Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2025-01-30, 8:50 AM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    АРТУР РЕМБО ПИЈАНИОТ КОРАБ
    2016-10-21, 6:22 AM

    АРТУР РЕМБО

    ПИЈАНИОТ КОРАБ

    Штом мирните Реки ги напуштив еднаш
    и сетив - ги нема бурлаците, кои
    на црвено-кожите цел станаа веднаш
    (ги навреа голи на колје во бои)

    обезгрижен, тргнав натоварен така
    со фламанско жито и англиски памук;
    штом притивна гласот на жртвите таму
    - ме пуштија Реките каде што сакав.

    Под плимите бесни и нивниот плесок, 
    - попригушен уште од мозок на дете -
    минатата зима јас пловев под ветар.
    Но копната таков не поднесле трескот!

    Ме посвети бура, будејќи ме мене:
    ко плута си играв деноноќја десет
    врз бранот што вечно плен наоѓа лесен
    без жал за глупавото око од фенер.

    Ко дете што слатко киселачка глода -
    низ елов труп проби зелената вода;
    се исчисти: траги од блуеж и вино;
    се битиса ленгерот, крмата, клинот.

    Од тогаш во Песната Морска се капам, 
    од ѕвездите облеан, како со млеко, 
    голтајќи го заурот зелен; а некој
    удавеник, задуман, плови ко тапа.

    Се топат бладањата, морската шир
    и спориот ритам од жарот во зори.
    Од лирите поширно, силно ко шпирт
    лисестата болка на љубовта гори.

    Јас втрештено небо сум видел на патов, 
    и вечер, и струи, и бран бран што гони, 
    и занесна зора со гулаби - јато, 
    а напати видов - ко човек да сони!

    Дамкосано сонце од мистика тешка
    што фрла темјанужни здрвени шари
    (и артисти ми личат од драмите стари!)
    врз бранот што таму во трепет се мрешка.

    Јас сонив ноќ зелена: блескав снег вее;
    па бакнеж до морските очи што гега
    и поток од бизарни сокови бега, 
    жолтосини зори од фосфор, што пее...

    Со месеци следев атаки врз стени:
    ко здивени стада бран врз бран се треска, 
    но не сонев дека лач-нозе од Жени
    скротувале муцка од мориња бесни!

    И приказни, знајте, Флориди јас сретнав:
    сред цвеќето - очи на пантерка млада, 
    со човечка кожа! Божилакот летнал
    (затегната узда) до сините стада.

    Превираа, видов, мочуришта; мрежи
    и трски во кои кит гниеше цел,
    и вода што паѓа, сред тишина тежи, 
    далечини, бездни од водопад бел.

    Мраз. Сребрени сонца. И свод што се џари.
    Бран седефест. Залив сред струите грди.
    На голото дрво џин-змииште смрди, 
    од мравки изедено паѓа сред бари.

    Би сакал на деца да покажам чуда;
    позлатени риби и риби што пеат, 
    расцутени пени во лулката луда, 
    и крилја - од ветерот дар што ми беа.

    Се изморив, страдник, од полови, зони, 
    а плачот на морето в лулка ме крена, 
    ме покри со цвеќе што листец жолт рони.
    Но, често на колена паѓав ко жена.

    Полуостров - лулам јас во себе џева
    и измет од птици синооки. Сонам
    и пловам. Крај кревките бокови, в трева, 
    давеници, ничкум, во вечен сон тонат.

    Во заливиски коси јас изгубен бродам, 
    во бесптицен етер од ураган меткан.
    Не ќе бидам спасен од шлепер што шетка
    со бродари ханзски. Бев пијан од вода.

    Низ синкави магли, чадејќи, ко брана
    аловото небо го сврдлев јас волен;
    поетот го дразнев со вкусната мана:
    со лишај од сонце, со азурот солен.

    И, дамчест од ровјини искри, се шлаев
    јас, безумна птица, од панукла следен
    во нееден јули со прачка што знае
    да затресе небо со врел удар еден.

    Се тресев, а плачот на Бегемот, спарен
    со бујниот Мелстром, со милји го сетив.
    Јас, вечниот ткајач на мирен свод вжарен, 
    за Европа жалам со ред-парапети.

    Јас архипелази од ѕвезди и огон, 
    и небо што веслачи кани, сум видел.
    Во ноќта без дно ли ти спиеш, во прогон, 
    со златното јато, о Сило-час еден?

    Но, премногу плачев. А Зорите беа
    - со Месецот, Сонцето - знаци на злото;
    Што опојност љубовта тврда ми влеа?
    Распукај се, броду! Да тонам на дното!

    Од европски води би посакал - бара, 
    и ладна и црна; а в приквечер рајска
    детуленце тажно со раче да џбара, 
    корабуле пушта - пеперутка мајска!

    Но, не можам, плискан од копнеж твој пламен
    дереглии, Море, да следам без почин, 
    да пројдам под гордост од оган и знаме, 
    да пловам крај злите - од галии - очи.

    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 172 | Downloads: 0 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025