Кандидатот на владејачката партија освои 64 отсто од гласовите, додека главниот противкандидат, поддржуван од Саакашвили, само 21 процент
Кандидатот на владејачката партија „Грузиски сон" Гиорги Маргвелашвили победи на вчерашните претседателски избори во Грузија.
Според првичните резултати, тој освои околу 64 отсто од гласовите на Грузијците, додека неговиот главен противкандидат Давид Бакрадзе, поддржуван од актуелниот претседател Михаил Саакашвили, освои само 21 процент.
Конечните резултати може да бидат поинакви, но се верува дека тоа нема битно да ја измени ситуацијата, па Бакрадзе уште доцна синоќа го призна поразот.
Таквата разврска на претседателските избори означуваат крај на владеењето на Саакашвили, кој претходно освои два едноподруго мандати и десет години беше претседател на Грузија. Тој синоќа изјави дека го почитува мислењето и ставот на мнозинството од гласачите.
Маргвелашвили е сојузник на актуелниот премиер и милијардер Бидѕина Иванишвили, па победата на претседателските избори само уште повеќе ќе ја зацврсне позицијата на партијата „Грузиски сон".
Иванишвили и претседателот во заминување Саакашвили се остри политички противници. Саакашвили водеше прозападна политика, најави влез на Грузија во НАТО и во ЕУ, влошувајќи ги поради тоа односите меѓу Тбилиси и Москва, што кулминираше со краткотрајниот воен судир во август 2008 година. На внатрешен план,тој спроведе низа реформи,во настојување да ја совлада корупцијата, но земјата и натаму остана една од најсиромашните во Европа. Иванишвили, не ги признава постигнувањата на претседателот во заминување, нарекувајќи го „лажго" и „диктатор" кој би требало да биде обвинет за криминалот во текот на неговите два мандата.
Иванишвили најави дека ќе се повлече од премиерската функција, објаснувајќи дека со победата на неговата партија на претседателските избори ги исполнил политичките цели.
Извор: “Утрински Весник“
|