Бедри Рахми Ејупоглу
Поведете ме и мене
На вашиот голем брод
Дајте ми и мене колку еден грст место!
Да се испредам како јута и да ви се предадам
Простирајте ме над вашите маси од трска
Поведете ме и мене.
Поведете ме и мене патници
Усниве распукани ко земја
Да ги расквасам на чешмите наречени желби.
Поведете ме и мене патници
Да го искорнам и исфрлам пред вас
Срцето мое што е зелено,
Забите во Кина, коските во Бухара да ги продадам,
Роб да ви бидам, слуга да ви бидам
Поведете ме патници и мене!
Ѕвездени ноќи во далечините!
Умеат да прикажуваат раскази за дваесет и пет години
Ми раскажаа дека се многу убави далечините
Ќе ви ги раскажам сите приказни за моите ѕвезди
Поведете ме и мене
Во морето падна една убава бела роза
Ќе ви кажам зошто таа роза падна в море.
Ќе ја земам таа роза и ќе ви ја дадам,
Поведете ме и мене.
Пред прозорецот застана еден голем брод
Од дупките му се разлеваше светлина.
О господе! Кога и во мене би горела волкава светлост
Сиот свет би бил мој.
Во најтемните твои небеса има грозд ѕвезди
А во мене темнини каде што не стапнала човечка нога.
Од “Современа Турска Поезија - Фахри Каја“
|