекува оној конечен, ослободувачки збор кој ќе ја открие тајната на целото создание, ќе ја изрази смислата на вселенската симфонија на светлина и звук.

    Кога тоа откровение на божествената идеја се појавило во чистата човечка свест и постанало начело на сеопштото пријателство на земјата, денот Божји како да го достигнал својот зенит. Судејќи по се, овде го наоѓаме она апсолутно откровение на творечката замисла со кое се завршува нејзиното разоткривање. Во созерцанието на достигнатото совршенство, религиозното трагање го наоѓа своето смирение. Според тоа и во Библијата цела историја за создавањето се завршува со седмиот ден на починок, кој следи непосредно по создавањето на човекот. Меѓутоа, пред нас тука се открива нова длабочина на религиозната интуиција. Религиозното трагање не може да го најде своето конечно смирение во мислите за човекот. Него не го задоволува идилата на земниот рај: таа му се чини како несовршена, наивна, детинеста. Таа инстиктивна незадоволеност на религиозното чувство, која се поврзува со мислата за земниот рај, има длабоки метафизички и религиозни причини. Човечката чиста свест која го сознава созданието и му дава име, се уште не е конечно, потполно откривање на денот Божји: во неа се кријат спротивни, уште непобедени мрачни можности и мрачни ноќни сили, затоа што токму свеста на слободното, самоопределено суштество, внесува во светот нова можност на побуна и спротиставување.

    Конечното откровение на сеединствената смисла не е во тоа богоподобие, кое уште не ја надвладеало двојноста, туку во Богочовештвото. Во него е остварувањето на последниот, вечен ден на саботниот починок. Сите останати денови, кои ни се откриваат во надворешното и внатрешното искуство, во споредба со тој ден - не се ништо повеќе од утрински и вечерни одблесоци или ослабени наговестувања, откривање на непотпполната светлина на времето.

    Кнез Евгениј Трубецки - “Смислата на животот“

    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 236 | Downloads: 0 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025