Сомалиската исламистичка група Ал Шабаб денеска се закани дека нејзините борци ќе ги убијат заложницита кои ги држат во трговскиот центар „Вестгејт мол" во кенискиот главен град Најроби.
- На муџахедините во зградата им одобривме да дејствуваат врз заложниците, се наведува во соопштението на групата објавено на една исламистичка интернет страница.
Ал Шабаб тврди дека е во контакт со своите припадници, кои се забарикадирани во „Вестгејт мол" и држат засега неутврден број заложници.
Кениските сили за бебедност утринава преземаа нов напад врз исламистите во „Вестгејт мол", од каде се слушаше интензивна престрелка во траење од околу 15 минути, а потоа одекнаа и три експлозии.
Во текот на ноќта кениската армија соопшти дека ги изолирала напаѓачите, кои се уште држат „не повеќе од 10 заложници".
- Бројот на заложниците, кои ги држат во зградата, не е поголем од 10 лица, изјави воениот портпарол, полковник Сајрус Огуна.
Тој истакна дека не може да го прецизира точниот рок за завршување на спасувачката операција на безбедносните сили, кои се поддржани од израелски експерти за антитероризам.
Повеќето заложници биле ослободени од кениските сили, кои го контролираат поголемиот дел од зградата на трговскиот центар. Во операцијата за прекин на опсадата биле повредени четворица војници.
Според најновите податоци на кенискиот Црвен крст, од почетокот на нападот врз шопинг центарот во саботата загинале најмалку 68 лица.
Меѓу жртвите се роднина на кенискиот претседател Ухуру Кенијата и на неговата вереница, кенискиот поет и дипломат Кофи Авнор, Рухила Адатија-Суд која е сопруга на американски дипломат и популарен телевизиски и радиоводител во Кенија, најмалку тројца Британци, две Французинки, двајца Канаѓани, вклучувајќи и еден дипломат, Холанѓанка, Кинеска, двајца Индијци, меѓу кои и осумгодишно девојче, Јужноафриканец, Новозеланѓанец и Австралиец, кој имал и британско државјанство.
Преземајќи одговорност за нападот сомалиската исламистичка група Ал Шабаб, соопшти дека тој претставува одмазда за кениската воена интервенција во Сомалија.