Цариградска тајна стара 143 години
Патријархот Самуил заедно со синодот на Цариградската патријаршија фалсификувал документи со кои укинување на Охридската патријаршија наводно барал самиот Арсениј, архиепископ на Охридската архиепископија, заедно со епископите и со верниците. Според таквото фалсификувано барање, главна причина за укинување на Охридската архиепископија е нејзиниот финансиски крах, но и на сите епархии со кои управувала. Но вистинската причина за укинување на Охридската архиепископија е желбата патријаршијата во Цариград, односно Грците да ги приграбат за себе сите 31 епархија со кои раководела Охридската архиепископија.
Според истражувањето на Гаврил Крстовиќ од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на Турската Империја во врска со укинувањето на Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи.
ШЕСТ ЕПИСКОПИ-ПРЕДАВНИЦИ
Вселенскиот патријарх Самуил и Светиот синод на Вселенската патријаршија со смислена игра за наводни финансиски проблеми на Архиепископијата во Охрид успеал да издејствува од султанот Мустафа Трети, син на султанот Ахмед Трети, одлука со која се укинува Охридската архиепископија, а целокупниот имот, заедно со верниците, во пакет, се префрла во надлежност на Вселенската патријаршија со седиште во Цариград. Во документите до кои дошол Крстовиќ, меѓу другото, стои дека Вселенската патријаршија меѓу причините за укинувањето на Охридската архиепископија, освен катастрофалната финансиска состојба и молбата на шест епископи на Охридската архиепископија, по народност Грци, кои молат да се припојат кон Цариградската патријаршија, затоа што албанските качаци ги уништиле епархиите со пљачкање, убиства и палежи, како важна причина ги наведува и честите, речиси постојани промени на архиепископот, кои тие ги нарекуваат несреќни и недостојни. Ваквото тврдење на патријархот Самуил Ханџера упатено до Портата воопшто не е точно, зашто пред Арсениј, последниот охридски архиепископ, не станува збор за чести промени на престолот. Имено, само двајца архиепископи владееле кратко, а тоа се Јеремија, кој починал брзо по назначувањето, и Ананија, кој бил сменет затоа што сосила седнал на архиепископскиот трон во Охрид. Во истиот документ на патријаршијата, кој наводно бил упатен до султанот, а со кој се бара укинувањето на Охридската архиепископија, може да се види дека укинувањето на архиепископијата наводно го бараат сите епископи и сите христијани од Македонија. Но дали овој документ, односно дали ваков документ стигнал до султанот?
Според истражувањето на Крстовиќ, кој особено бил заинтересиран за укинувањето на Пеќската патријаршија, но истовремено ги анализирал и документите поврзани со укинувањето на Охридската архиепископија, во архивата на Високата порта, нема никаков документ со кој наводно епископите и верниците-христијани од Македонија поднеле некакво барање за укинување на Охридската архиепископија до султанот. Постои некаков запис во еден царски берат со кој се нотира барањето за укинување на Охридската архиепископија и нејзино припојување на Цариградската патријаршија од страна на патријаршијата и синодот, кои всушност молат да се нареди да се запише во документите на портата припојувањето на Охридската архиепископија кон патријаршијата, со забрана Охридската архиепископија некогаш да побара отцепување од патријаршијата.
Значи, записникот од архивата на портата само потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија не е барање на архиепископот, народот и свештенството во Македонија, туку намера и желба на патријаршијата. Имено, укинувањето е одобрено по барање и предлог, односно по молба од страна од вселенскиот патријарх и синодот на патријаршијата во Цариград.
ГОРКИ ЗБОРОВИ
Според овие сознанија, укинувањето на Охридската архиепископија е дело на патријархот Самуил и синодот на грчката патријаршија во Цариград, а приказната дека тоа се прави по барање на свештенството и народот е чиста лага. Значи, нема никакво барање од народот за укинување на архиепископијата и нејзино припојување на патријаршијата, а нема никаква молба ниту од архиепископот Арсениј, туку само негова оставка, која е поднесена под притисок на шесте Грци, митрополити на Охридската архиепископија, кои во дослух со патријархот Самуил ја имаат замислено, испланирано и реализирано комплетната стратегија и акција околу укинувањето на Охридската архиепископија.
Самиот чин на укинување на архиепископијата пред султанот се правда со некаква грижа, односно желба да им се помогне на верниците што молат да се спасат од пропаста во која е пропадната Охридската архиепископија. Основната цел на проектот за укинување на Охридската архиепископија всушност е уништување на националната свест кај народот, која засилено почнува да се пројавува под патронат на Охридската архиепископија. Дополнителен мотив за таквиот проект на Самуил е можноста да се соберат дополнително пари за патријаршијата, која до гуша е во големи долгови кон Високата порта, кои мора да се платат.
Од друга страна, дека архиепископот Арсениј ниту некогаш напишал молба за укинување на Охридската архиепископија, ниту пак некогаш се согласил со такво нешто, сведочи и настанот што се случил за време на неговото заточение во манастирот „Зограф" на Света Гора. Имено, неколку години подоцна, токму поради финансискиот крах на патријаршијата и големите злоупотреби на средства од патријаршиската каса, на Света Гора привремено бил заточен и самиот Самуил, патријархот што го испрати на заточение Арсениј, последниот охридски архиепископ. Според запис на отецот Нестор, но и според сведоштвата на монасите во манастирот „Зограф", еден ден Арсениј и Самуил случајно се сретнале во дворот на манастирот, па сите имале можност да видат како Арсениј со горки зборови го прекорувал и проколнувал Самуил за укинувањето на Охридската архиепископија. Притоа треба да се знае дека Самуил е Грк, а Арсениј е Македонец од семејството Беласчеви од Охрид.
ПРЕКРАСНИ ЕПАРХИИ
Според османлиските документи со кои може документирано да се реконструира вистината за укинувањето на Охридската архиепископија, недвосмислено е дека Самуил, патријархот на Цариградската патријаршија, во време на укинувањето на Охридската архиепископија, употребил само лаги и клевети, тврдејќи дури и тоа дека автономијата на Охридската архиепископија, со нејзините словенски архиепископи, постојано се бори за политичко отцепување од портата. Освен тоа, според Грците, во патријаршијата во Цариград, архиепископијата била во големи долгови, но и во постојани кавги меѓу епископите што наводно крваво се бореле за тронот, а останувале многу кратко на него, и ништо не се менувало во раководењето.
Заедно со сите тие лаги, Самуил обезбедил и поткрепа од шест митрополити од 31, колку што во тоа време имала Охридската архиепископија, да го поддржат во лагите за пропаста на архиепископијата и опасноста од нејзината автономија. Сето тоа, заедно со лажното барање на верниците, го искористил за да ја убеди Високата порта да ја укине Охридската архиепископија, да го укине тронот на самостојната Македонска црква, односно да ја припои на Цариградската патријаршија. Самиот чин на укинување на Охридската архиепископија е противзаконска и антиканонска постапка во чија основа лежат користољубието, властољубието и омразата на патријаршијата, која, како што вели Георги Беласчев, праправнук на архиепископот Арсениј, преку Гркот Самуил по секоја цена сакала да ги потчини под нејзина управа „прекрасните епархии на Македонија".
Факсимил на ферманот од 1758 година, девет години пред укинувањето на Охридската архиепископија со кој султанот забранува да се врши притисок врз Архиепископијата поради претходните долгови, со што се обидел да ја спаси од укинување
Ферман за укинување нема!
За да се увери дека не постои никаков документ со кој самата Охридска архиепископија наводно бара припојување кон Цариградската патријаршија, во 1867 година, значи сто години по укинувањето на Охридската архиепископија, Гаврил Крстовиќ писмено се обраќа до Високата порта во Цариград со молба да му се издаде препис од Високата заповед со која се укинува Охридската архиепископија. Потоа запишал: „Откако беше примена нашата молба, веднаш бил побаран таков документ во архивата, но одговорот што стигна беше дека висока заповед или ферман за укинување на Архиепископијата во Охрид нема. Постои само краток запис на крајот од еден лист на записник со молба од патријархот Самуил за укинување на Охридската архиепископија. Освен препис од тој записник добивме и препис од берат со кој се поставува првиот митрополит на Цариградската патријаршија во Охрид по укинувањето на Охридската архиепископија. Станува збор за митрополитот Григориј Драченски. Со двата документи само се потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија е направено по барање на Цариградската патријаршија, со молба и мазар на Цариградскиот патријарх и Светиот синод".
|
|