– Тие влегоа на главниот плоштад и ја искршија статуата на Богородица, а гратчето го гранатираат од блиските планини. Веќе ги уништуваат вредните икони и ги повикуваат христијаните да прејдат на ислам, зашто во спротивно… Две гранати го погодија и манастирот „Света Текла“ – изјавил еден од преплашените жители на гратчето.
Екстремистите го држат гратчето под опсада, а христијанските цркви се под силен артилериски оган, а храмот на свети Илија бил запален и зградата претрпела значителна материјална штета. Ако наскоро не се преземе нешто, светот во 21 век ќе биде сведок на исчезнувањето на една култура и цивилизација во малото сириско гратче кои траеле преку 1.000 години.
Муслиманското население од гратчето и од околината уште од понеделникот ги предупредило христијаните дека нападот е неизбежен и апелирало да се обидат да се спасат зашто ако им паднат живи в раце, екстремистите нема да имаат никаква милост кон нив, пренесуваат ватикански извори.
Политичарите на Запад очигледно не се заинтересирани за судбината на христијанската заедница во Малула, на која ~ се заканува уништување, па на тие луѓе им преостана единствено молитвата и надежта дека ќе се случи чудо што ќе ги спаси од геноцид.
Предупредувањата за можниот геноцид врз христијаните и за уништување на ова христијанско катче ги вознемирија и папата Франческо и големиот муфтија од Дамаск, Ахмад Бадредин Хасу, како и останатите верски авторитети, кои денес во Ватикан ќе му се придружат на молитвеното бдеење за спас на Сирија, за спречување на насилствата, но и на најавената воена интервенција во земјата.
Истовремено силите на сирискиот претседател, Башар ал Асад, распоредиле тешка артилерија околу местото Малула каде се воделе борби меѓу бунтовниците и силите на режимот.
Директорот на сириската Опсерваторија за заштита на човековите права, Рами Абдул Рахман, рекол дека околу Малула се распоредени тенкови и оклопни возила.
Трупите на Асад во средата се судрија со припадниците на организацијата Џахбха ал Нусра, која војува на страната на бунтовниците, а е поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда.
Извор: "Денешен Весник"