Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2025-01-30, 8:58 AM
Welcome Guest | RSS
Main | File Catalog | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My files [620]
Фајлови [11]
Фајлови уште еднаш [8]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Files » My files

    “Праизбликот на уметничкото дело“ - Мартин Хајдегер (извадок)
    2017-02-14, 5:02 AM

    “Праизбликот на уметничкото дело“ - Мартин Хајдегер

    Како да дознаеме што е навистина производот? Онаа постапка која сега е неопходна очигледно мора да се држи понастрана од сите обиди кои што самите со себе веднаш повторно ќе не доведат до насилничките напади на досегашните вообичаени толкувања. Ние во однос на нив сме најдобро обезбедени доколку едноставно некој производ го опишеме без помош на филозофска теорија.
    Како пример ќе избереме некој обичен производ: едно рало селски обувки. За нивниот опис не ни е потребен дури ни урнекот на стварните парчиња од овој вид на употребни производи. Нив ги знае секој човек. Меѓутоа, затоа што, сепак, она што се бара е најблискиот опис, можеби ќе биде добро да и олесниме на способноста да си ги замислиме обувките. За ваквата помош е доволен сликовитиот приказ. За таа цел ние ќе ја избереме познатата слика на Ван Гог, кој повеќепати сликаше такви обувки. Но што е тоа толку многу суштинско кај нив што може да се види на таа слика? Секој човек знае што го сочинува обувалото. Доколку тоа не се токму дрвени налани или обувки сплетени од лико, тогаш кај нив ќе видиме кожена подлошка и стопалооблекло од чиста кожа, а обете се сошиени во една целина со шавови и шајчиња. Ваквите нешта и служат на стопало-облеката. И материјалот и нивната форма се разликуваат соодветно на намената, значи, со оглед на тоа дали се наменети за работа во поле или за танц.
    Ваквите точни податоци го објаснуват само она што ние веќе го знаеме. Производобитието на производот се состои во неговата полезност. Но како стојат работите со неа самата: дали со полезноста веќе го подразбираме производовидото на производот? Не мораме ли, за да го разбереме тоа, полезниот производ да го побараме на самото место во неговата примена? Обувките ги носи селанката во поле. Дури овде, во полето, тие се она што тие навистина се. Тие тоа се толку повеќе поверодостојно, колку помалку селанката при работата мисли на обувките или пак, нив воопшто не ги погледнува или дури и не ги чувствува. Таа стои и се движи со нив. Обувките така навистина служат. Во ова дејство на ползување на производот мора навистина да можеме да се сретнеме со производовидото.
    Напротив, се додека си замислуваме само општо едно рало обувки, или во претставата ги гледаме само овие просто овде пред нас поставениве, празни неупотребени обувки, се дотогаш ние нема да дознаеме што е навистина производобитието на производот. Посматрајќи ја сликата на Ван Гог дури нема да можеме да утврдиме каде се положени тие обувки. Околу тоа рало селски обувки нема ништо за што тие би биле наменети и каде би можеле да припаѓаат, туку има само еден неопределен простор. Едноставно, само едно рало селски обувки и ништо повеќе. И сепак.
    Од темниот отвор на износената внатрешност на обувалово џагори маката на трудочекорите. Во сурово благородната тешкост на обувалово е збрана жилавоста на бавниот исчекор низ непрегледно распосланите и секогаш исти бразди на изораното поле, над кое дува студениот, жесток ветар. Врз кожата налегнала влажноста и зрелоста на почвата. Под подлошките се провлекува во недоглед осаменоста на полскиот пат во ноќта што се спушта. Во обувалово трепери и молчаливиот довик на земјата, нејзиниот тивок даропринос на зреечкото жито и нејзината безмолвна себепредаденост во пустинската голост на зимското поле. Низ овој производ се провлекува беспротивниот стравотрепет заради безбедноста на лебот, безмолвната радост заради уште еднаш надминатата неволја, треската пред надоаѓањето на рожбата и трепетот пред загрозата од смртта. На земјата и припаѓа овој производ и во светот на селанката тој е грижливо чуван. Од ова заштитено припаѓање се издигнува самиот производ во висините на својот всебеспокој.
    Меѓутоа, сево ова можеби го согледуваме во обувалово само на сликата. Селанката, напротив, едноставно ги носи обувките. Се разбира, само кога ова едноставно носење би било навистина толку едноставно. Колку често селанката ги собува обувките и ги клава настрана дури доцна вечерта, со чувство на една тешка, но затоа пак, здрава препостанатост, за потем, уште во темницата на мугрите, повторно да ги земе в раце или на празникот само да мине крај нив, и таа толку добро го знае сето тоа без набљудување и посматрање. Поризводобитието на производот, за волја на вистината, се состои во неговата применливост. Меѓутоа, таа самата лежи во изобилството на едно суштествено битие на производот. Ние тоа битие го нарекуваме сигурност. Само со нејзина помош селанката со овој производ е целосно предадена на безмолвниот довик на земјата, со помошта на сигурноста на производот таа е безбедна во својот свет. Светот и земјата се за неа, а и за оние коишто заедно со неа постојат на нејзиниот начин, само така присутни: во производот. Ние велиме “само“ и притоа грешиме; затоа што пред се друго, токму сигурноста на производот на обичниот свет му ја дарува неговата домозаштитеност, а на земјата и ја гарантира слободата на нејзиното постојано пробивање.
    Производобитието на производот, неговата сигурност, ги држи во себе собрани сите ствари, соодветно на нејзиниот начин и опсег. Полезноста на производот, меѓутоа, е само суштествена последица на неговата сигурност. Полезноста трепери во неа и без неа таа не би била ништо. Поединечниот производ бива изветвен и непотребен; но истовремено, со тоа запаѓа во истрошеност и самото употребување, тоа се истенчува и станува изветвено. Така производобитието доаѓа во запустеност. Пропаѓа до обично, голо нешто. Таквата запустеност на производобитието е исчезнувањето на неговата сигурност. Напротив, ова исчезнување, на коешто употребните предмети потоа му ја должат онаа здодевна, нападна обичност, е само сведоштво повеќе за праисконската сушност на производобитието. Изветвената обичност на производот потем се наметнува небаре таа да е единствениот и, навидум за него, исклучиво и единствено својствен битиен вид. Сега е видлива само уште голата полезност. Таа го буди впечатокот, небаре праизлезот на производот лежел во голата изработка, која на еден материјал му втиснува една форма. Напротив, во неговото вистинско производобитие производот потекнува од многу подалеку. Материјалот и формата, но и нивното разликување, имаат подлабок праизблик. 
    Спокојот на всебепочивачкиот производ се содржи во неговата сигурност. Во неа ние најнапред согледуваме што во суштина е производот. Меѓутоа, ние се уште не знаеме ништо за она по кое трагавме од почетокот, за производовидото на производот. Ние во потполност не го знаеме она по кое, всушност, и единствено трагаме: деловидото на делото во смислата на уметничкото дело. Или пак, можеби сега би требало несакајќи и несвесно, небаре патемно, веќе да имаме дознаено нешто за делобитието на делото?
    Значи, веќе го најдовме производобитието на производот. Но како? Се разбира, не со помош на опишување и објаснување на едно, вистински пред нас постоечко, обувало; не со помошта на некој извештај за постапката на изработка на обувки; исто така, ниту низ посматрањето на една овде или на друго место присутна вистинска употреба на обувките, туку само со тоа што застанавме пред сликата на Ван Гог. Таа говореше. Во близината на делото мигновено се најдовме на едно сосем друго место од она на коешто обично милуваме да престојуваме.

    Category: My files | Added by: Вељанко
    Views: 175 | Downloads: 0 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025