ПОДЕЛБА НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ВО СРБИЈА
СПЦ ДОБИ СПЦ-ВИСТИНСКА
Српската вистинска православна црква е нова црковна организација која неодамна е создадена во Србија заради незадоволството од начинот на кој СПЦ го проповеда православието во оваа земја. Станува збор за заедница на неколку илјади верници, монаси и свештеници кои дејствуваат во повеќе градови во Србија и кои сега првпат по повеќе години, конституирале и сопствен синод. На чело на тој синод е епископот Акакиј (Станковиќ), а деновиве прв архијереј на шумадиската епархија е избран епископот Нектариј, чија интронизација е направена со помош на Руската вистинска православна црква. Ова руска црква дејствува во Русија како опонент на Руската православна црква и таа веќе претходно го ракоположила отец Акакиј како епископ.
Со руска помош
На овој начин, освен СПЦ, во Србија веќе има уште три православни заедници бидејќи од пред неколку години дејствуваат и артемиевци, приврзаници на расчинетиот поранешен рашко-призренски владика на СПЦ, Артемије, како и гркокатолиците. Артемиевците, познато е, веќе подолго време дејствуваат како хомогена структура, која има околу 5.000 верници, монаси и свештеници и се остро конфронтирани со Српската православна црква. Сега на тие позиции застанува и Српската вистинска православна црква.
- Ова нова верска заедница и досега дејствуваше во Србија, но немаше организациона структура. Тие деновиве испратила допис до своите собраќа во Русија, во која се заблагодаруваат за помошта во интронизацијата на епископот Некатриј, што се случила на 27 октомври во селото Утешителево во храмот „Света Троица". Се работи за структура на верниците кои себеси се нарекуваат „правоверни и вистински следбеници на православната вера". Со верски речник кажано, тие се зилоти, кои се дефинираат како антиекуменисти, антипаписти и кои сметаат дека СПЦ е падната во ересот на екуменизмот - објаснува Живица Туциќ, верски аналитичар од Белград.
Не се агресивни
Според сознанијата, акакиевците имале центри во повеќе градови во Србија - Неготин, Смедерево, Белград, а дејствуваат главно во објектите што ги приспособиле за свои верски храмови. Инаку, имаат слична структура како и вообичаените православни цркви, што значи дека имаат и монаси, монахињи и владици. Вакви заедници на „вистински православни цркви" не се реткост во православните земји - во Грција, на пример, ги има десетина и обединуваат околу половина милион верници, како и во Русија. Но, ГПЦ и РПЦ нив ги нарекуваат „отпадници од православната вера".
- Бројноста на акакиевците во Србија не е толкава за сега да може да го загрозат влијанието на СПЦ. Но, никогаш не се знае. За нив е карактеристично и тоа што не се агресивни во своето однесување, туку своите верски убедувања ги искажуваат на мирен начин. За разлика од нив, артемиевците се многу повеќе агресивни во своите истапи. Иако овие две групи практично проповедаат исто, не очекувам дека меѓу нив може да дојде до некое убедување - проценува Туциќ.
Српскиот епископ Атанасије Јефтиќ зилотите неодамна ги нарече расколници, иако тие си се сметаат за единствени вистински православци. Тие сметаат дека не треба да се примаат благослови од свештениците на СПЦ оти тие за нив биле „лажни". Според информациите, повеќе српски патриотски организации, кои дејствуваат од странство, стојат на страната на зилотите.
Бранко ЃорЃевски
KОЈ Е ЕПИСКОПОТ АКАКИЈ
Отец Акакиј, кој сега има 43 години, потекнува од Нови Сад, а негово световно име е Немања Станковиќ. Во младоста беше приврзаник на скинхедсите, а потоа решил да го смени животот. Првин бил искушеник во манастирот во Kовиљ, а потоа во Русија и на Света Гора во Грција, каде што се замонашил. Но, и покрај тоа, се решава пак да стане искушеник, но сега во манастирот на зилотите „Есфигмену" на Света Гора, познат по своето спротивставување на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На знамето на овој манастир, кое е во црна боја, пишува: „Православие или смрт". По исфрлањето на зилотите од овој манастир од страна на грчката полиција, тој се вратил во Србија и во викендичката на своите родители на Фрушка Гора почнал да ги просветува Србите. Поради тоа епископот бачки Иринеј го исклучил од СПЦ.
Извор: “Дневник“
|