Бошко Смаќоски
ПРЕМОРЕН ОД ЉУБОВ
Преморен од љубов у творење песни
ко шума сум молња врз која ќе блесни-
осветлена, мека, спокојна и строга,
а во неа, всушност, се е смрт и оган.
До кога ќе горам да не види никој,
душо моја бела, забранета слико?!
Мост сум во див предел, над корито речно -
осуден на самост, осуден на вечност!
Наутро се будам со зборови нови,
низ мене од еден во друг свет се плови,
на секоја болка треба да се смеам -
песни, јас ве плачев, други ќе ве пеат!
Небото е крзно од цицалче ѕвере,
ливада низ која млад пелин сум берел -
отвори се, мисло, град разгради чесно -
и светот ќе збесне од што му е тесно!
Лево - меѓа, десно - карпа лета црна,
заборав и пепел над празникот врнат!
Се што оди - оди, се што пее - пее,
додека ти мрзнеш - другите ги грееш!
Ко патник на пол пат и меѓу два града
ќе заспијам молком под топола млада
и, можеби, светот тогаш ќе ме сони,
барем една солза за мене ќе срони.
Преморен од љубов, од што многу думам -
молња сум што блеска над успана шума
во која се дише само да се дише,
каде цар е грмот, а не борот вишен!
|