РЕПОСТ: ВОЈНИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК СЕ ВОЈНИ (И) ПРОТИВ ЕВРОПА
![](https://scontent-frt3-1.xx.fbcdn.net/v/t1.0-9/13699980_1738632429711295_862076353810495502_n.jpg?oh=9025f67298a3ea017af021e4a8efade1&oe=5823012E)
Ова е еден од првите текстови во “Зад Политиката“, објавен во декември 2015 по повод терористичкиот напад во Париз. По синоќешниот ужас во Ница, нема што ново да се додаде, освен тажниот билансот на жртвите. Да се потсетиме што и КОЈ всушност стои зад теророт во светот.
....................................................................................................
Зад денешната смртоносна ситуација на Блискиот Исток во суштина стои несудената „голема визија на еден голем геостратег“ со име Збигњев Бжежински. Имено, таа негова визија започна да се остварува во времето кога беше советник за национална безбедност на претседателот Џими Картер, кога „Збиги“ ја одигра клучната улога во изготвувањето стратегијата и плановите за соборување на некогашниот ирански шах Реза Пахлави. Тој тоа го направи во тесна соработка со британската длабока разузнавачка и историска инволвираност во галиматијасот во Арапскиот свет, и тој настан со себе повлече страотни и непоправливи последици кои не само што траат до ден-денешен и не се смируваат, туку и се разгоруваат со непредвидлив развој кој ја засега целата планета.
Од тогаш, Блискиот Исток и Персискиот Залив станаа поприште на најголемата континуирана нестабилност во модерното време, одмрзнат траен конфликт кој, проектиран да биде токму таков главно од лукративни петролеумски западни интереси во комбинација со геополитички цели, произведе неколку официјални војни, глобален тероризам, ужасни настани од типот на њујоршкото уривање на кулите близначки, неодамнешниот париски масакр, уништување на некогаш просперитетни арапски држави како Либија и Сирија, исто и Ирак, ужасот во Палестина, контролирани монструозни исламски радикали од типот на Ал каеда и ИСИС, неизмерно страдање на арапското население и антиисламски импулс ширум свет. Да спомнеме само дека сегашниот бран бегалци и мигранти не е ништо во споредба со она што може да уследи и што би можело да доведе до вистинска пропаст на Европа.
„ГОЛЕМАТА ШАХОВСКА ТАБЛА“
Списокот е далеку од конечен, бидејќи најновиот развој на настаните во Сирија и околу неа, заедно со се поголемиот револт на европските муслимани, имплицираат уште крвопролевања и страдања од кои, на крајот, најмногу може да настрада пак токму Европа, бидејќи големите воени судири никогаш не се еднозначни, туку зафаќаат поширок обем на интереси на оние што ги започнуваат војните.
Бжежински, славен како најголем специјалист за Блискиот и Средниот Исток (голема е неговата улога и во Авганистанската трагедија), всушност може да се посочи и како „визионерот“ зад т.н. Арапска пролет, која од пред неколку години ничкоса се што беше релативно успешно во тој регион, а се инсталираа и засилија радикални исламистички формации кои денес се најголем проблем за воспоставување мир. Неговата главна линија се движи во насока на соработка и поттикнување на најрадикалните облици на исламот, за потоа САД да имаа „касус бели“ за интервенција.
Оваа политика продолжи и со актуелниот американски претседател. Имено, токму Бжежински беше еден од најголемите поддржувачи и лобисти на Барак Обама во неговата кандидатура за претседател на САД, а токму политиката на Обама кон Блискиот Исток зад кој видливо се чита потписот на неговиот неформален тутор ја предизвика Арапската црна пролет под паролата за воведување демократија, а всушност за дополнителна контрола на нови нафтени извори, за уривање на непослушните режими и, во една крајна одредница, преку Сирија, за нанесување конечен удар врз најзначајната регионална сила, Иран.
Со тоа целосно би се отворил непречен пат кон остварување на главната геополитичка цел -- да се порази „мекиот стомак на Русја“ (израз и план на Черчил) преку Задкавказјето. Крајната одредница на таа стратегија, опишана во најпозната книга на Бжежински „Големата шаховска табла“ е Русија, единствената и најголема пречка за американска целосна хегемонија на планетата, е да се подели на три дела, т.е. да се распарчи.
(Дигресија: во книгата на Бжежински на Македонија и се предвидува, или поточно проектира стагнација за наредните 50-тина години).
Страничен ефект на ваквиот галиматијас, секако неслучаен, би бил предизвикување муслимански востанија во самата Европа за да и се даде на знаење дека таа и натаму „има да остане“ под американски чадор и, секако, под британски провокации кои со векови одат во насока Европа никогаш вистински да не се обедини и да стане независен и силен геополитички играч со моќна економија и воена сила.
Засега, овие планови се жестоко изреметени со силната руска интервенција во Сирија против ИСИС, чин кој светот дефинитивно го стави во позиција да се надева на мултиполарен поредок, наместо досегашната униполарна доминација на САД, но тоа е друга тема и за неа друг пат. Овде пред се сакаме да нагласиме што што и зошто може да и се случи на Европа со најновите настани на Блискиот Исток.
ЗОШТО ЕВРОПА Е НА УДАР?
Големиот француски „мистик“ и писател Жан Парвулеску своевремено напиша дека „кога атлантистите почнуваат војна на Блискиот Исток, таа е директно насочена против стабилизирањето и обединувањето на Голема Европа!“ Како тоа? Па, така тоа. Во книгата „Војна против Европа: Босна-Косово-Чеченија“ Александар дел Вале пишува: „Во однос на државите од Источна Европа САД водат двојна политика. Нејзината цел е, прво, НАТО да се доближи до границите со Русија, интегрирајќи ги во „западниот свет“ антируските сили на поранешниот советски блок кои припаѓаат на католичко-протестантската (Унгарија, Полска, поранешна Чехословачка) и исламската (Турција, муслиманските држави од Средна Азија, Босна, Албанија, Косово) култура; второ, да се ослаби Русија, да се стесни во Азија и да се отсече од Западна Европа. На тој начин, европскиот континет ќе се расцепи на две, изродувајќи ‘нова студена војна’ меѓу византискииот Исток и американизираниот Запад, ќе се организира нов „геоцивилизациски судир“ меѓу двете, една кон друга непријателски Европи “.
Еден од порелевантните австриски геополитичари, генерал Јордис фон Лохаузен исто така смета дека судирот во Персискиот залив е всушност војна против Европа. Тој образложува дека во Вашингтон на време сфатиле дека по падот на Берлинскиот ѕид САД мошне брзо ќе се најдат во улогата на Советскиот Сојуз и дека дефинитивната независност на Европа е само прашање на време, исто како и создавањето на нови центри на моќ со што Америка од економско-политички центар полека би се претворила во второстепена периферија, каква што беше до 20 век.
Лохаузен пишува: „Уште во 1975 година, во магазинот ‘Коментари’, а потоа и во ‘Хасперс’ објавен е планот со наслов ‘Да се завладее со нафтата‘. Негов автор беше Кисинџер. Вистински поразени се американските сојузници. Единствено површното проучување на вооружените конфликти може да создаде мислење дека противник е единствено оној против кого се води војната. Често, земјите кои победоносно учествувале во некој конфликт можат да констатираат дека основите на нивната независност или развој се разрушени. Способноста за претворање на сопствените сојузници во вазали по пат на војна е стара колку и светот...“
Генерал Лохаузен заклучува дека оној кој ја поседува нафтата на Блискиот Исток и долж географската оска Месопотамија-Персија, каде што морската површина од сите страни најдлабоко продира во најголемото копно на планетата – тој ги контролира Европа и Јапонија, односно Источна Азија.
ЗОШТО Е ВАЖНА ФРАНЦИЈА?
Ги наведовме овие цитати од сериозни луѓе за евентуално малку појасна да стане заднината на ноемврискиот масакр во Париз, а секако и на пресвртната точка на 11 септември 2001, по нападот во Њујорк. Тоа беше алиби за почеток на т.н. Војна против теророт, која не само што не го уништи тероризмот, туку напротив -- уништи серија држави почнувајќи со Афганистан и Ирак. Потоа, уште повеќе го стимулира исламскиот радикализам и тероризам, кој номинално стои зад париското и њујоршкото крвопролевања, но кој стратегиски им одговара токму на „стратезите“ од типот на Бжежински и Кисинџер, односно воено-индустрискиот комплекс во САД и елитата која владее со таа земја по пат на контролиран хаос на планетава. Секако сте чуле за изразот „корисни идиоти“ во контекст на разноразни борбени и терористички групации кои им служат токму на интересите на оние против кои „идиотите“ мислат дека се борат.
Франција, заедно со Германија е политички столб на ЕУ. Доколку таа земја заземе курс различен од оној на Вашингтон, ќе уследи ланчана европска реакција во таа насока. Франција има двозначна геополитичка ориентација, час е атлантистичка и пронатовска, час е европоцентрична и континентална, наклонувајќи кон соработка со Русија, па и кон стратегиски сојуз и обединување на евроазискиот континент. Такви проекции се исто така се популарни и во Германија, не само денес, туку и историски.
Во Франција има изразито антиамериканско расположение и прашање на време е кога француската политика еднаш засекогаш ќе раскрсти со патронажата на Вашингот. Во јануари о.г. претседателот Оланд изјави дека Европа треба да прекине со санкциите против Русија по повод Украина. Два дена потоа, се случи убиствениот напад во редакцијата на Шарли Абдо. По почетокот интервенцијата на Русија против ИСИС во септември, забележителни беа сериозните симпатии во француската јавност, па и политика за можна заедничка акција со Русија. Веднаш уследи ужасниот масакр во Париз на 13 ноември.
(Надоврзување по повод синоќешниот ужас во Ница: Пред неколку дена францускиот претседател Оланд изјави дека Франција не ја гледа Русија како непријател, туку како партнер. Уследи актот на смртоносниот „камионџија“).
(Илустрација: Жан-Баптист Мари Пјер, „Грабнувањето на Европа“, 1750 -- Според грчката митологија, убавата Европа била грабната од Зевс претворен во бел бик и однесена на Крит)
Извор: “ЗАД ПОЛИТИКАТА“
|