Со неговиот „Белиот тигар" беше отворена ревијата која деновиве ќе се прикажува во 15-ина града во земјава. Шахназаров е директор на продуцентската куќа „Мосфилм". Тој е најзначајната личност што продукцијата ја спасила од пропаст пред 15-ина години.
„Палата бр.6", „Ние од џезот", „Отрови", „Град Зеро", „Љубов во СССР" се само дел од филмовите што ќе може да ги види публиката. Во Скопје филмовите се прикажуваат во киното „Фросина", како преднајава за фестивалот „Синедејс", што ќе почне на 14 ноември.
Шахназаров (1952) е еден од најплодните руски режисери. Ги освоил големите руски филмски награди. За неговиот филм „Убиството на царот", Шахназаров бил номиниран во Кан во 1991 година. „Филмот „Ден на полната месечина" во Карлови Вари освои специјална награда од жирито, а „Американска ќерка" (1995) освои Гран-при во Шангај.
Вели дека со радост ја прифатил поканата да дојде, зашто Македонија е словенска земја што ја чувствува многу блиска.
- Сакав да придонесам во зајакнувањето на културните врски помеѓу двете земји. Ова е мала честичка за тоа што треба да правиме, зашто во последно време се чувствува дефицит во културните односи. Голема чест е што мои филмови се прикажуваат во Македонија. Моја работа е да произведувам филмови и да ги прикажувам. Ваквите средби можат да помогнат и за македонскиот филм да дојде во Русија. Треба само иницијатива од ваша страна. Во Русија се одржуваат и фестивали на кои со задоволство би биле примени вашите филмови. Србите на пример се многу застапени во Русија – рече Шахназаров.
Тој ја води најголемата европска филмска продукција „Мосфилм" од 1998 година, кога фирмата била пред пропаст.
- Првите години беа многу тешки, а битката е постојана. Ми помагаа луѓе што работат со мене. Иако е државна установа, државата воопшто не помагаше кога требаше. Денес кога студиото е во одлична состојба и држава сака да учествува. Немаме пари од државата и работиме по принцип на самоодржување. Чекор по чекор го подобрувавме студиото. Неколкумина влеговме со свои пари, државата воопшто не помагаше. Денес имаме модерно студио кое работи 100-ина проекти годишно од кои 70 отсто се главно серии, а остатокот – филмови. Таа може да му даде пари на некој продуцент, па тој може да снима кај нас или може и во странство да снима. Функционираме во пазарни услови, да понудиме добри цени. Просечниот буџет на еден современ руски филм изнесува околу 1 милион евра. Но, може и поевтино да се помине, а можно е и со 10 милиони евра. Мецени има, ама малку се – објаснува Шахназаров.
Присуството на Шахназаров е многу важно и се радувам што е во Скопје, зашто тој индиректно придонесе за мојата работа на Филмскиот фонд. Неговите креативни идеи и дух не водеа во донесувањето одлуки, со оглед на тоа дека тој успеал да ја спаси „Мосфилм" од пропаст – вели директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески.
Во духот на старите словени, му понудивме гостопримство на Шахназаров и почестени сме што е со нас, истакна директорот на МКЦ Златко Стевковски. Сите филмови што ќе бидат прикажани Шахназаров ги обезбеди за Македонија. Шесте филма ќе и бидат подарени на Кинотеката на Македонија, сосе титловите на македонски јазик. Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотеката на Македонија го оцени гестот како особено значаен.
Извор: “Дневник“